Молитвен спомен за Охридскиот Архиепископ Доситеј Возобновител

Архиепископ Доситеј Возобновител

Денес, на споменот на чудесното јавување на светиот Крст на небото над Ерусалим, се навршуваат 41 години од блаженото упокојување и преселување во духовното Небо на првиот Архиепископ на возобновената Охридска Архиепископија – нашиот возљубен духовен архипастир г. г. Доситеј Возобновител, во 1981 година.

Нашата благодарност кон Бога е голема што ни го издигнал овој добродетелен архипастир, светогорски монах и татко на монасите, роден на 7 декември 1906 година, кој во монашкиот живот зачекорил во 1924 година, замонашен на својата 17 годишна возраст од тогаш меѓу народот многу познатиот и омилен духовник, јеромонахот Григориј, во Манастирот Пречиста – Кичевска. 

Архиепископ Доситеј во текот на својата пастирска служба покажал невидена смелост, пожртвуваност и љубов кон својот народ, Црква и Татковина. Зашто, благодарение на неговата храброст и пожртвуваност, како и на сите други кои целосно се посветија на тоа благородно дело, особено по Втората светска војна, 200 години по укинувањето, повторно е возобновена нашата славна Охридска Архиепископија. И како одговор на сите оние кои скептично мислат дека таа одлука беше погрешен чекор, би рекле само дека прашање е дали воопшто ќе добиевме своја држава во 90-те години, доколку не се случеше тоа возобновување на Охридската Архиепископија, бидејќи токму Црквата и домородниот клир беа особено неопходни и заслужни, за да се поткрепи и негува слободарскиот дух кај народот и неговата самосвесност за посебна припадност, што помогна тој да се ослободи од великосрпскиот хегемонизам, кој особено владееше во редовите на Српската православна црква, во лицето на нејзините стари етнофилетистички настроени митрополити. Така се спречија силното настојување и апетити на овие архиереи, кои сакаа преку политичка поддршка да се вратат во нашата земја, иако беа крајно неомилени кај народот. Навистина ние никогаш не смееме да го заборавиме она што Архиепископ Доситеј го направи за нас, не смееме да ја погазиме одлуката којашто беше донесена уште пред повеќе од половина век и со која на овој народ му се запази најпрвин самобитноста, за потоа со Референдумот од 1991 година, да се создадат и услови тој да го направи вистинскиот избор за своја сопствена, независна држава.

Вечно ќе си спомнуваме за него во своите скромни молитви и просиме од него да се застапува пред Бога, по молитвите на нашите славни и свети духовни татковци, Светите Климент и Наум Чудотворци, успешно да се доведе докрај процесот за автокефалноста на нашата помесна православна Црква. Неговиот дух сега се радува на Небото со одуката на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, со која Црквата што тој ја обнови, Патријархот ја прогласи за канонска. Се надеваме дека заради неговото свето и благородно дело и неговиот храбар чекор, Господ ќе ги услиши неговите и наши молитви за помирување и исправање на неправдите во православната екумена, така што нашите браќа од Православната Црква на Србија целосно ќе ја поддржат Вселенската Патријаршија за конечното решавање на прашањето во духот на Христовото братољубие.

Нека му биде споменот вечен на овој Христов великан и голем црковен и народен деец!