Четврток вечер – Четврта солзна молитва

 

Четврток вечер

Еве, повторно, пред дверите на мојот Владика паѓам, молејќи и барајќи, поклонувајќи се и со страв повикувајќи. Зашто за слугата којшто пред својот Владетел згрешил, подобро е да не бега од Неговите раце, туку да остане во Негова власт.

Приклони го Владико, Своето уво, слушни ја мојата тага и прими го гласот на молењето мое што јас, посрамениот грешник, ти го принесувам. По милоста Твоја, излеј на мене, бедниот, барем капка внимание, за да стекнам малку усрдност за поправање на себе самиот. Зашто ако благодатта Твоја не ја просвети мојата душа, не ќе можам ни да ги забележам моите безделност и страсти.

Гревот најде свое пасиште во мене, господарејќи над мене, и секој ден сè повеќе ме понижува и во бездна турка. А јас, бедниот, не престанувам да Го гневам Бога, не плашејќи се од оној неизгаслив оган, ниту пак треперам од вечните маки. Гревот што во навика ми преминал, ме влече во полна пропаст. Иако себеси се изобличувам и не престанувам да се исповедам, сепак во гревови останувам. Гледам и не забележувам , оти и во самото покајание грешам, не бавејќи се со согледување на делата свои, туку покајанието свое го обвинувам. Како роб на гревот и не сакајќи правам зло, како војник под власт на гревот, нему му се покорувам, па иако имам можност да побегнам, на таа навика која царува во мене данок ѝ плаќам. На страстите предавајќи се, плаќам данок на плотта.

Знам дека пустошот во мене сè поголем станува, а јас, одново, како роб, штом ќе ми се нареди, со него содејствувам. Бегам од претстојната ми борба, и како пес на синџир, кај наредбодавецот се враќам. Го мразам гревот, од беззаконија се одвраќам, но пребивам во страсти, бидејќи тие владеат со мене, несреќниот, па и против својата желба на сластољубие се предавам, и по нужност, на својата природа ѝ робувам. Слободната ми волја страст ја поткупила и со гревот ме напојува. И покрај разумот, вријат во мене страсти, зашто со плотта сум ги соединил и сега не трпат раздвојување. Брзам волјата своја да ја пренасочам, но претходната ми состојба се противи во тоа.

Се трудам, бедниот, душата своја да ја ослободам, но злобниот заемодавец во уште поголеми долгови ме воведува. Не спомнува враќање, туку дарежливо ми позајмува, и не бара никогаш, бидејќи единствено моето ропство го посакува. Дарува за со страсти да се збогатам и позајменото не го бара назад. Би сакал стариот долг да му го вратам, а тој нов ми додава. Ако себеси малку од страстите си скратам, тој, за да ме победи, ми додава нови. И гледајќи дека постојаниот долг во грев ме задржува, во нови желби ме воведува, и за да не се исповедам, во заборав на моите страсти ме фрла. Со нови страсти се среќавам, и зафатен со нив, претходните ги заборавам. Се здружувам со новојавените страсти и должник повторно останувам; им трчам во пресрет како на пријатели, а моите заемодавци, одново, се однесуваат со мене како господари. И јас, кој до скоро се трудев слобода да добијам, заради нив скапо продаден роб постанувам. Брзам да ги раскинам оковите нивни, и одеднаш во нови се наоѓам. Брзам од војувањето во нивните редови да се ослободам, но бидејќи многу дарови примив од нив, домаќин им постанав.

О, каква е над мене власта на гревовните страсти, и какво владеењето на вештата и лукава змија. Делувам по својата природа, а таа трговија започнува, ми дава залог за умот на самиот грев да го продадам. Да му угодувам на телото ме поучува, под изговор дека тоа ќе ѝ служи на душата. И бидејќи од сластољубие сум победен, и на незадржливиот сон веднаш предавајќи се, од неговите услуги потполно се лишувам.

