За молитвата и лисицата

 

Во Египет, каде што некогаш, во длабокото и дамнешно христијанско минато, имало многу големи манастири, некој монах се спријателил со простодушен египетски селанец. Селанецот еднаш му рекол на монахот:

– И јас многу Го сакам Бога, Кој го создал овој свет! Секоја ноќ полнам едно канче со козјо млеко и го ставам под палмата. Ноќта Бог доаѓа и го пие моето млекце. Тоа Нему многу Му се допаѓа! Никогаш не се случило во канчето да остане млеко.

Кога ги слушнал овие зборови, монахот не можел а да не се насмее. Тој добродушно и со едноставни зборови му објаснил на својот пријател дека на Бога не Му е потребно козјо млеко. Сепак, селанецот тврдоглаво си се држел до своето верување. Тогаш монахот му предложил следната ноќ кришум да ѕиркаат што ќе се случи со канчето полно со млеко, поставено под палмата.

Речено – сторено. Таа ноќ монахот и селанецот се скриле малку подалеку и на месечева светлина наскоро виделе како една лисица му се прикрала на канчето и го проголтала млекото до полседна капка.

Како гром да го удрил селанецот кога го видел тоа.

– Да – скрушено признал тој – сега гледам – тоа не беше Бог!

Монахот се обидел да го утеши својот пријател и фатил да му објаснува како Бог всушност е Дух, како Он е потполно различен од нашиот свет, дека Него луѓето Го спознаваат на посебен начин… Но сепак, селанецот само стоел пред него со наведната глава. А потоа заплакал и си заминал во својата колиба.

И монахот се упатил кон својата ќелија. Но кога се приближил, крај вратата, запрепастен, здогледал ангел како му го попречува патот. Монахот во страв паднал на колена, а ангелот му рекол:

– Тој обичен човек од народот нема ни образование, ни начитаност, ниту мудрост, та да би Го почитувал Бога на друг начин од оној на којшто досега го правеше тоа. А ти со својата мудрост и начитаност од книгите, му ја одзеде таа можност. Ќе речеш дека несомнено правилно си расудил? Но една работа ти не знаеш, мудар монаху: Бог секоја ноќ, гледајќи го искреното срце на овој селанец, ја испраќаше таа лисица до палмата за да го утеши и да ја прими неговата жртва.