Петок вечер – Петта солзна молитва

Петок вечер

Душата во жал за Тебе, Владико свети, Ти приоѓа, со солзи жалба против лутиот непријател ти принесува, и со смирение пред Тебе припаѓа, барајќи да ја заштитиш од непријателот кој ја притиска. И бидејќи со незапирлива молба Ти доаѓа, Ти брзо услиши ја, и неа која со љубов Ти приоѓа, со грижлива заштита посети ја. Ако ја презреш, несреќната, таа ќе се погуби. Ако неа, намачената, избегнуваш да ја слушнеш, ќе изгуби сила. Ако, пак, со милосрдието Твое ја посетиш, сочувана ќе биде. Ако погледнеш на неа, ќе се спаси, ако ја сослушаш, ќе се поткрепи. Немој да ја презреш, непријателот да не ја грабне. Ниту за грубите навреди споменувај си, со кои ја огорчив благодатта Твоја, милостив Владетелу, и не постапувај со мене според делата мои, туку напротив, мене грешниот краток рок дарувај ми, за да најдам време за вистинско покајание, благи Човекољупче.

Благодатта Твоја мноштво беззаконија на младоста моја истрпи, па и сега презирот, навредите и лекомисленоста нека ги поднесе. Знам, Господи, дека самиот во Себе си се заколнал дека не ја сакаш смртта на грешникот, туку повеќе би сакал со милосрдието Свое од гревовите да го спасиш. Благодатта Твоја, животољубив Владико со своето милосрдие и добрина секојдневно победува. Ти ги милуваш и ги спасуваш оние што Те љубат. За милосрдието Твое секаде, и во Евангелието, и во Апостолот, се проповеда. За него во сите книги светите Отци и Учители, знајни и незнајни во Црквата кажуваат. Знам за блудниот син, за Манасиј, за разбојникот, Закхеј, цариникот, блудницата, Хананејката, крвоточивата, раслабениот, слепиот, за Јаир и сите останати, и затоа кон Тебе приоѓам; милосрдието Твое отвори ми го, и прими ме. Умот мој нахрани го, зашто често одново во своите стари беззаконија паѓам, и како во кал во нечисти помисли тонам. А благодатта Твоја, доаѓајќи во моето срце, таму смрдеа од лоши мисли наоѓа, заради што веднаш отстапува, не наоѓајки пристап за себе, зашто не може, како што сака, да влезе и да се всели во мене. Срцето мое со блескава сладост измиј го, за да си дојдам на себе.

О, каква е благоста Божја, и какво Божјото човекољубие! Како Он посакува и сите луѓе на спасение ги повикува! Господи, непотребниот слуга Твој поштеди го; поштеди го, милостив Христе, созданието Свое. Ако Ти, Господи, мене бедниот не ме вразумиш, и срдечна просветеност не ми дадеш, јас нема да можам, заради голема расипаност своја, да ги видам немарот и раслабеноста моја. Но, бидејќи сум притиснат од немилосрдниот непријател кој ме мачи, јас со солзи, непрестајно кон благоста Твоја повикувам, за да ме избави од неговите мрежи. Зашто тој своите замки против мене непрестајно ги обновува, и секој час душата моја со блудни помисли и копнеж по задоволства ја измачува. Силата Твоја, Христе, која морските бранови ги запрела, нека и нему му забрани, за да нема никакво влијание врз мене, непотребниот Твој слуга. Испрати ја брзо, Владико, благодатта Твоја, големата змија со сите нејзини гнасни и лукави помисли од Твоите слуги да ја избрка. Бидејќи раните кои на моето срца нејзините стрели ги направија, гнојни чиреви постанаа, а јас во својата неразумност, на секој начин се трудам да ги сокријам. Добриот Исцелител приоѓа кон мене не барајќи плата, ниту, пак, крв ми пушта, но мрзливоста моја не ми дозволува да му пријдам. Он сам да ме исцели доаѓа, и гледа како своите рани ги раскинувам. И кога ќе ги докрајчам јас се каам, но покајанието мое не е искрено.