Кога се молам, помисла за некакво безначајно задоволство ми праќа, и со него како со синџир мојот слаб ум го држи, а ако умот сака да побегне, синџирот не попушта. Така гревот над умот мој стражари и вратата на сознанието ја затвора. Злобата непрестајно умот го надгледува, за согласност со Бога да не најде и трговијата на плотта да не ја спречи. Мноштво измешани помисли донесува, тврдејќи дека на Судот за такви ситници збор нема да стане, дека невозможно е дури и да се дознаат таквите мисли, и дека сè слично на тоа на заборав предадено ќе биде. Но јас изобличувањето свое пред себе го гледам и знам дека ми претстои казна.

Со ова ме држи, со ова ме врзува со ова ме продава и купува, со ова во заблуда ме воведува, со ова ми ласка и на себе ме потчинува, оти, како што вели Апостолот, телесниот човек, во ропството на гревот е продаден(Рим.7,14). Зашто гревот, што е во моето тело, владее со умот, и по моја вина, делувањето на плотта користејќи го, мојата душа ја обременува. Науми ли некој да пости или бдее, на себе рани ќе си нанесе. Гревот преку телото, душата, како своја сопственост, со синџири ја оковува, и како овца за колење или полетна птица ја врзува, и како на силен џин, со помош на истото тоа тело, раце и нозе ѝ отсекува. Не можам ни да бегам, ни себеси да си помогнам. Тешко мене, жив мртовец сум; гледам, а не догледувам, од човек пес станав. Со мене, макар што ми е даден разум, како со скот се однесуваат.

Смилуј се, душо, на себеси и пред да се одделиш од телото побрзај, да не останеме заедно со неразумните девојки пред затворените двери, зашто за смртните невозможно е живот да видат; ниту, пак, би требало праведност да очекуваш, без борба во која живот или смрт се стекнува, и каде нема тела со коишто непријателот се посрамува, и од неговата слабост поразен бива.

Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата добрина Твоја. Оти ако ме помилуваш, ослободувајќи ме од болеста на страста, ако се смилуваш на мене, сакам на добрината Твоја послушен да бидам. Ако сториш по мноштво на благоста Твоја, избавен ќе бидам. Ако ја излееш на мене благоста Своја, ќе се спасам. Верувам дека Ти можеш и тоа не го одрекувам. Ја познавам величината на милосрдието Твое, но и мноштвото мои гревови ги знам. Знам дека си ги поштедил и ќе ги помилуваш сите кои со сета сила своја Ти се обраќаат. Исповедам дека и јас самиот многупати од Твојата благодат сум вкусил, но после сето тоа, отфрлајќи ја, како никој друг Ти згрешив. Но Ти, Кој мртвите ги воскреснуваш, и мене умртвениот од грев подигни ме. Ти, на слепите исцелителу, помрачениот вид на срцето мое просветли го. Ти, Кој Адам од устата на змијата си го избавил, и мене од калта на моите безаконија извлечи ме, зашто и јас сум една од овците Твои, иако по своја желба храна на лавовите им станав. Гревовите пес ме сторија, но, исцелувајќи се од благодатта Твоја, син ќе бидам. Отфрлен бев како мртовец, но ако сакаш, ќе се очистам. Знам дека свесно согрешив, ама светите Твои за молитвеници ги имам. Знам дека со гревовите свои ја надминав секоја мерка, но незадржлива е благоста Твоја. Ти, Кој на цариникот предност си му дал, подај ми ја и мене, кој сторив уште повеќе зла. Ти, Господи, Закхеј како достоен си го помилувал, и мене, недостојниот, помилуј ме. Павле некогаш волк беше, овците од стадото Твое гонејќи ги, беше див ѕвер и овците ги погубуваше, но по Твојата благодат пастир стана, кој по овците усрдно одеше. Знам дека тој во незнаење грев стори, и дека како таков, за прошка на гревовите и голема благодат се удостои. А Ти, Господи, гревот мој свесно направен осудувајќи го, по преизобилната Твоја благодат помилуј ме.

