Преображението – таинство кое трае

Современиот човек постојано се фали за своите достигнувања и искачувања, било во областа на науката, или во која-годе друга сфера. Се фалиме дека ги постигнуваме најголемите откритија, дека ги усвојуваме сите знаења, дека се качивме на највисоките точки, не само на Земјата, туку и на небесниот свод, во космосот. Но, и покрај сето тоа, има само едно искачување што го преобразува и го облагородува човекот. Тоа е искачувањето на Гората Тавор кон Господовото Преображение. Таму горе сè е чисто, бело и светло, посветло од Сонцето. На оваа таинствена Гора ги сретнуваме врвовите на вистината, љубовта и светоста. Светлината на Преображението е несоздадена светлина на Царството Божјо, која дојде во светот со доаѓањето Христово. Од светлината на Христовата љубов облеани, Божествените ученици и апостоли на Тавор ја вкусија сладоста и славата на вечноста во Господа Исуса Христа, колку што можеа да поднесат.

И Пречистанската Свештена Обител вчеравечер, на архиерејската празнична Вечерна богослужба, на која претстоеше нашиот возљубен Старец, Епископот г. Партениј, игуменот на Бигорската Обител, засветли со радоста на Таворската светлина. Срцата на сите присутни беа особено стоплени и возвеселени од умилителната беседата на Старецот за радоста од тоа да се биде со Христа и во Христа и да се живее Таворската светлина:


Мили мои, нека ни е за духовна поткрепа и за просветление овој голем Господов празник што вечерва започнавме да го славиме, Преображението Господово. Би ве замолил да се навратиме малку на Вечерната богослужба и да се потсетиме на трите старозаветни четива што ги прочитавме. Првите две беа од книгата Битие на пророкот Мојсеј – во нив е изложен дијалогот на Господ Бог Саваот со Неговиот слуга на Гората Синај, а третата беше од книгата Царства, каде што е опишано јавувањето Господово на Светиот пророк Илија.

Преку овие читања Црквата најнапред сака да нè потсети дека Бог не го оставил човештвото по падот во Едемската градина, туку постојано го поткрепувал, го просветувал преку Своите ангели, преку пророците, преку Своите угодници. Значи, Он не го отфрли и не го заборави Своето создание, ами постојано му се јавувал, го поучувал, го преобразувал. Со толку голема љубов Провидението го раснеше човештвото во духот, така што да може да Го спознае Троичното Божество со воплотувањето на Синот Божји и преку благодатните дејствувања на Светиот Дух. Преку воплотувањето на Синот и Словото Божјо овде на Земјата, во полнота и совршенство Бог му се откри на светот. Во лицето на Спасителот наш Господ Исус Христос ние ја спознаваме богооткриената вера, единствената Вистина. За секој човек Таа стана достапна да биде созерцавана. На човековата личност, иако смртна по природа, ѝ се даде можност да Го живее Бога, да пребива во Неговата светлина, да општи со Неговата слава, та и самата таа да премине во бесмртност, да стане светлина, обожена преку Божествената светлина и да биде бог по благодат.

На овие големи нешта нè повикува и нè возведува Црквата преку овој празник и преку богослужението посветено нему. Всушност, кога Синот Божји сакаше пред Своето Распетие да им ја утврди верата на учениците во Својата Божественост, ги изведе на висока гора сами; и се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина. Апостолите станале, „онолку колку што можеле да примат“ сведоци и учесници во дел од Христовата Божествена светлина и слава, во кои Он постојано обитава заедно Отецот и со Светиот Дух. Затоа, тие, надвор од себеси, извикале: Господи, добро ни е да бидеме овде; ако сакаш ќе направам тука три сеници: една за Тебе, една за Мојсеја и една за Илија (Матеј 17,1-2,4). Божјата убавина, така да се каже, е она по што непрестајно чезнеат нашите души. Тие се во незапирлив копнеж по таа Божествена светлина, од која и заради која се создадени. Односно, за општење со Бога. Зашто од Него се сотворени и кон Него се стремат. Затоа душата човечка со ништо друго не може да се смири, освен со вистинско богопознание, кое подразбира и богоопштење и богоуподобување. Аподиктичкиот извик на Апостолите кажува сè: Добро ни е да бидеме овде!