На секое исцеление Подателу и Отче на милосрдието, Ти си единствен добар и благоутробен Бог, Кој секогаш им даруваш добра на оние што те молат. Бидејќи на себе си ги искусив безмерните исцеленија Твои и добрите дарови што секој ден ми ги праќаше, затоа, ја молам без страв благоста Твоја, незлобив Господи, да слезе и на мене благодатта Твоја, мојот ум во едно да го собере, и повторно моите страшни рани да ги исцели. Зашто еве, разонодите и грижите за минати времиња повторно вниманието ми го обземаат, и не ми даваат за Твоите вечни блага да се погрижам. Но Ти, долготрпелив биди кон мене. Ни небото, ни земјата, немаат со што за исцелителните и благодатни Твои дарови да возвратат. Зашто нема такви богатства со кои би ти возвратиле. За солзите мои, Ти сам ме даруваш, за мојот горчлив плач, вечна наслада ми даваш. О, каква е силата на солзите! Мене, Господи, Твојот недостоен слуга, покајни солзи дарувај ми, гревовите свои да ги измијам, срцето мое да се просвети, и со малку солзи големиот список да биде избришан, со кратковремен плач големиот оган што сам го запалив да биде изгасен . Зашто тие кои овде плачат, од вечниот плач ќе бидат избавени.

Од сите страни помислите свои ги собирам, и уште не сум се ослободил од дејството на лукавите духови кое на воздушниот пат ќе ме задржуваат. Се уште тежината на многубројните мои гревови не сум ја осознал. Она што во грев ме однесе, се уште плодови во мојата плот донесува. Уште колку долго, јас бедниот, без вино ќе се опивам, и немарен за своето, како да е туѓо, ќе бидам? Како лукав слуга против својот господар, така и јас против сопственото спасение лукавства смислувам, како да некој друг ќе го прими на себе мојот труд; да пазам на себе не сакам, и секојдневно долготрпението Tвое го огорчувам. Пред очи ми е мојата беда, а Ти сето тоа по големата Своја благост го трпиш.

Господи, лек за обраќање подари ми, од бедата која во мене живее да се исцелам. Дарувај ми на бојното поле на воздржанието да стапнам; дај ми сите денови на животот мој во скрушеност на срцето да поминат; помрачените очи на мојот ум просвети ги, со усрдност во лозјето Твое да влезам, бидејќи времето на мојот живот се потроши, поминато во суетни и срамни помисли. Времето на живот мој веќе до единаесеттиот час дојде. Коработ со мојот имот, Господи насочи го, на немоќниот трговец дарувај му разум, за трговијата своја, уште додека има време да ја заврши. Зашто часот на исходот дојде, и веќе ми е пред очи; гледајќи го своето сиромаштво многу се исплашив; наместо да се радувам, уште поголем страв ме обзема.

И навистина, душо, доаѓањето на смртта е страшно за страсните, грешните и слабите, кои во овој суетен свет да живеат непорочно не се труделе. Вредните и совршени подвижници на часот на исходот се радуваат. Имајќи го пред очи големиот труд на своето подвижништво, бденија, постови, покајанија, молитви, солзи и облека од пепел, нивната душа ликува, кога се повикани од телото во покојот да преминат. Но грешникот, на кого пред очи му е неговата немарност, таа храна на алчноста, разделувањето многу го нажалува. И нему не ќе му се дозволи било што да каже, бидејќи предност има заповедтта. Какво покајание тогаш ќе го обземе срцето на оној, кој овде бил немарен за своето спасение!

Тешко тебе, душо, тешко тебе! Зошто за својот живот не се погрижиш? Ако повикот ненадејно стигне, што ќе правиш таму, кога немарна си била овде? Пред престолот на праведниот Судија што ќе правиш? Како тоа непријателот те подкрадува, а ти и не забележуваш? Како непријателот небесното богатство ти го одзема, а ти расеана, и не знаеш за тоа?

Долготрпелив Сине Божји и безгрешен Христе заштити ме! Помисла за идниот живот, Спасителу, Дарувај ми, волјата Твоја да ја творам. Барем во староста соработник на Твојата благодат направи ме, за добра трговија да направам со оној талант што Ти самиот, Цару небесен ми го даде. Како јас, расеаниот, пред Твојот страшен престол ќе застанам? Како јас нетрпеливиот и бесплоден, во праведноста која овде носи плодови соучесник ќе станам? По каков живот ќе ме познаат, кога во небесните живеалишта меѓу себе светите и преподобните се познаваат. Праведните, целомудрените и смирените во непристапна светлина ќе чекорат, а грешните, мрзливи, горделиви и вообразени, што безгрижно уживаат во раскош, во вечен и неизгаслив оган ќе горат.

О, неразумна душо! О, душо бесчувствена! Душо која својот вечен живот си го презрела! Уште колку долго лошата навика на злите помисли ќе те држи? Во својата немарност се надеваш дека твојот крај нема скоро да дојде. Но тој ќе дојде како молња. Бдеј, душо моја, и со солзи моли се. Повикај од сето срце свое, крајот да те најде изменета, по молитвите на Сепречистата Владетелка наша Богородица и на сите Твои светии, Господи, зашто си благословен во век и веков, Амин.