Големата вера и доверба во Бога на поединци, па и на цели народи, направиле дела чудесни и невозможни за човекот, но возможни за Бога. Бог бара добра земја во срцата човечки, каде би го посеал семето на спасението, а срцето станува добра и плодна земја токму преку верата и довербата во Бога. Пример за тоа ни е Светиот Пророк Илија. Неговата вера победила царство – царство на мрак, разврат и многубожие. Со големо дерзновение го изобличувал гревот на израилскиот народ и на царот Ахав. Неговата слобода пред Бога што произлегувала од неговиот чист и девствен живот, променила многу срца и ги вратила кон Бога. Голем чудотворец за време на животот и по смртта. Со молитва го затворил небото три години и шест месеци без дожд; со молитва спуштил оган од небото и го запалил со вода наквасениот жртвен принос; воскреснал мртовец; се удостоил да биде вознесен на огнена кочија со огнени коњи; се појавил заедно со Мојсеј на Таворската гора при Преображението на Спасителот Господ Исус Христос; и повторно ќе дојде пред крајот на овој свет за да го подготви народот Божји.
Свети Илија пламенот, огненосниот ревнител и Пророк Божји, чиј спомен неизбришливо се слави до наши дни, е пример за богољубие, извор на ревност и инспирација за големи дела кај Христијаните, особено кај нашиот народ. Нашите славни предци, тие великани на духот и слободата, обземени од огнената ревност на Пророкот, ја исполнија најголемата заповед на Христа, со тоа што ги положија своите животи за ближните, докажувајќи дека ја имаат најголемата љубов. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели (Јован 15,13).
Нашиот возљубен Старец и Епископ, г. Партениј Антаниски, Игумен на Свештената и славна Бигорска Обител, која била поткрепа и сила на христољубивиот народ низ историјата сѐ до денес, традиционално и со голема љубов кон родот наш отслужи Света и Божествена Архиерејска Литургија во славното село Лазарополе, кое изнедри такви великани, кои важат за столбови на нашата слобода и државност и за кои со благодарност и молитва се сеќаваме. Со своето поучително наставление и боговдахновено слово, ги поткрепи нашите срца со силна вера и ревност за богољубиви и родољубиви дела, земајќи ги за пример нашите славни предци.
Убавината на денешното торжество ја збогатија благозвучните гласови на членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кои умилно и молитвено пееја на Божествената Евхаристија. По богослужбата, пак, празничното ликување продолжи и на плоштадот во селото, со настапот на виртуозните свирачи на традиционални инструменти од составот „Чалгии Мерак“, кои настапија со своја пригодна програма.
По светата Литургија, нашиот христољубив и родољубив Старец, Епископот г. Партениј, заедно со браќата монаси, во Бигорската Обител го изврши чинот Доксологија (Славословие) и Панихида за нашите предци кои се бореле и ги положиле своите животи на жртвеникот на слободата на нашиот народ, молејќи се за блажен покој и царство небесно за нивните души.