Среда вечер – Трета солзна молитва

Среда вечер

Љубовта ме тера да Му се обраќам на Бога, а недостојноста моја ме убедува да молчам. Мачна болест ме принудува да говорам, а гревовите ме тераат да останам нем. Душата ми боледува, а очите мои копнеат по солзи.

Согреши, душо моја, покај се. Зашто, еве, дните наши минуваат како сенка. По страшни и ужасни места ќе појдеш. Не одлагај го за долго, ден за ден, обраќањето свое кон Господа, душо моја. Скруши се, душо, покај се при помислата на сите оние добра што од Бога си ги добила, а не си ги сочувала. Скруши се, кога ќе помислиш на сето она што си го направила, а Бог беше долготрпелив кон тебе. Скруши се, за на страшниот Суд Христов на најцрната темнина да не бидеш предадена.

Тешко мене грешниот! Зашто јас по слабоста своја ја осквернив и постојано ја осквернувам чистотата на срцето мое. Безделништво и мрзливост ја посрамија смелоста на моето срце; лошата желба владее со мене како господар со роб, а јас како дете веднаш со страв се покорувам. Таа во заблуда ме води, а јас со тоа се насладувам. Тешко мене, Господи! Благодатта твоја ме влече кон живот, а јас повеќе ја сакам смртта. Ти се грижиш да станам еднаков на Ангелите, а јас од својата расипаност, самиот себе се понижувам.

Се намножија гревовите мои, Господи, и непрестајно се множат, и нема граница на нивното мноштво. И кој ќе ме оплакува, или се помоли за мене? Единствен Ти, Спасителу мој, подготвен за милост по Твојата благост, милосрдно погледај на мене очајаниот. Како да Те молам, Владико, кога устата мојата со злословие е полна? Или како да Те опеам, кога нечиста е совеста моја? Или како да те возљубам, кога исполнет сум со страсти? Или како вистината да пребива во мене, кога се посрамив себеси со лага? Или како да те призивам, кога не ги запазив Заповедите Твои?

Познание на вистината стекнав, а потоа убиец и клеветник постанав. За ништожни нешта се карам, кон соседите сум завидлив и суров, во себе негувам лоши мисли, немилостив сум кон бедните, гневлив, препирлив, тврдоглав, мрзлив и раздразлив. Сакам убаво одејание; во мене се уште вријат мноштво лоши помисли, дрскост, самољубие, стомакоугодие, сластољубие, славољубие, гордост, злонамерност, расправии, тајно јадение, малодушност, негодување, непокорност. Никој и ништо сум, а високо мислам за себе. Постојано лажам, а на лажливците се гневам. Божјиот храм со блудни помисли го сквернам, а блудниците строго ги судам. Ги осудувам паднатите, а самиот непрестајно паѓам. Ги судам клеветниците и крадците, а и сам сум клеветник и крадец. Одам со светол поглед, иако сум сиот нечист. Во храмот и на трпеза на првите места се радувам. Видам ли монах, се фалам; Видам ли подвижник, се правам важен. Се трудам да делувам пријатно за жените, восхитно за странците, мудро и разумно за сродниците, совршено за разумните. Со побожните како најмудар се однесувам, а неразумните како бесловесни ги потценувам. Кога сум навреден се одмаздувам. Ако ми укажат почит, одвратност кон нив чувствувам. Ако нешто со право се бара од мене, започнувам расправа, а тие што вистината ми ја зборуваат, за непријатели ги сметам. Кога сум изобличен, се гневам. Ако не ми ласкаат, незадоволен бивам. Достојните за почит не сакам да ги почитувам, а самиот, иако недостоен, почит барам. Себе си не сакам да се оптоварувам, но ако некој не ме услужи, на него се гневам. Со работниците не одам, но ако не ми помогнат во работата, ги клеветам. За братот кој е болен не сакам ни да чујам, за нескромен го сметам, а ако е здрав, тогаш му се обраќам. Го презирам болниот, а ако јас сум болен, очекувам љубов. Поголемите од себе не ги почитувам, а помалите ги презирам. Aко се воздржам од неразумнa желбa, се превознесувам. Aко се трудам во бдеењето, во мрежата на непокорност и противење паѓам. Ако се воздржам од храна, во фалење и надменост тонам. Ако сум неуморен во молитвата, раздразливост и гнев ме победува. Ако во некого добрина видам, вниманието на него не го задржувам. Ги презирам сите светски пријатности, но од нивните суетни желби не отстапувам. Кога ќе видам жени, се радувам. По надворешноста смирено изгледам, а во душата сум надмен. Навидум сум некористољубив, а во мислите од користољубие страдам. И што да должам? Изгледа како да сум се одрекол од светот, а на дело повторно размислувам светски.

