Патријаршиско Послание за Света Пасха 2024

Број на Прот. 244

Β Α Ρ Т Ο Λ Ο Μ Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП

НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА, БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОТКАЈ СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ ХРИСТОС

* * *

Сечесни браќа Јерарси и возљубени чеда во Господа,

Според благоволението и благодатта на седарителот Бог, откако ја претрчавме долгата стаза на Светата и Велика Четириесетница и со умиление ја поминавме Неделата на Страданијата на Господа, еве, се веселиме на торжеството на Неговото светлоносно Воскресение, преку кое бевме ослободени од тиранијата на Адот.

Славното Востание од мртвите на Спасителот Христос е совоскресение на целиот род на смртните и предвкус на совршението на сè, како и на исполнувањето на Божјиот Домострој во небесното Царство. Учествуваме во неизречивото таинство на Воскресението во Црквата, осветувајќи се во нејзините свети тајни и живеејќи ја Пасхата, „која ни ги отвори портите на Рајот“, не како спомен на некој настан од минатото, туку како суштина на црковниот живот, како присуство на Христа постојано меѓу нас, поблиску до нас отколку што самите си сме на себе. На Пасха, православните верници го откриваат своето вистинско себство како што е во Христа, се постројуваат во движењето на сите нешта кон Есхатонот, „со неискажлива и прославена радост“ (1 Петр. 1, 8), како „синови на светлината… и синови на денот“ (1 Сол. 5, 5).

Средишна одлика на православниот живот е неговата воскресенска динамика. Безуспешно филозофот ја нарече православната духовност „мрачна“ и „есенска“. Благоуспешно, пак, е восфалувано од западните развиеното чувство на Православните за смислата и доживувачката длабочина на пасхалното искуство, без притоа оваа вера да заборави дека патот кон Воскресението поминува преку Крстот. Православната духовност не го признава утопизмот на Воскресението без Крст, ниту песимизмот на Крстот без Воскресение. Поради оваа причина, во православното искуство злото го нема последниот збор во историјата, додека верата во Воскресението функционира како мотив за борба против присуството на злото во светот и против неговите последици, дејствува како силна преобразувачка моќ. Во православната самосвест нема место за компромис со злото, за небрежност кон текот на човечките работи. Напротив, придонесот кон преобразувањето на историјата има теолошка основа и егзистенцијална потпора и се развива без ризик од поистоветување на Црквата со светот. Православниот верник има свест за антитезата помеѓу световната реалност и есхатолошката совршеност и не е можно да остане бездејствен пред негативностите. Поради оваа причина, Православната Црква никогаш не ја сметала борбата за преобразување на светот како безначајно прашање. Пасхалната вера ја спасувала Црквата и од интровертноста и од затвореноста, исто колку и од секуларизацијата.

Во Пасхата на Православните се концентрирани целото таинство и егзистенцијалното богатство на нашето благочестие. „Изненадените“ Мироносици, кои „кога влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта“ (Марко 16,5), ги означуваат големината и суштината на искуството на верата како доживување на егзистенцијално чудо. „Изненадувањето“ покажува дека човекот се наоѓа пред таинството, коешто, како што се приближуваме кон него, се продлабочува сè повеќе, според кажаното, дека нашата вера „не е пат од таинството кон знаење, туку од знаење кон таинството“.

Додека одрекувањето на таинството егзистенцијално го смалува човекот, почитта ги отвора за него портите на небото. Верата во Воскресението е најдлабокиот и најчист израз на нашата слобода, или поскоро, нејзино раѓање како доброволно прифаќање на највишиот Божествен дар на обожението според благодатта. Православната Црква, како „живеено Воскресение“, е местото на „највистинската слобода“, којашто во христијанскиот живот е основа, пат и одредница. Воскресението Христово е благовестие на слобода, дар на слобода и гаранција за „заедничката слобода“ во „вечното жителство“ на Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Со овие чувства, сечесни браќа и многусакани чеда, полни со исполнетата радост од учеството во „торжеството заедничко за сите“, примајќи светлина од вечерната светлина и славејќи Го Христа Кој воскресна од мртвите и на сите им изгреа живот, спомнувајќи си во овој сепразничен „наречен и свет ден“, за сите браќа во неволи, се молиме на Господ „Кој со смрт смртта ја порази“ и Бог на мирот, да го смирува светот, да ги озарува нашите чекори кон секое добро и Нему угодно дело, возгласувајќи ја серадосната химна: „Христос Воскресе“!

 Фанар, Света Пасха, 2024

† Константинополскиот огнен молитвеник за сите вас
во Христа Воскреснатиот

Извор: Οικουμενικό Πατριαρχείο