Во слава на иконата „Достојно ест“

Цело множество на Атонски отци, соберете се верно денес да ја празнуваме, радувајќи се и светло воскликнувајќи со веселие, Божјата Мајка која од Ангелот преславно се воспева. Неа како Богородица вечно да ја славиме.

Атонската духовна ризница крие во своите прегратки многу чудотворни Богородични икони. Но, ниедна не се прославила така како Богородичниот образ „Достојно Ест“, пред кого Архангелот Гавриил за првпат ја испеал оваа небесна пофалба кон Богомајката и со тоа го восхитил монахот послушник. И ден денес таа икона зрачи со својата убавина и духовна сила во Карејскиот храм, а Светата Црква постојано ја пее прекрасната химна во чест на Онаа што ја закрилува сета вселена и е достојна за секаква наша пофалба.

Бигорскиот собир се закити со копијата од оваа прекрасна икона уште во 2009 година, како една слатка утеха после страшното огнено искушение врз Обителта. Со тоа Богомајката им покажа на своите чеда монаси, дека е тука со нив и во најтешките мигови, за мајчински да ги поткрепи и да им вдахне нови сили за духовна борба. А благодарното монашко срце непрестајно ја искажува својата верност и благодарност, плетејќи сеноќни славословија во чест на Царицата и на нејзината икона „Достојно Ест“. Така и сега неизмерната синовска љубов ги собра сите во Бигорското светилиште на уште една духовна средба со Мајката на Животот, во чиишто прегратки сите таги и неволи исчезнуваат. 

А денес за Неа најтопло проговори оној кој сиот свој живот ѝ го доверил и со љубов Му служи верно на Нејзиниот Син и на Неговата невеста, Црквата – нашиот Старец и Епископ г. Партениј:


Старец и Епископ г. Партениј Бигорски


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Го славиме, мили кои, со боговдахновени песни и духовно торжество, споменот на Пресветата Владичица наша Богородица во чест на нејзината чудотворна икона наречена „Достојно ест“. Пред оваа икона на Света Гора, во 10 век, Архангелот Гавриил, испратен од Небото, го испеа прекрасниот почеток на песнословието што го пееме на секоја Литургија во слава на Пренепорочната и што на сите нам ни е добро познато.

Преку своите свети икони Мајката Божја е благодатно присутна меѓу нас и верните тоа го чувствуваат, бидејќи секогаш кога ние искрено ѝ се молиме, Таа притекнува напомош. Помага на сите и на секого, оти е Мајка на сиот човечки род, украс и убавина на човештвото. 

Од Евангелието што го прочитавме пред малку, чувме како кога Господ Христос проповедал во некој дом и бил опкружен со многу народ, една жена, воодушевена од Неговите чудесни Божествени зборови, извикувала: Блажена е утробата што Те носела, и градите од кои си се хранел! А Христос ѝ возвратил: Навистина, блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го чуваат (Лука 11,28). Некои инославни херменевти погрешно го толкуваат овој исказ од Евангелието, сметајќи дека со ова Христос ѝ ја одзема, односно намалува славата и честа на Својата Мајка. Но, напротив, Он, всушност, укажува дека токму Неговата Мајка е Онаа Која познала што Бог сака да му каже на човештвото и дека вистинското блаженство се состои во исполнувањето на Неговите заповеди. Оттаму и единствената нејзина заповед до луѓето, искажана преку апостолите е: Сè што ќе ви рече, направете! (Јован 2,5)

Пречистата Дева Марија беше избраната преку Која Бог го посети светот. После падот на нашите прародители во Рајот требале да поминат векови и векови, за да се најде таква достојна личност, којашто ќе може да ја разбере Божјата порака кон луѓето, да го сфати Божјиот спасителен Домострој. Единствена подобна и достојна личност за тоа беше скромната Девојка од Назарет, најчистиот плод на сето човештво. Таа е, како што Црквата точно ја воспева, „славата на вселената“, славата на родот човечки. Некогаш, можеби, кај некого се наметнува прашањето: зошто Бог Кој толку многу го сака човекот, чекаше толку долго, за да го спаси? Кога, веќе, е седобар и сесилен, зар не можеше побрзо и на поинаков начин да го спаси? Да, но со тоа би се нарушил Божјиот образ во човекот, создаден од својот Творец со слободна волја, свест и господственост. Сите ние го носиме тој образ во себе, а подобието, т.е. нашата духовна сличност со Господа, е нешто што се стекнува преку добродетелен и светотаински живот во Црквата. Бог, значи, не сакал сосила да го спаси човекот, нарушувајќи ја неговата слобода, бидејќи тогаш човекот би се почувствувал притеснет, поробен, но не и спасен. Целта за која сме создадени е по своја слободна волја, согласно законот за љубовта, да се стремите кон Божјото подобие, кон обожението, кон тоа двајца – човекот и Бог – да станат едно. Ете зошто било потребно да се чека толку долго, за да се роди тоа чисто и благословено човечко суштество – нашата Владичица Богородица, Која со својата чистота, со својата неискажлива и надразумна благодат можеше да го сфати тој возвишен закон на љубовта, та да стане сместувалиште на Несместливиот. 

