Да се менуваме по образот Христов, за да го смениме светот

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на празникот Илинден, во храмот на Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во с. Лазарополе, на 2 август 2022 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, од денешното Свето Евангелие, определено од Светите Отци да се чита на денот на големиот и славен Пророк, Свети Илија, чувме како Господ Исус Христос ја истакнува и ја пофалува молитвата на Својот угодник, односно како таа била молитва на еден праведник. Неговата молитва тогаш успеала да го избави сиот Израилски род од големата и страшната духовна криза, во која беше западнал поради отстапништвото од верата во вистинскиот Бог. И навистина, доколку го прочитаме животот на Светиот Пророк Илија, опишан во Светото Писмо, во Првата и во Втората книга Царства, ќе се увериме дека тој бил еден особено ревносен човек, исполнет со молитва, покорен на Божјата волја, човек кој, пред сè, сакал волјата Божја да биде спроведена и на Земјата.

Сè што Бог Творецот сотворил, и видливиот и невидливиот свет, било хармонично. Но, по гревопадот на првите луѓе и навлегувањето на гревот, светот на Земјата изгубил во голема мера од својата хармоничност. Сепак, доколку се задржиме на накои убави и добри појави во природата и во космосот општо, ќе видиме дека сè уште суштествува од Бога востановениот поредок. Во небесниот свет, пак, владее совршена хармонија. Токму затоа во молитвата „Оче наш“, Господ Христос нè поучува, меѓу другото, да се молиме и за спроведување на волјата Божја и на Земјата, онака како што е на Небото: „Нека биде волјата Твоја, како на Небото, така и на Земјата“ – за да завладеат Неговите мир и хармонија помеѓу нас. Значи, единствено само ние луѓето, создадени со слободна волја, можеме, да го нарушиме Божественото благозвучје на овој свет. Створени со најголема љубов од Творецот, со богомдарувана слобода, ние имаме самовласност да избираме дали ќе чиниме добро или зло.

Меѓутоа, не секогаш е лесно да се различат доброто и злото; во секојдневното живеење многу често има ситуации во кои и не е баш очигледно што е вистински добро. За да можат луѓето да расудат што е добро, а што е зло, и која е волјата Божја, неопходно е да бидат правоверни. Да ја имаат и да ја практикуваат богооткриената вера во Божествената Тријада, Која го сотвори светот и Која во времето на Стариот Завет се објавуваше Себеси во праслики и преку пророците како Свети Илија, а најпосле ни се откри и ни проговори преку Синот и Словото на Бог Отецот и преку благодатните и несоздадени енергии на Сесветиот и животворен Дух Утешител. Господ Исус Христос, значи, постана човек, за да го воздгине човекот и да го одведе на вистинскиот пат. Доколку човек го следи Христовиот пат, просветлен од Него, најнапред ќе ја разбира Неговата волја, а потем и ќе ја твори.

Важноста на правоверието ја согледал и Свети Илија, па затоа толку ревносно се борел за во Израил да биде воспоставена верата во вистинскиот Бог Творец. Имено, во негово време, неговиот народ бил единствениот кој донекаде го познавал и го пазел Божјото откровение, но и тој со текот на време отстапил од таа вистина. Свети Илија силно се молел неговиот народ да се врати во правоверието и да се отклони од лошите обичаи и практики во секојдневниот живот. Внимавајте: лошите навики и обичаи во секојдневието, кои произлегувале од погрешното паганско верување.