Празникот на чудесното Преображение, мили мои, нè повикува кон токму таквото богопознание. Оти, како што знаеме од мистичкото богатство и искуство на Црквата, празниците кои ги извршуваме во неа не се просто само еден спомен, некаква фактографска реминисценција на нешто што некогаш историски се случило; секако, се и тоа, но најнапред, тие се реално благодатно преживување и доживување на спасителните настани и како такви тие суштествено се однесуваат и на нас самите. Во Црквата, значи, преку нејзините свети тајни, ние постојано го живееме денешниот празник и се преобразуваме. Тоа е призивот на овој ден. Од телесни да се преобразиме во духовни луѓе, во луѓе на Божјата светлина – што е и целта на нашето суштествување. Не случајно, ами за голема поука Бог на Гората Тавор го повика Мојсеј, кој беше веќе одамна упокоен и Илија, кој се вознел на Небесата, т.е. за да покаже дека Он е Обединител на земскиот и на духовниот свет; дека Он владее со душите и на живите и на умрените, односно, во Него нема мртви, туку сите се живи.

Во Црквата, значи, секојдневно го живееме Преображението. Не е ли најголемо преображение самата Литургија? Обичните леб и вино преку дејството на Светиот Дух биваат претворени во Тело и Крв Христови и потем нè преобразуваат и нам, доколку ги примаме со страхопочитание, вера и љубов. Монаштвото – не е ли тоа едно деноноќно лично преображание на душата што Го избрала и сецело Му се посветила на Бога? Не е ли таинство на Преображението тоа човек да биде повикан од Бога и да се откаже од сè во овој свет, па да заживее еден несомнено многу тежок, монашки живот? Една целосна преобразба на личноста. Затоа монахот го менува дури и своето лично име. Секојдневно се труди да биде страник за овој свет, да не се задржува за ништо од него, просто и да не го восприема. Се разбира, тој го гледа светот со телесните очи, но ништо од него не треба да го соблазни, да го привлече. Не треба да се сеќава на овој свет. Во еден од заветите при чинот на монашење монахот ветува, меѓу другото, дека нема непотребно и без благослов да се грижи буквално за ништо од светот. Тоа не значи дека ние го мразиме светот; не, туку злото и гревот кои дејствуваат во него. Монасите доброволно се отстрануваат од светот, за преку својата лична преобразба, борејќи се тивко со злото во себе, да го преобразуваат и светот. Животот на монахот станува едно трајно преображение во кое тој станува едно со Бога, се слева со Божествената светлина.

Мнозинството од вас овде сте брачни луѓе. Да знаете дека и бракот, исто така, е едно таинствено преображение, едно благословено патување кон вечноста. Зашто и брачните другари, давајќи си завет еден кон друг, ветуваат дека нивното сопружништво ќе биде едно движење кон усовршување на љубовта еден кон друг и кон Бога; дека ќе биде едно преобразување и обожение во светлината на Божјата убавина. Значи, и бракот е подвиг за лично исправање и духовно восовршување. Оти нема човек без грешки, слабости и падови, па следствено, не е воопшто лесно да го трпиш и да го носиш другиот во неговите слабости доживотно. Од создавањето на светот па досега, не се случило да има потполно две исти личности, со исти карактери, желби, размислувања. Бог, Тој голем трансцендентен Ум, ги сотворил и ги кодирал сите луѓе да бидат различни. Па така, не е ли тајна на Преображението тоа двајца карактери, две различни личности, два сосема независни идентитети да се спојат во едно тело и во еден дух, да станат едно пред Господа?! За совршено остварување на оваа тајна се неопходни исто такви подвиг и борба како и во монаштвото, па затоа и двата животни пата се подеднакво благословени од Црквата.

