Дождови од покајание и благодат на бдението за Великиот покаен канон и за Св. Марија Египетска

Колку е чудесна, но и апсолутно реална и неизвесна егзистенцијалната драма на човековиот живот и спасението на неговата душа! Предизвикот што секој човек го добива – да живее и да Го спознае Бога, е најголемата чест што може да се добие, а реализацијата на тоа е неискажлива и бескрајна среќа и веселие. Во спротивно, пак, неуспехот во истото е вечна пропаст, „битисување“ во небитие, бегање од Животот и од Љубовта.

Примерот на Преподобната Марија Египетска, која ги поминала и доживеала тие духовни димензии в долж и попреку, во висина и длабочина, имавме можност да го ислушаме и созерцаваме на синоќешното бдение, преку читањето на нејзиното најнеобично житие од трогателниот и продорен глас на нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископ Антаниски г. Партениј.

Откако душите и умовите си ги потопивме во историјата на таа света личност и во нејзиното запрепастувачко покајание и промена, дојде на ред самите да застанеме пред судот на својата совест и да се најдеме пред праведниот Судија Господ, Кому ќе Му положиме сметка за сѐ помислено и извршено од нас во оној последен и страшен ден. А вкусувањто на тие мигови се случија преку пеењето на Великиот покаен канон на Св. Андреј Критски, кој таинствено навлегува во најскриените катчиња на човековата душа и ја повикува да се разбуди.

Со такви духовни богатства и доживувања се исполнивме на бдението, а денес изутрина, измиени преку солзите и покајанието, се допревме и ги примивме самите Тело и Крв на Спасителот наш Господ Исус Христос, на Литургијата на претходно осветените Дарови.

Колку голема сила има блаженото покајание, тоа ги оживува душите, им го враќа сјајот и силата! Со солзи како низ второ крштение, душата воскреснува и полетува, ослободена од робувањето на гревот, пее и Го фали Творецот свој и Спасител.