Како што знаеме, во стариот свет имало народи кои достигнале голем дострел во повеќе области, како што се, на пример, философијата, математиката, реториката, медицината итн. Во нив спаѓале источните народи и цивилизации, потоа Египќаните, Старите Грци, Римјаните… и сите тие несомнено дале свој придонес за човечката цивилизација, но нивните секојдневни обичаи и закони во однос на семејството биле особено груби, па и нечовечки. Дури и родителството, љубовта на мајката кон децата, воопшто не биле како во времето на Новиот Завет, по Христа. Зашто, образец за мајката и за мајчинската љубов станала Царицата Пресвета Богородица, секогаш имајќи Го во рацете Детето Божјо Христос. Таа станала прототип за сите мајки и дарителка на мајчинската љубов и грижа. Ние денес можеби сме заборавиле какво понижувачко место заземала мајката и жената општо во стариот свет, што лесно можеме да го провериме во достапните историски извори. Традиционалното и топло семејство, какво што го знаеме ние, е плод исклучиво на христијанската цивилизација. Господ Христос му го даде неговото вистинско значение, како заедница на пожртвуваната љубов, како Црква во мало. Апостолот Павле поучува мажот да ја сака жената своја како што Христос ја засака Црквата Своја од Крстот, со пожртвуваност (сп. Ефес. 5,25). Значи, врз што се втемелени семејството и родителството? Најнапред, врз правата вера од која произлегуваат правите дела. Оти, доколку немаме правоверие, не ќе имаме ни правомислие, а следствено ни целосен и нормален живот, по критериумот на богообразноста и богоподобноста.

Денешната Европа, која е втемелена врз Христијанството и станала цивилизација токму поради него, е во морална криза. Деновиве кај мене на разговор дојде една жена и ми рече: „Нема работна рака во државава“. Јас ѝ одговорив дека ние го знаеме тоа, бидејќи постојано градиме и имаме потреба од добри работници, кои се во голем дефицит. Но и во Европа ситуацијата е слична. Тој недостиг на работна сила не е случај само кај нас. Да, ние ќе кажеме: нашата младина замина во Европа. Ама и таму се соочуваат со тој проблем. Пред некое време читав дека во Германија има голема криза за работна рака. Зошто? Затоа што нема наталитет. Затоа што Го заборавиле Христа. Читаме и слушаме дека црквите во Германија се затвораат. Никој веќе не оди в црква. Готово. Штом е така, тогаш ќе се вратиме во декадентниот примитивизам на паганството. Мајката повеќе нема да биде вистинска мајка, ни таткото татко, туку само единки заробени во сопствениот егоизам. Некој можеби ќе рече: „Родителството е природно чувство, инстинкт“. Да, и тоа е, но доколку почнеме да живееме без Бога и се сведеме на инстинктите, ќе започнеме да се однесуваме како животни и со време ќе го загубиме и тој привремен инстинкт. Ете, погледнете какви примери имаме денес: добростоечка брачна заедница сака да има деца, но жената никако не сака да ја загуби својата виткост, па му вели на мажот: „Ако сакаш да родам дете, тогаш ќе најдеме некоја жена да го износи“. И во некоја сиромашна земја ќе најдат и ќе платат сурогат-мајка. Толку од вистинското мајчинство.

Затоа, мили мои, ние треба да се вратиме на темелот на нашата цивилизација, на аголниот камен – Христос, Кој нè изградил сите нас. Ќе ви кажам од искуството дека сè што сме направиле, постигнале и обновиле – сè е благодарение на луѓето кои се воцрковиле, кои се вратиле на христијанскиот темел. Неодамна еден човек од Галичник ми ја соопшти својата добра идеја: „Сакам да го обновиме Галичник“. Но како без Христос? Каква обнова без Обновителот на нашите души? Каква татковина без Таткото Небесен? Каков патриотизам без Бога? Еве, и да сме како богатите држави. И таму криза. Семејството исчезнува, нема наталитет. Во контекст на ова ќе ви споделам нешто што го слушнав од едно момче кое работи како болничар во Германија. Ми вели: „Најголем процент од малолетните деца во Германија, кои доаѓаат во болниците, страдаат од психолошки растројства. Психијатриите во Германија се полни со деца! И ние, заедно со лекарите и научниците, сме задолжени да работиме со децата, да ги анимираме, да ги забавуваме, за да излезат од психолошките кризи“. Заклучуваме дека на тие деца им недостасува здравото и исполнето семејство, мили мои. Семејство. Да не се доведеме и ние до тој морален пад како народ, всушност ако и веќе не сме го доживеале?!

