Чиста среда (тримир) – благословот на блаженото тридневие

Мир, спокојство и сладост беше изминатово посно тридневие, поминато во потполно воздржание од јадење и пиење. Време кога се оставија сите животни грижи и немири. Беше едно вистинско патување кон небесната Татковина, пловење кон тивкото пристаниште, предвкус на Царството Небесно. Тешко е да се опише со зборови навлегувањето и барањето на корените на своето битие, допирањето на границата помеѓу човекот и Бога, средбата со паднатиот Адам во себеси, но воедно и средба со силата и благодатта на Новиот Адам – Исуса Христа. Неземни искуства и таинствени нешта се случуваат во нашата света вера.

Подобно на Христовото тридневно пребивање во гроб, а потем и славното Воскресение, така и посниците во Бигорската, Рајчичката и Пречистанската Обител, потопени во душевните си длабини, низ самоиспитување, покајание и исповед, во ова севоздржливо тридневие, денеска со силата на Исуса Христа Воскреснатиот, совоскреснуваат, причестувајќи се со пречистите небесни дарови, Телото и Крвта на Спасителот Христа.

Навистина за восхит беше глетката како многу млади луѓе од разни места собрани во името и љубовта на Христа ја поминаа аскезата на тримирот и сите пристапија кон Светата Причест. Радоста на старецот и игумен, Епископот г. Партениј беше особено видлива, преку кого ни се испраќаше татковска љубов и архиерејски благослов.

Првата Литургијата на претходноосветените дарови, тајноводена од нашиот Старец Партениј, ни излеа вистинска светлина во нашето битие, бидејќи го примивме Духот Небесен. Закрепнати од таинствената храна која е лек за бесмртност, го продолжуваме преблагословениот пат на Светата Четириесетница, итајќи во пресрет на најважните настани во историјата – Страдањата и Воскресението на Господа Исуса Христа. 

Нека овој тридневниот подвиг биде за духовно издигнување и благослов на сите луѓе, особено во нашата Татковина, и за мир и благосостојба во целиот свет.