Сеноќен подвиг на покајничко стоење пред Бога

Ниедна друга духовна дејност не го поставува човекот толку блиску до Бога како покајанието. Не привременото душевно чувство на раскајание, туку постојаното дејствително покајание, искреното соочување со сопствената грешност и смиреното, но усрдно обраќање кон Бога. Тоа е внатрешниот духовен труд што светата Црква го посакува од нас и така грижливо кон него нè приведува, особено сега кога посното патешествие полека наближува до својот крај и Страданијата на Спасителот веќе се наѕираат.

Затоа, среде оваа Петта седмица од Великиот Пост, Црквата ни го положила бдението на кое се чита Житието на преподобната мајка наша Марија Египетска – најсилниот пример на покајание, и Великиот покаен канон на светиот отец наш Андреј Критски.

„Од каде да започнам да ги оплакувам делата на мојот беден живот? И што да ставам за почеток на моето сегашно ридание, Христе? Но, како Милосрден, дај ми прошка на гревовите“.

„Оди, бедна душо, со телото твое, на Творецот на сите исповедај се, и од поранешното безумство натаму ослободи се; и, во покајание, на Бога солзи принеси Му“.

Со боговдахновена вештина големиот Критски химнограф ги слика пред нашите очи личностите и настаните од свештената историја, за преку паралели да ги поврзе со настани од нашиот сопствен живот; делата Божји од минатото – како дела кои се однесуваат лично на нас и на нашето спасение; трагедијата на гревот, како наша сопствена трагедија. Еден по друг излегуваат гревовите од мракот на најтаинствените длабини на срцето и со самото тоа тајноводство до нашето скриено внатрешно битие, Великиот Канон и Житието на Света Марија нѐ приведуваат кон живоносното покајание, покајание не само заради своите лични гревови, туку и за гревовите на сиот свет, на сите оние што отстапиле од Бога, а и на оние што не знаат за Него и за Неговата бескрајна милост, па поради тоа безмерно страдаат. Зашто сите ние сме внуци Адамови и длабоко во себе ги носиме трагите на неговата падната природа и само Божјата милост е таа што нѐ чува од секакво прегрешение.

Во една таква умилителна духовна атмосфера на долгото бдение синоќа, во која просторот и времето како да ги губат своите граници, атмосфера која со зборови навистина и не може да се опише, најголем дар од Бога за нас беше покајничкиот глас и дух со кој нашиот Старец, Епископот г. Партениј, го читаше Житието на Преподобната Марија и Канонот на Свети Андреј Критски. Беше тоа едно небесно покајничко оросување за нас, кое благодатно ги освежи нашите од гревот свенати души, поттикнувајќи ги на покајание. А и самиот наш Старец, напоен од тие чудесни и бескрајно длабоки кладенци на покајанието, како Добриот Пастир нè повика уште еднаш на духовна будност и покајнички подвиг:

Да не заспиваме, браќа мои, да бидеме будни, да ги слушаме овие зборови, напишани не од човечка ученост, туку од лично искуство и доживување на луѓе, кои преку Божјата благодат и личниот подвиг на покајание, станале големи созерцатели на неискажливи духовни тајни. Ете, тие зборови нè повикуваат да се каеме за нашите гревови, ни помагаат да откриеме дека ние, можеби, ја надминуваме и самата Марија Египетска во нашите гревовни дела и помисли. Затоа, да се каеме, мили мои, да се каеме за сопствените гревови, но и за гревовите на сите луѓе. Оти, не треба многу да се потрудиме, за да забележиме дека светот и целото човештво во гревови се потонати, помрачени, богоотпаднати. А нам, Господ, по Неговата неискажлива милост, ни ги отворил очите да го гледаме сето тоа, и да ја гледаме и Неговата спасителна Убавина. Нè удостоил да ги слушаме овие Божествени творби, кои со голема благодатна сила го приведуваат човека кон покајание…

По молитвите на Неговите прекрасни слуги, Света Марија Египетска, на Свети Софрониј Ерусалимски, писателот на нејзиното житие, на Свети Зосим и Свети Андреј Критски, да ни подари нам и на сите луѓе такво големо и искрено покајание, што ќе нè удостои да ја видиме славата и светлината на Христовото свето Воскресение“.