За време на службите со разговори се бавам, низ помисли, суетни спомени пребирам. За време на трпезите во празнословие се впуштам. За подароци сум алчен, во туѓите падови учество земам, во погубно соперништво влегувам. Таков е мојот живот, и толку многу зло наспроти своето спасение ставам. И надменоста ми и славољубието мое не даваат за своите рани да размислам, за да се исцелам. Тоа се моите јуначки подвизи, со такво мноштво гревови непријателот против мене завојувал, а јас, бедниот, покрај сето тоа како светител сакам да бидам славен. Живеам во гревови, а за праведник би сакал да бидам сметан.

Во сето ова само едно оправдување имам – лукавиот ме наведе на тоа. Но, тоа ни Адама не го оправдало. Уверени сме дека ѓаволот го наговорил Каин, ама ни тој осудата не ја избегна. Што ќе правам ако ме посети Господ? Никакво оправдување за својата немарност немам. Се плашам да не бидам и јас меѓу оние што апостолот ги нарече садови на гневот (Рим.9,22), кои ќе доживеат судбина слична на ѓаволската, и кои Бог заради нивниот немар ги предаде на срамни страсти (Рим. 1, 26).

Ако сакаш да ме спасиш мене недостојниот, дај ми, Господи, покајание на мене грешниот. Оживеј ја, Животодавче, мојата од гревови умртвена душа. Измиј ја камената бесчувственост од моето бедно срце, и извор на скрушеност дарувај ми, Ти Кој од животочното ребро Свое нам живот си ни излеал.

Кој нема да воздивне, кој нема да пролее солзи заради ваквото мое одрекување од светот? Уште вистински не сум се ни одрекол, а со мене веќе надменоста завладеа. Уште подвижништво не сум вкусил, а веќе од славољубие сум врзан. Уште предворјето не сум го видел, а веќе сонувам за тоа што е внатре. Уште искуство немам ни за почетничко исполнување на добродетелите, а веќе му приговарам на братот. Уште не сум дошол до познавање на вистината, а по гордоста своја другите ги поучувам.

Себлагиот Бог сé ти дал, душо – знаење, ум, разум, па спознај, затоа, што ти е на корист. Како ќе ја пренесеш светлина на ближниот, ако и самиот си помрачен? Биди си, душо, сама на себе лекар, бар својата заслепеност оплакувајќи ја. За својата немарност никакво оправдување немаш. Вразуми се, душо, бдеј, воздивни и пролевај солзи, тешкиот товар на своите гревови со пост измиј го од себе.

Севишен Боже, Ти Кој единствен имаш власт над животот и смртта, по големото Свое милосрдие, мене грешниот дарувај ми, во оној час на страшното Твое доаѓање, пред страшниот Твој престол, да не бидам прекорен и посрамен пред сите Ангели, Архангели, пророци, апостоли, патријарси, маченици, подвижници и сите праведници кои тогаш ќе ме видат. Уште овде, кај што се насладував со измамата на гревот, Спасителу мој, како милосрден и чедољубив Отец вразуми ме, а таму како небесен Бог прости ми, единствен Безгрешен. Секаков грев сторив, бедниот, и сите со својот разврат ги надминав. Заслужувам казна, но и кога ќе почнам покајание да принесувам, во себе солзи не наоѓам.

