Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Света Пасха 2024 лето Спасителово


Христос Воскресе!

Христос Воскресе!

Христос Воскресе!

Мили мои, и покрај големиот умор од долгите богослуженија и обврски изминатава седмица, вечерва се чувствувам прерадосен. И оваа неовозмена радост во Христа Воскреснатиот ме води да ви кажам неколку збора за вечерашново преславно и сесветло собите. Несомнено, најдоволни ни се двата збора: „Христос Воскресна!“ Што посилно и помоќно од ова може човек да каже?!

Го слушнавме Евангелието за Воскресението Христово и чувме за жените мироносици, кои тргнаа рано наутро да го помазаат телото на својот Учител. Тоа би била нивната благодарност, нивниот последен чин на почит кон Оној Кој им покажал толку голема љубов за време на животот. Но како? Кога се упатиле кон Гробот ова утро, тоа прашење ги мачело повеќе од сѐ. Очигледно, тие не се плашеле од злобните крвници и убијци на Христа, од книжниците и фарисеите, од иродовците и пилатовците; не размислувале ни дали војниците-чувари ќе им дозволат да се доближат до Гробот и да влезат. Тие не биле загрижени дека ќе бидат уапсени, како што биле уплашени, на пример, апостолите на Христа. Тие не се прашувале зошто Петар и другите не им се придружуваат. Не биле растревожени ни за тоа како ќе реагираат кога ќе го видат мртвото тело на својот Спасител, распнат и легнат мртов в гроб. Не. Она кое навистина ги загрижувало и за кое размислувале патем, било прашањето кој ќе им го одвали каменот од гробната врата. Според она што го знаеме за гробниците од тоа време, тоа бил навистина огромен и претежок камен, и за да се помести биле потребни многу луѓе. А мироносиците биле жени и не многу бројни.

Но овие жени, похрабри од множество мажи, се раководеле не според логиката на рационализмот, не според човечките стравувања, туку од чистата љубов кон својот Учител. Желбата да го помазаат телото на Христос и на тој начин да Му ја изразат својата љубов, кај нив била посилна од сè. Сепак, природно, се прашувале кој ќе го оттргне големиот камен за нив. Апостолите не биле со нив. Не бил тука силниот Петар. А каде биле тие? Евангелието не го крие тоа од нас. Биле заклучени в куќа поради стравот од Јудејците. Додека Гробот Господов бил запечатен со природен камен, со карпа, срцата на апостолите биле заклучени со еден духовен камен, создаден од нивниот страв. Камен од стравувањето за сопствените животи. Верата, пак, на мироносиците и нивната готовност за последен пат да Му послужат на својот Учител, го надминале каменот на стравот, така што, и покрај сите пречки и невозможности, тие тргнале кон Гробот.

Тргнале самите со вера и се случило чудото. Додека апостолите беа заклучени во горната одаја, Гробот беше отворен. Им се јави млад човек, облечен во светли алишта и им рече: Не плашете се! Вие Го барате Исуса Назареецот, Распнатиот. Он воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Он пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол (Марко 16,6-7). Што забележуваме тука? Господ преку Ангелот го поздравил Петра посебно. Тоа ни кажува дека Господ ги љуби сите и дека се грижи за секого одделно. Во случајов го издвоил апостолот Петар, кој три пати се беше откажал од Христа. И бидејќи Петар бил со пламен карактер, често избрзувал. Тој Му ветил на Христа дека и сите да Го остават, тој никогаш нема да Го остави и да се одрече од Него, макар и по цена на животот. Тој извадил дури и нож, за да Го брани својот Учител од војниците што дошле да Го заробат. Но, ете, и тој ревносен ученик потклекнал според својата човечка слабост и три пати се одрекол од Христа. И сега, знаејќи го неговиот карактер, милиот ни Спасител Кој воскресна за сите нас, се грижел да не случајно Неговиот апостол избрза кога ќе дознае дека Он воскресна, па да си направи нешто на себе, посрамен од тоа што се откажал. Затоа и посебно го поздравува преку жените, та кога ќе го слушне поздравот од Воскреснатиот, Петар да се охрабри дека љубовта Христова го милува и му опростува за неговото одрекување.

