(Видео) Светиот и Велик Вторник – Параболите за десетте девојки и за талантите

Светиот и Велик Вторник од оваа најсвета Седмица е украсен со споменот на десетте девојки од прекрасната парабола, изречена од пречистите усти на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Со ова воспоминание Црквата наша нè повикува да бидеме подготвени, држејќи ги светилниците на добродетелите запалени, за да Го пречекаме небесниот Младоженец, Господ Исус, Кој ќе дојде ненадејно, било посебно при мигот на нашата смрт, или општо при Второто Негово доаѓање. Нè повикува, исто така, поставувајќи ја пред нас параболата со талантите, да ги негуваме и да ги зголемуваме даровите што Бог ни ги дава, а за Негова слава.

Синаксарот, што со својот продорен и умилителен глас, ни го прочита нашиот Старец, Архимандрит Партениј, нè потсети колку важен е за нас елејот на милосрдието, со кој, како производ на љубовта, се подмачкуваат останатите добродетели:

„Во светиот и Велики вторник правиме спомен на параболата за десетте девојки… Всушност, Он ја раскажува параболата за десетте девојки за да обрне внимание на милосрдието, а истовремено ги поучува сите да бидат подготвени пред крајот… Светото Евангелие ја предлага оваа парабола со цел некој, практикувајќи ja оваа добродетел (т.е. девството), да не ги занемари другите, а особено милосрдието, со која се просветлува свеќата на девството. Пет од нив ги именува мудри, затоа што на девството тие му го придодале и изобилното масло на милосрдието, а пет луди, кои исто така го имаат девството, но го немаат милосрдието – елејот“.

Со оваа тема се проткаени, главно, и песнопенијата на овој ден:

„Во светлините на Твоите Светии како ќе влезам, недостојниот? Оти, ако се осмелам да влезам во брачната одаја, облеката ќе ме изобличи, бидејќи не е свадбена и врзан ќе бидам исфрлен од Ангелите. Очисти ја, Господи, скверноста на мојата душа и спаси ме како Човекољубец“.

Во Царството Твое, Господи, каде зрачат Твоите светлозрачни Светии, со која облека од добродетели ќе влезам, недостојниот? Сета душа ја извалкав со нечистотијата на гревовите и на страстите и не можам соодветно да се облечам, но Ти, Господи си добар и човекољубец – очисти ми ја облеката на душата.

Великиот Вторник ни ја предлага уште и Христовата парабола за талантите, која нè поттикнува да ги развиваме во нас даровите Божји и да се трудиме во доброто, а не да бидеме мрзливи како оној кој го закопал дадениот му талант.

„Дојдете, верни, да работиме ревносно за Господа, зашто на слугите им дава богатство и благодат на секој што ќе го умножи талантот. Еден да стекнува мудрост со добри дела, а друг нека извршува служба на просветлување; верниот нека го споделува знаењето со ненаучениот; трет нека им го разделува своето богатство на бедните. Така ќе го оплодиме позајменото богатство и, како верни управители на благодатта, да се удостоиме за радоста во Господа. За неа удостој нè, Христе Боже, како Човекољубец“.