Споменот на Светиот Пантелејмон и на славните Седмочисленици

Животот во Црквата Христова е живот со Светиите Божји. Во неа границите на време-просторот се надминуваат и човек кој има чувство за духовното и искрена љубов за Бога лесно го восприема единството на двата света, времениот и вечниот. Светиите доаѓаат и ги облагородуваат нашите души, а ние, поучени од нивните примери, се трудиме за нашето восходење кон пределите на Божественото. Оние кои биле луѓе како и ние, но со своето себеодрекување заради Бога се осветиле и станале христоподобни, сега се тука, за и нам да ни помогнат во патот што го изодиле самите.

Денес нашата Црква го слави споменот на неколку славни Светии и наши патодовители: Великомаченикот и целебник Пантелејмон и омилените наши Рамноапостоли, Светите Седмочисленици Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, блескавите просветители и учители словенски. За Бигорската Обител, пак, овој ден е торжествен празник, затоа што, од една страна, таа е нивно непосредно духовно наследство, а од друга, во неа со посебна чест и грижа се пазат дел од светите и чудотворни мошти на Светите чудотворци Пантелејмон и Климент Охридски.

Тоа свештено достоинство на нашата Света Обител денеска беше преточено во свечена и благодатна архиерејска Евхаристија што ја тајноводеше нашиот возљубен и светителољубив старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој негува посебна почит и приврзаност кон светлите ликови на Великомаченикот и на Светите Седмочисленици. Затоа, празничното богослужение навистина изразуваше една благодатна пловидба во земјата на Светиите, откај што духовно збогатени и одморени, Го славословевме едното Божество во три Ипостаси, непристапно по суштина, а причесно по нетварните енергии, Кому Му прилега слава, чест и поклонение во веки. Амин.