Мили мои, воскреснатиот Господ сите нè поздравува и нè чека со раширени раце! За да ни опрости, да нè помилува, да нè пресретне со Своето пресветло Воскресение. Овој празник над празниците за нас значи многу, значи сè. Со Светата Пасха, чиста и непорочна, смртта е конечно победена. И секој кој верува во Христа и да умре ќе живее, бидејќи преку Него отворени се веќе рајските порти. Секоја плот човечка што во Христа се крштава, во Неговата смрт се крштава. И секој човек што Неговото Воскресение го исповеда, живот вечен добива. Каменот, пак, одвален од Гробот ни укажува дека Светата Пасха е и начинот на кој Бог ги отстранува пречките во нашиот живот, оние препреки што се обидуваат да нè оддалечат од Бога и се обидуваат да нè спречат да го живееме животот за кој Бог нè повикал да го живееме.

Да размислуваме за камењата што стојат на гробовите од срцата наши. Сите имаме еден таков камен, сличен на оној од Гробот Христов, а тоа е нашата затвореност за Бога и следствено, за луѓето. Камења што нè спречуваат да го живееме живот во Христа во полнота, овде и сега. Размислете за оние предизвици што се обидуваат да ве задржат во вашите гробници. Тие препреки што нè парализираат со страв, што нè заробуваат, што се обидуваат да нѐ спречат да го живееме, навистина да го живееме, нашиот нов живот во Христа. Да погледнеме на што нè учи Пасхата Господова, за тоа како Бог ги отстранува и најтешките камења. Апостолите, заклучени во страв, самите си направија мисловна пречка, мисловен камен. На апостолот Петар – чиешто име, знаете, значи камен и тоа му било дадено од Христа за на тој камен Он да ја утврди црквата Своја – најтешкиот камен си беше самиот тој, затоа што имаше страв да го отвори срцето и да тргне кон Гробот, та да Го пресретне и види Спасителот. Понекогаш тоа е вистина и за нас, нели? Го избираме својот начин. Самите си создаваме гробници за себе. А каменот што го покрива гробот е наше лично јас, егото.

Кој ли ќе го оттргне тој камен? Но, еве, откако воскресна од мртвите, љубениот ни Христос направи како што вети. Им се покажа жив на учениците. Влезе низ заклучени врати во горната одаја и им ги покажа раните на рацете и на нозете и Своето прободено ребро. Го оттргна каменот, ги ослободи од стравот и им помогна да ја објавуваат благата вест ширум светот. Ова е велигденското чудо и за нас.

Нашиот воскреснат Господ влегува во нашите животи, па дури и во нашите гробови, и ги оттргнува камењата што нѐ спречуваат да бидеме она што Бог сака да бидеме. Он нè ослободува од стравот и ни помага да ја објавиме неговата порака до светот. По овој светол настан, учениците непоколебливо поверуваа во Воскресението и каменот од нивните срца конечно беше тргнат. Христос со Воскресението го одвали тој камен, и апостолите, претходно уплашени и згрчени, од тој ден повеќе не се плашеа од ништо. Тие прости рибари од Галилеја го освоија целиот тогашен цивилизиран свет. И навистина, не е ли тоа најсилен доказ за Воскресението?! Апостолот Петар и останатите ученици, кои од страв се криеја во својата заклучена горница, одеднаш станаа најбестрашните сведоци на Воскресението што некогаш може да се замисли. Повеќето од нив маченички пострадаа, не се плашеа од ништо и дури и по цена на животот не сакаа да го негираат она што сега станало камен-темелник на нивната вера: дека Христос умре, воскресна и вети дека еден ден пак ќе се врати. Никој не бил побестрашен од тие први ученици. И ниеден камен што овој свет го тркалал пред нив не можел да ги спречи оттогаш. Ниту затвор, ниту закана со смрт, ниту нешто друго од овој свет. Христос ги оттргна сите камења што ги спречуваа да ја вршат својата мисија, својата проповед и откако го стори тоа, тие бестрашно ја објавија радосната вест за Воскресението на нашиот Господ. Ниту еден камен веќе не можеше да ги зароби или спречи. Живееја, проповедаа и умираа за Него. И го освоија светот со проповедта за Воскресението. И тоа е чудото на Светата Пасха. И за нив, но и за нас.