Тешко мене, со какви очи ќе погледнам, јас грешниот и немарниот, на оној страшен престол, на кој Ти Господи, ќе седиш и ќе ме разобличуваш за она што го сторив. Знам дека Ти, Господи, како страшен Судија во слава Божја ќе ме изобличиш.

Сиот свој живот го потрошив блудно, јас, бедниот, во калта на сластољубие непрестајно валкајќи се. Единствено Ти, Создателу мој, сите мои тајни падови и сета безмерност на моите гревови ги знаеш. Никој не беше такво обиталиште на гревот, како јас, и никој не ја разгневи толку Твојата добрина, Владико, како јас, следејќи ги поривите на порокот. Но Ти, како море на благоста, штетното море на моите гревови исуши го. Ти, Кој си бездна на милоста, бездната на моите гревови согори ја. Не враќај ми по заслуга на моите дела, на пеколен оган не осудувај ме, зашто неиздржлив е твојот гнев, Господи. На крајот кој ќе ги издржи заканите негови? Бидејќи огнот нема да згасне и црвот нема да загине.

Исплаши се, душо, од заканите, тешкиот сон отфрли го и на страшната безгрижност заспаноста. Крајот наближува и Судот е пред врата. Што ќе нè дочека по разделбата со животот?

Дојдете кај мене, свети и праведни, кои со добар подвиг се подвизававте, и оплакувајте ме како мртовец, или жалете за мене како за жив, но веќе полумртов. Зашто, полн сум со срам и смелост немам, заради гревовите свесно сторени. На мене своето милосрдие излејте го, како на заробеник, или болен покриен со гнојни рани. Милостиви бидете кон мене, како довереници на милосрдниот Бог, нашиот Спасител, и да ме обрати замолете Го, не барајќи ништо за возврат, во часот на Неговото доаѓање да не се покажам недостоен, и да ја слушнам онаа страшна одлука: оди од мене ти кој правиш неправда, ти велам, не те познавам.

Затоа те молам, Тебе, Светлино вистинска, Рожба на Твојот благословен Отец, на Неговата ипостас образу, Тебе Кој од десната страна на Неговото величие седиш, недостижен Сине Божји, недофатлив Христе, пофалба и радост на оние кои Те љубат, животу мој, светлост моја, Христе мој, мене понижениот не презирај ме, мене презрениот не отфрлај ме, зашто многу угодно му е на мојот непријател, кога очајувам во себе заради маглата на порокот од кој сум обземен. На тоа единствено и се радува, кога ќе види дека очајот негов заробеник ме прави. Но Ти, по сострадалноста Своја, неговата надеж посрами ја, од неговите заби извлечи ме, од неговите лукави намери и од се што против мене ќе започне избави ме, зашто ме напаѓа многу. Просвети ме, Господи, сплетките на противникот и омразителот на доброто да ги откријам, зашто на патот многу поводи за пад ќе ми стави, и соблазни, и загуби, и богатства, и расејаноста на овој век, и телесно задоволство, и долговечност на овој живот, неспремност за подвизи, за молитва мрзливост, сон и телесен одмор за време на псалмопеењето.

Колку што ревнува непријателот за мојата пропаст, толку се предавам, јас бедниот, на безгрижност и немар. И што повеќе мрежи ми поставува, јас сè понемарен станувам. Биди внимателна, душо, за совеста погрижи се, не гледај на туѓите падови, но подобро внимавај на своите. Не гледај на трнот во окото на братот и ближниот, туку непрестајно гредата во своето око барај ја. Побрзај, испревари, помири се со Христа, за тебе распнат во тело. Ако овде самите се осудуваме, можеби нема да бидеме судени, таму каде што осудата е голема и без крај.

Биди милостив кон мене, Господи, по Твоето милосрдие, и единствено по Својата благост спаси ме, по молитвите на Пречистата Владичица наша Богородица и на сите Твои светии, зашто си благословен во сите векови. Амин.