Овие возвишени нешта ги има само во нашата богооткриена вера. Размислувам дека сега можеби како никогаш во изминативе две илјади години можеме да видиме и да расудиме што значи Христијанство за светот и кои се неговите огромни доброчинства, а и од друга страна, што значи кога луѓето ќе Го напуштат и заборават на Христа. Фрлете еден поглед денес на европските христијански народи, па вклучително и кај нас – зашто и тука се настани истиот тој запустителен дух – во што сме се претвориле. Каде ни се човечкото достоинство, духовната хигиена, моралната зрелост, правичноста, здравото расудување, смерноста? Исчезнуваат, ги снемува. Просто речено, нема морално универзално начело, а да не е погазено и да не се наоѓа во смртна криза. Сè што човечкиот род постигнал, сите негови достигнувања и откритија кои, патем, можат да бидат многу полезни за нашето преобразување во Божјата светлина и за стекнување на спасението и вечниот живот – сето тоа е злоупотребено. Погледнете само како техниката слободно можеме да ја поистоветиме со задаволувањето на ниските страсти – не затоа што самата по природа е таква, ами поради тоа што човекот крајно ја злоупотребува. А крајно задоволување на страстите никогаш нема. Погрешно насочените внатрешни енергии на душата и на телото прераснуваат во страсти, а овие, пак, се мерат со пеколот. Да, на рајската убавина ѝ нема крај и мера, бидејќи е Божествена и неизмерна. Но гледаме дека и на злото му нема крај. Во што ли се претворивме денес! Зло насекаде околу нас, зло и во самите нас…

Но, мили мои, затоа рековме дека преку своите празници Црквата ни укажува, нè потсетува која е нашата цел, оти навистина многу кратко сме овде. Се радувам што ги гледам вашите лица собрани тука, во овој наш Тавор што го изградиле нашите предци. А го изградиле затоа што знаеле дека со Христа е најубаво. Господи, добро ни е да бидеме овде! Знаеле од искуство дека градејќи цркви, храмови, манастири, ќе ја постигнат целта да бидат со Христос. Да ја гледаат Неговата убавина, да се озаруваат од Неговата светлина. Чувме од паримиите што му рече Бог на Мојсеја: Лицето Мое не ќе можеш да го видиш, зашто не може човек да Го види лицето Мое и да остане жив. Божјата суштина нема лице, нема плот, нема облик и ние никако не можеме да ја опишеме – Бог е Дух, пред сè. И потоа Бог му рече на пророкот: А кога ќе помине славата Моја, ќе те ставам во пукнатината на карпата, и ќе те засолнам со раката Своја, додека не поминам; а кога ќе ја кренам раката Своја, ти ќе ме видиш откај грбот (Исход 33,20-23). Боговидецот Мојсеј, значи, видел некоја несфатлива и неопислива светлина, но не можел да издржи во неа зашто таа била толку силна, така што Бог го засолнал во пукнатина од карпата. А сега, мили мои, по воплотувањето на Синот и Словото Божјо, го гледаме Неговото лице на икона. Го видовме овде на Земјата и Го удиравме, Го плукавме по образите и Го распнавме. И до денес Го распнуваме со своите дела, но Он не нè остава. Нè љуби. Ние, пак, дојдени сме овде, за да Го погледнеме, не само во иконите, туку уште посилно, да Го погледнеме во своите ближни, да Го созерцаваме внатре, во нашето срце,  во Неговиот највозљубен дом. Додека ги читав паримиите, се расплакав кога Бог му говореше на Мојсеја: Ќе го направам и тоа што го кажа, зашто ти најде милост пред Мене и те познавам многу добро (Исход 33,17). Замислете, Бог му прави послушание на Својот слуга, затоа што најде добро срце во него, место каде што ќе може да се всели и да пребива. Во тоа време тешко Му било на Бога да најде Свој пријател на Земјата. Ако го читате Светото Писмо на Стариот Завет ќе видите дека ретки биле пријателите Божји, оние луѓе со широки и незлобиви срца, како Мојсеј, Јаков, Илија и сите старозаветни пророци до Свети Јован Крстител. Но, со воплотувањето на Господ Христос, Он сите нè прави пријатели Свои. Затоа, да не се покажеме неблагодарни, да не Го оставаме, туку да го живееме Преображението уште отсега, па до вечноста, каде што сите еден ден ќе бидеме заедно во Неговата светлина и слава. Оти, како што говори Божествениот Павле, ако само во овој живот се надеваме на Христос, тогаш сме ние најбедни од сите луѓе. Но, ете, Христос воскресна од мртвите… и како што по Адам сите умираат, така и во Христа сите ќе бидат оживеани (1. Кор. 15:19,22).

Да ми сте благословени и добро Преображение на сите!