Така, Сепреблагословената, „почесната од Херувимите и неспоредливо пославната од Серафимите“, стана врата преку која Господ влезе меѓу нас во светот. Станувајќи Мајка Божја, таа стана Мајка на сите луѓе и затоа ни е толку блиска, брзопослушна заштитничка, надеж непосрамлива. Се сеќавам, кога за прв пат отидов на Света Гора, во Манастирот Ивирон, каде што во посебен параклис се чува чудотворната икона на Богородица „Портаитиса“, т.е. чуварка на портите, еден едноставен монах кој се грижеше за параклисот, ги пречекуваше гостите на влезот и сите со простодушност и љубов ги повикуваше: „Дојдете да се поклоните на Царицата Мајка!“ Го кажуваше тоа како во живо да ја гледаше Богородица таму, како Таа да стои на престолот, а тој ѝ служи. И сите одевме и се поклонувавме со солзи, воодушевени од зборовите и верата на монахот. Гледајќи го него, човек просто како да добиваше едно известување во срцето дека Богородица навистина е жива преку иконата, дека Таа благодатно претстои пред нас и ги суша и прима нашите молитви. 

И нашата Света Обител од пред дванаесетина години е удостоена со верна изобразба на светогорската чудотворна икона „Достојно ест“. Многупати сум кажал, а и сега ќе повторам, дека оваа икона дојде во Манастирот како благодатна посета од Мајката Божја, како најголема утеха веднаш после пожарот. Впрочем, требаше да стаса многу порано, но ете, по промисла на Богородица, се случуваше сè некакво одолговлекување, за накрај да дојде како утешителна роса и како прва радост после тагата од големото искушение за Манастирот. Дојде преку својата икона, за да ни каже дека е со нас, дека нема да нè остави, дека е посебна Заштитница на монашкиот род. 

Уверен сум дека и сите вие многупати сме ја почувствувале помошта на Пречистата, сте го осетиле дејството на нејзиното моќно застапништво, сте почувствувале како мајчински ги гали и утешува вашите срца. Простете ми што јас навистина сум немоќен, за со какви било зборови да ја искажам величината на Пресвета Богородица. Впрочем, и најголемите химнографи на Црквата наша, откако ќе ја накителе Царицата со секакви преубави и за неа достојни зборови и епитети, накрај заклучувале дека ниеден човечки збор и јазик не може Неа достојно да ја восхвали. „Благоглаголивите немоќни се во јазикот, Владичице, да ти песнословат: зашто повисоко од Серафимите си се вознела“ – ѝ пееме во една од песните на Благодарствениот канон. 

Би сакал сите да ве замолам, а особено монасите и монахињите што ја избрале молитвата како свое основно послушание, почесто да ѝ се молиме на Царицата на Ангелите, бидејќи времето во коешто живееме е навистина многу лукаво. Неопходна е нејзината мајчинска помош за овој свет. Денес искушенијата за духовниот живот се неспоредливо помногубројни, особено преку интернетот и техниката. Како духовник сум сведок дека со посредство на сите тие уреди што ги има насекаде, а ги носиме и со себе во џебот, кај луѓето се поттикнува демонската фантазија. Во аскетските списи на Црквата ѓаволот е наречен татко на фантазијата. Денес луѓето многу лесно можат да комуницираат со секого и насекаде, па макар и да не знаат јазик се разбираат преку преведувачките платформи – што само по себе не е лошо, но доколку не се внимава добро, многу лесно може да се падне во замката на илузиите и погубната фантазија. Таа ги развива гревовните потенцијали во човекот и ги потенцира страстите. Се растураат бракови, се развратуваат детски души, се газат христијанските вредности под нозе, дури и од воцрковени луѓе. 

Затоа, чувствувајќи го бремето на ова тешко време, од срце да ѝ се молиме на нашата моќна Закрилница, да нè пази, да не вразумува, да помогне луѓето да се соземат. И наместо да трошиме толку многу време, комуницирајќи со кој-годе на социјалните мрежи, да се посветиме повеќе на молитвата, на нашето заедничарење со Христа, со Богородица, со Светиите. Честопати забележувам дека и со верници се случува така, што мислејќи дека ќе направат нешто добро или ќе помогнат ако упорно се расправаат по мрежите, или комуницираат со некој нецрковен или иноверен за небаре да го вразумат, накрај биваат прелажани, паѓајќи во стапицата на страстите. Затоа, мили мои, наместо бесполезно да го трошиме времето во нешто имагинарно, да ја молиме Богородица да ни даде духовно соземање и целомудрие; да го ползуваме времето во молитва и во читање на Светото Писмо и на православна литература од нашите отци. Таму ќе најдеме поуки и сила, за и самите да се поправиме, а и на други да можеме да помогнеме. 

Да се трудиме, мили мои, во смирение и љубов, да го исполнуваме она за што сме создадени, да ја достигнеме целта на нашето вишно призвание – обожението, подобието Божјо, та да станеме населници на Рајот, а потем и на Царството Небесно. Во тоа особено ќе ни помогне нашата пресвета Мајка Богородица, заедно со сите Светии околу неа во небесниот свет, но секогаш присутна и овде, меѓу нас, слушајќи ги нашите молитви. Нека благословот и благодатта од нејзината света икона „Достојно ест“ ги чува монасите на Светата Гора Атонска, кои, пак, се чувари на Православието. Нека го чува и нашиот свет Манастир и ова братство изложено на многу опасности и искушенија, та сите нејзини чеда коишто го облекле ангелското расо, да истраат до крајот во монашкиот подвиг, не вртејќи се назад и спасувајќи се на тој начин и себеси и мноштво други.

Амин!