Тешко мене, бедниот, тешко мене! Се срамам од оние што сега ме почитуваат, и стравувам заради тајните гревови пред нив посрамен да не бидам. Срам ми е оние што ме родија со тек на време да не ме осудат, зашто завет дадов дека световно нема да живеам. Би сакал да бидам како вдовицата, која, судијата долго вознемирувајќи го, својата цел ја постигнала; би сакал пред Тебе како неразделен пријател да се покажам, преблаг и единствен Владико, за душата моја заробена од гревот да ја ослободиш. Тој барал леб за гладтта да ја задоволи, а јас утеха за душата барам; тој барал телесна храна, а јас на душата будење просам. Како благ и преблаг, услиши го гласот на солзната моја молитва и обрати ме, за плодови на покајание да принесам. Запалената совест моја ороси ја, мене, во гревовни страсти остарениот, обнови ме, за од ропството нивно ослободувајќи се, со задоволство воздух на слободата да вдишам, и со радост и веселие благодатта Твоја да ја прославам.

Ти знаеш, Владико, дека за овој мал труд на душата своја, смелост добивам пред Тебе да го кажам ова. Знам и јас, грешниот, дека си Ти добар и милосрден Господ, и дека да се променам сакаш, но плодот на мојата слободна волја го бараш. И Подготвен си да ме помилуваш, но мојата намера ја чекаш, бидејќи милувајќи сакаш да ме научиш, и проштевајќи, учесник на Твоето Царство да ме направиш.

О, колку бесчувствен сум и какво е сиромаштвото мое! И каква груба и приземна ми е душата! Срцето ми е развратно, а устата полна со горчина, грлото-отворен гроб (Пс. 5,9)! Зошто, душо, , на неизбежната твоја разделба со телото не се присетиш? Зошто за тоа заминување не си се подготвила? Зошто немилосрдно кон пропаста се приближуваш? Зошто на себе вечни маки навлекуваш? Што си правиш, душо, како некое неразумно, бесловесно битие живеејќи?

Тешко мене, што наместо светлост, темнина бирам. Што ова задоволство, кое денес го имам, а утре не ќе постои, пред вечните и неискажливи блага го ставам. Тешко мене, што наместо лачезарна облека, повеќе сакам темна и црна одора да носам, што мрачните адски населби пред Царството ги ставам! Тешко мене, грешниот! Јас самиот свесно и доброволно рани си задавам. Дојди си, душо, на себе, од Бога исплаши се, со многу добродетели угоди Му, за од Неговите раце двојна казна да не примиш. Својот Бог, душо, возљуби Го, и по Неговиот пат храбро чекори.

Разбери, душо, дека овој живот на бојно поле наликува, и дека силната змија на секој начин се труди победа да извојува. Некои ќе ја отфрлат и посрамат, а некои сами ќе паднат и на потсмев ќе се предадат; некои таа ќе измами, па тие прелажени биваат, а други заради борбата со неа со венец се овенчуваат. Едни, неволја претрпувајќи, спокојот на вечниот живот го достигнуваат, а други, вкусувајќи од нејзините сласти, горчината на вечните маки ја стекнуваат. Едни, со крајно сиромаштво лесно змијата ја победуваат, а другите, таа, со приврзаноста нивна за овоземни нешта, лесно ги освојува. За оние кои Бога со сето срце свое Го љубат, борбата со неа не значи ништо, а за љубителите на светот, оваа борба неподнослива е и многу и тешка.

Сфати, бедна душо, дека радоста, раскошот и спокојот на овој век со жалост и мака се исполнети, а неволјите постот и страдањето неискажлива радост и вечен живот ти носат. Обрати се, душо, и во безмолвие подвизувај се, та кога ќе дојде часот на смртта и раздвојувањето, неподготвена да не се покажеш. Спомни си, душо моја, на призивот твој и начинот на твојот живот, каков ти е патот, зошто е и на каде оди. Сè што постои до својот земски крај се приведува, па и на безгрижноста твоја ќе ѝ дојде крајот.