Значи, мили мои, Христос може да нè направи бестрашни, онакви какви што беа апостолите и сите вистински Христијани низ историја. Оние кои непоколебливо поверуваа во Христа станаа синови на Воскресението. За нив немаше веќе никакви пречки, никаков камен кој можеше да направи преграда помеѓу нив и Христос. Истото важи и денес. Да ја тргнеме таа преграда меѓу нас и Христос, да го отвориме своето срце за Него и Он ќе дојде и ќе ни рече: „Радувајте се!“ Да, некогаш нештата во животот ни изгледаат претешки, невозможни. Пречките во пракса се чинат навистина како еден огромен камен и ние се прашуваме како ли тој камен ќе се помести. Но жените мироносици ова утро не се колебаа. Ним не им требаше Христос да влезе во горната соба. Имаа храброст самите да отидат до Гробот. Иако не знаеја што ќе направат кога ќе стасаат таму. И тоа, исто така, нè учи дека треба да ги оставиме нашите гробници. Да излеземе со вера од сопствениот егоизам и од малодушноста, од црните дупки на меланхолијата, разочараноста и очајот. Треба да веруваме дека Бог ќе биде тука за нас и ќе ни помогне во нашите потреби. Жените знаеја дека не можат да го оттргнат тој камен, но тоа не ги спречи да отидат до Гробот. Ако Велигден значи нешто, тоа секако значи дека Бог ќе биде со нас, секогаш, а особено кога ни е најмногу потребен. Значи, ние да тргнеме по Христа, да се појави во нас желбата да се сретнеме, бидејќи Он е нашиот Воскресител, Он е нашиот Животворец, и ќе дојде и ќе нè воскресне.

Неопходна ни е Неговата благодат, Неговата светлина од Воскресението, Неговото: „Радувајте се“ – особено во времето во коешто живееме. Гледаме какви страшни немири, војни, беди, се случуваат насекаде. Но ние Христијаните имаме одговорност пред светот. Факт е дека повеќето не сме тоа што треба да бидеме. Не сме онакви какви што Господ сака да бидеме. Но доколку се отвориме и го тргнеме каменот на егото од нашето срце, кој ни прави преграда помеѓу нас и Господ, помеѓу нас и другите, Он ќе дојде и ќе нè преобрази и ќе нè направи светлина на светот. Вистинските Христијани, синовите на Воскресението, се тие кои го променувале, го промениле светот низ историјата. И ако станеме автентични, дејствителни Христијани, ќе имаме сили и понатаму да го променуваме на подобро.

Ви посакувам на сите убав и серадосен Велигден! Воскреснатиот Христос да се всели во вашите срца и во нив живеалиште да Си направи! И ви благодарам на сите за вашето присуство. Кога ве гледаме во толкав број, нашите срца уште повеќе се радуваат и воскресенската радост се удвојува; Христос нè благословува, а и предците, ктиторите на овој свет и славен Манастир, кој бил срце на нашиот народ низ историјата, и сите историски личности од родот мијачки, тој славен род кој направил многу за нас – сите тие ве благословуваат од Небото и се радуваат со нас.

Христос Воскресе!

Навистина Воскресе!