Велигденски одблесоци во Манастирот Пречиста Кичевска на Светол Источен Петок – Балаклија

Спокојната убавина на Манастирот на Богомајката Пречиста Кичевска денеска се наполни со благодарствени молитви и со славословен песнопој. Светлиот Источен Петок е навистина ден за духовен блесок во Пречиста. Таму со посебно благолепие се слави споменот на Пресветата Владичица во чест на нејзиниот  живоприемен Источник во Балаклија, Константинопол, кој нè потсетува на непресушните извори на Божјата љубов и милост кон сите нас.

Ова светло утро на Светлиот Петок ги собра браќата и сестрите од нашите монашки обители, како и бројни верници, на свештено литургиско собрание, кое, со срдечна предаденост и горешта молитва, го тајноводеше нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Неговото посветено богослужение нежно ни напоменуваше за силата и утешението што Богородица ги носи во животите на оние кои верно и искрено Му се обраќаат на Нејзиниот Син.

По завршувањето на Божествената Евхаристија, радосното велигденско сијание продолжи со традиционалната Пасхална литија до местото Господинец, којашто ги поврза нашите чекори со молитвите и со воскресенските химни.

Светол Источен Петок – Балаклија во Манастирот Пречиста Кичевска е, навистина, не само ден за слава, туку и за продлабочување на искуствата во благодатта Господова. Во секој миг од овој празник, ние сме повикани да понираме во длабочините на нашите срца и да ја најдеме таа непрекината вера и љубов што Пресвета Богородица нè учи да ја носиме во секојдневието. Овој ден е потсетник дека секој од нас може да биде носител на светлината и на радоста што извираат од начинот на живот во откровенската вера.