Господ Исус Христос нека стане наше срце и наш живот

Голема придобивка за секој човек, е Господ Исус Христос да стане негово срце и негов живот. И не само што тоа е добро за секој човек, туку е добро и за сите оние што се наоѓаат во неговата близина, зашто секоја сила, секогаш се наоѓа во средиштето и оттаму како бран се шири и дејствува врз сè што ќе ѝ се најде на нејзиниот пат. И оној, кој најверојатно поради мрзливоста своја, се лишил себеси од ваквиот огромен Божји дар, ги лишува и другите, заради тоа што Христос не е во него, во неговиот живот и во неговото срце. Да Му се молиме на Бога, Он да стане срце за секој човек и да биде Живот на сите оние, кои умреа за желбите од овој свет, а да биде смрт за оние, во кои се уште живее стариот, кон гревот свртен човек. Да се помолиме за тие кои се обземени од гревот, доколку не сакаат да живеат во вистината, да не го шират лажниот живот околу себе.

Секој, кој се жали на мрзливост и на скаменетост во душата, треба добро да погледне во себеси, да не влегла во него некоја од оние помисли кои човекот го влечат надолу, наместо кон висините. Такви мисли, секогаш се оние, преку кои присвојуваме нешто за себе, или кога нешто си припишуваме на себеси: успехот во некоја работа, пофалбите, забележувањето на недостатоците на ближниот и чувството на некаква супериорност од наша страна над другите луѓе. Затоа, да Му се молиме на Бога, да нé искуша, да нé испроба и да ни ги отвори очите за да видиме дали сме на патот на беззаконието, и доколку сме, да се помолиме и потрудиме да се упатиме кон патот што води во живот вечен.

Ништо не е случајно. Сé што ни се случува, ни се случува по Божја промисла. Сé што ни се случува е или заради казна, или заради поука. На светот има безброј луѓе – хипохондрици, такви на кои умот им е оштетен, такви кои ги поднесуваат непријатностите на животот, но иако не се во состојба сами да се грижат за себе, нив ги чува Божјата промисла. И често се слуша прашањето зошто е тоа така? Можеби е така, зашто во нив претходно се наоѓале добри мисли и чувства, или пред да бидат зафатени од таа болест, тие направиле некое добро дело, па поради тоа не ги напуштила благодатта Божја, туку таа и понатаму постојано живее во нив! Ако на непријателот на душата му е допуштено да си игра со човечкиот живот, зар тоа не се случува поради тоа што во човекот претходно немало постојани принципи на доброто, без кои ја нема благодатта која го штити секого од нас? Токму поради тоа, оние кои се нафатиле на службата за духовно просветување, треба добро да се замислат дали секогаш доволно се трудат нивното учење да добива небесна помош, во постојаната борба против силите на мракот? Дали нивните совети навлегуваат во душите на советуваните? Дали нивните поуки се спроведуваат во секојдневниот живот? Со вакви помисли треба да прибегнеме кон Бога и да истраеме во намерата да ја засилиме нашата ревност, кон сé што е добро и душеполезно. Тоа, секако би било по правилно, по корисно, би Му било по мило на Бога, отколку да работиме на тоа несреќната смрт, да ја прикриваме со свечен и раскошен погреб.

Не може да се негира вистината, дека во текот на денот можат да се видат и ѕвезди; но тоа е возможно само од некоја тесна и вертикална длабина, која е недостапна на сончевата светлина. Истото се случува и со секој од нас, зашто колку човекот е подлабок во своето смирение, толку полесно може да го види Небото.

Секому, кој се труди заради своето спасение, може и треба да му се каже: нема потреба од тоа да ги знаеш наднебесните тајни, не трагај по тоа да го сознаеш она што е скриено, или она што се однесува на иднината. За да се спасиш, неопходно е да веруваш, да ги исполнуваш заповедите и секогаш да го очистуваш твоето срце, а не да бидеш љубопитен. Опасно е да сакаш да го дознаеш она што е скриено, а уште по опасно е да настојуваш тие тајни да ги откриваш. По Божја промисла ни се открива она што ни е потребно и секогаш во мера, во која можеме тоа да разбереме.
Слава Му на Христа, Кој ни се јави во смирението на нашата природа, за на тој начин да ни го покаже урнекот на тоа смирение. Он се роди во пештера, за ние да не тежнееме кон убавината на својата соба или ќелија; лежеше во јасли, за ние да не бараме мека постела; беше повиен во пелени, за да нé научи да сакаме едноставни облеки; дојде како дете, кое се уште не умееше да зборува, за ние да бидеме едноставни и незлобливи како деца, и својот јазик да не го насочуваме кон празнословие. Овие вистини да ве осенат, а нека ме осенат и мене – за тоа ги просам вашите молитви.

Она што е горчливо, не може да се заслади со горчина, туку само со она што е слатко. Така и горчливите коментари, не можат да бидат засладени со горчливи зборови. Кротоста, трпението и љубовта, не само што можат да го засладат она што извира од горчливиот извор, туку и самиот горчлив извор можат да го преобразат во сладок.

Ако нашата душа е подложена на некое лишување, Бог од нас бара трпение и надеж за да може душата да се искуша и очисти.