Сретение во Бигорски

Сега го отпушташ Твојот слуга, Владико, според зборовите Твои во мир; зашто го видоа очите мои спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи, светлина за просвета на незнабошците и слава на народот Твој Израил.

(Лука 2,29-32)

Овие зборови на праведниот Симеон го означуваат крајот на еден долг период, илјадници години, за време во кое луѓето живееле без Бога. Поминале илјадници години откако Адам ја пролеал својата прва солза, оттогаш кога за прв пат заплакал на оваа земја во која повеќе не Го пронаоѓал среде созданија Негови.

Сета земја, сиот човечки род копнеел по оној ден во кој најпосле ќе Го сретне уште еднаш Бога лице в лице. И ете, дојде тој ден: Бог стана човек, се роди во бедна пештера во Витлеем; Вечниот влезе во времето; Несместливиот и Бесконечниот се потчини на ограничувањата на времето и на просторот.

Оној Кој е самата светост влезе во светот на гревот, на денот на Неговото Крштение, со тоа што се потопи во водите на Јордан, во кои луѓето ги измивале своите гревови; се потопи во водите на реката како во мртвите води на митологијата и на човечките измислици и излезе од неа натоварен со смртноста на луѓето, за кои дојде да ги спаси.


Сретение Христово

Денес го чествуваме Сретението Господово, Неговата средба со првата личност, освен со Неговата Мајка, праведниот Јосиф и сведоците на Неговото Рождество, којашто личност, по вдахновение на Светиот Дух, почувствува дека Он е Бог. Трагедијата на лишеноста од Бога што ја наоѓаме во Стариот Завет и во незнабожечкиот свет – заврши. Господ е со народот Свој; полнотата на Неговото Божество повторно почива врз оваа земја.

Сретението на Христа се случува, пред сè, на лично ниво. Господ сака да се среќава се секој човек одделно, а омилено место за средба Му е човековото срце. Молитвата, постот придружен со добри дела и светата Причест се средствата преку кои човек Го среќава својот Создател во секојдневниот живот. И таа посакувана средба на двете личност, човекот и Бог, станува среќа за двете нив. Бог се радува со радоста на своето создание, а човекот се чувствува силно возљубен, заштитен, спокоен, во прегратките на небесниот Татко.

Ете таква средба и среќа беше за нас синоќешното бдение и денешната Божествена Литургија, под тајноводство на нашиот богољубив пастир и старец, Епископот г. Партениј, а во чест на Сретението Господово. Впрочем, како што често повторува нашиот старец, секоја Литургија за верникот претставува вистинско сретение. „Бог, бидејќи премногу нѐ љуби и сака да живее во нас, ги согорува нашите прегрешенија, ги очистува нашите беззаконија, ја поправа нашата недостојност и си гради дом во нашето срце, коешто Му е највозљубено место за пребивање“.