Сите сакаме да зборуваме за патриотизам, за политика, за славните дејци од минатото, кои еве и ги прославуваме. Но, како ги прославуваме? Само со играње, со пеење, со тапани? Црквата каде е?! Каде е молитвата на праведниот која може да спаси еден цел народ?! Еден човек може многу да направи доколку правилно се моли. Впрочем, токму тоа треба да го правиме. Молитвениот човек е најголем добротвор за едно општество. За вистински патриоти ги признавам само оние на кои пред сè им е Христос и ништо друго. Ние како народ сме поминале времиња во кои сме немале своја држава и своја власт, но народот верувал во Господа, одел во црква. А Црквата го правела своето. Овој храм, на пример, е изграден во време кога сме биле заедно со Вселенската Патријаршија. Тогаш нашите предци немале своја држава, но што им недостасувало кога биле со Бога? Ете, успеале да го изградат овој прекрасен храм и многу други слични на него. Денес, пак, имаме и своја држава, имаме и независна Црква. Оваа пролет Бог нè благослови со толку големо дело – да биде прифатен и признат идеалот на нашите предци, да биде остварен сонот на нашите големи дејци, како Архиепископот Доситеј. Но Црквата не смееме да ја гледаме само како традиција и како национална институција. Доколку Црквата не е присутна во нашето семејство, па и во нашиот секојдневен живот, ние ќе станеме духовно глуви и еден ден ќе изгубиме сè, губејќи го најнапред семејството. Кажавме во каква опасност е тоа. Од мала Црква во Христијанството, кое во Француската револуција беше преземено како основна клетка во општеството, денес сосема да стане девалвирано и обезличено. Како го дефинира семејството современото европско општество? Привремена спогодба помеѓу две единки, без разлика на полот. Тоа семејство ли е?!

Да стоиме цврсто во верата и во преданијата, мили мои. Христијаните немаат никаков проблем со демократијата. Да ја имаме слободата да Го проповедаме и да живееме во Христа и не ни треба ништо друго. Христијанството се роди во една империја која дишела со омраза кон Христа. Но, раните Христијани ја освоија и ја преобразија целата Римска Империја без ниедно оружје. Само со љубов и со саможртва. Токму ова треба да го поседуваме и ние. Ние сега не се соочуваме со надворешно гонење и мачеништво; имаме слобода и толку многу начини да Го сведочиме Христа. Се разбира, најнапред неопходно е да живееме како вистински Христијани и да се молиме.

Имаме и толку средства за комуникација, кои ни овозможуваат уште повеќе да Го проповедаме Христа. Меѓутоа, што се случува таму, во тие комуникациски мрежи? Луѓе кои се нарекуваат Христијаните се осудуваат, буквално се јадат едни со други. Ги злоупотребуваат социјалните мрежи, за меѓусебно да се напаѓаат или некого да го девалвираат и да го критикуваат неосновано. Какви се тие Христијани?! Гледате ли колку ни е неопходна внатрешна преобразба? Свети Илија токму на тоа нè повикува. Тоа се очекува и од нас: да оствариме вистинска духовна преобразба, обраќајќи се кон Христа и спроведувајќи ги зборовите на Свети Апостол Јаков, искажани за Свети Илија: Голема сила има усрдната молитва на праведникот (Јаков 5,16). Христос, мили мои, е патот, вистината и животот. Затоа, да Му се обратиме со молитва за преобразба, а преку личната преобразба на поединецот доаѓа и до преобразба на општеството, па и на целиот свет.

Да сте благословени и љубовта и ревноста што Свети Илија ги имал кон Господа, дај Боже да нè украсуваат и сите нас!