(Видео) Литургиски блесок за споменот на Свети Партениј Лампсакиски Чудотворец

Убавината од соборното заедничарење во нашиот мил Спасител, Господ Исус Христос, и денеска продолжи благодатно да ги бранува нашите души, со уште поголема сила. Кон молитвениот и празнувачки собор во чест на споменот на Светиот отец наш Партениј Лампсакиски Чудотворец утрово со радост се придружи и нашиот сакан надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Плаошки и Дебарско-кичевски г. Тимотеј. По празничната Утрена богослужба, на која молитвите и благодарностите на многубројниот верен народ се возвишуваа кон Небото заедно со хармоничните и умилителни псалмопенија на нашите драги гости од исклучителниот хор „Тропос“ и на браќата од Бигорскиот хор, следуваше најголемото црковно таинство, Божествената Евхаристија. Нашиот почитуван Митрополит, како добар и великодушен домаќин, од чест кон Првопрестолната Црква и според востановената пракса, му го препушти чиноначалствувањето со литургиското тајноводство на ценетиот јерарх од првопрестолната Вселенска Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој веќе неколку дена е наш особено драг гостин во Бигорската Обител, како официјален претставник на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Со двајцата Митрополити сослужуваше, се разбира, и нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, а заедно со светите архиереи, околу Чесната Трпеза се молеа: Архимандритите г. Доситеј Бигорски, г. Матеј и г. Херувим од православната Црква на Грција, свештениците Миле Ангелоски и Павел Крцоски од Дебарско-кичевската епархија, отецот Златко Пуреовски од Брегалничката епархија и браќата јеромонаси и јероѓакони од Бигорски. Беше тоа, навистина, еден чудесен литургиски синаксис во љубовта и славата Божја!

А нашиот Високопреосветен Митрополит г. Тимотеј, не изостави ни овој пат духовно да ги надгради нашите мисли преку своето вдахновено слово, посветено на подражавањето на Христа и на Светиот Партениј Лампсакиски:


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, дојде на оваа грешна земја и зеде човечки образ, и свето и непорочно живеше помеѓу луѓето во тело. „Он не стори грев ниту се најде лага во Неговата уста“ (1Петр. 2, 22). Преку Неговиот свет живот Он ни даде пример за подражавање, та преку тој пример да ги отфрлиме сите нечистотии што се прилепуваат кон нашите души, како што Самиот вели: „затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јн. 13, 15). Он пројави љубов, смирение, трпение, кроткост, милосрдие и други добродетели својствени на срцето, за да можеме и ние да постапуваме како Него, да го правиме тоа што го гледаме кај Него, или како што вели Он: „поучете се од Мене“ (Мт. 11, 29). Затоа и светите апостоли повикуваат да го подражаваме Неговиот живот: „бидејќи вие сте за тоа повикани, зашто и Христос пострада за вас, оставајќи ни пример за да врвиме по Неговите стапки“ (1Петр. 2, 21). Додека, пак, апостолот Павле вели: „вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос“ (Фил. 2, 5).

Сето она на што нѐ учи Господ Исус Христос со зборови, истото го покажува и на дело со Својот пример. Преку тој пример Он ни заповедал да се учиме на непорочен живот, како од жив образ огледан во чисто огледало. „Поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце и ќе најдете спокојство за душите ваши“ (Мт. 11, 29).

Секој христијанин е должен да Го подражава Христа. Нашиот Спасител, Господ Исус Христос, со повикот за подражавање немал за цел да Го фалиме, бидејќи Он стои многу повисоко од секоја наша пофалба. Него Го фалат сите небесни сили. Сонцето нема потреба да ја докажува својата светлина. Но, светата Црква сака да ни го претстави Неговиот преблаг нарав, кој сам по себе треба да ги привлече нашите срца, та сакајќи Го и подражавајќи Го, и ние да ги оставиме мерзоста и стариот човек и да Го следиме со вера и љубов. Ние треба со вера и чисти срца да гледаме на таа Божествена добрина, и како во огледало да се огледуваме, за да можеме да ги очистиме од нашето лице пороците што се прилепиле за нашите срца и души. Тоа може да се случи само преку покајание, преку отфрлање на секое злонамерие, па така со Негова помош да се обновиме во нов човек.

Примерите, пак, на развратен живот ја искушуваат верата. Лошиот пример е заразен. Од обичниот живот ние знаеме дека кога едно овца ќе тргне некаде, другите овци веднаш одат по неа, без да размислуваат дека можат да се оддалечат и да паднат во опасности, односно во погибел. Исто така без размислување постапуваат и многу луѓе. Тие се движат според чувствата, а не според разумот, и едни други се следат по примерот на овците, не размислувајќи доволно дали тоа им е од полза или од штета. Такви примери гледаме во светот на секој чекор каде и да се движиме. Еден започнува да прави чест и прослави, да пие, да прави гозби и започнува и други да привлекува кон слични нешта. Неговиот пример го следат и другите, но за жал за своја телесна пропаст, а уште повеќе и за духовна. Тоа е плодот на нерасудливото дело.

Секој христијанин е повикан да се помири со Бога, но пред тоа треба да се помири со ближниот – така нѐ учи Господ Исус Христос. Христијанската љубов бара по сопствена желба да пристапуваме кон помирување со луѓето кои сме ги навредиле, повредиле и сл. Гласот на совеста нѐ повикува на помирување, доколку сакаме да примиме спокојство.

Ние денеска го прославуваме св. Партениј Лампсакиски. Овој Божји слуга со својот живот се угледал на Господа Христа и затоа имал огромна благодат да може својата паства да ја умножува така бројно. Се вели дека кога дошол на должноста за архиереј затекнал само осумнаесет верници, а кога го напуштил овој свет останале само осумнаесет незнабошци. Па и ние да се угледаме на Господа Исуса Христа и на св. Партениј Ламспакиски, да отфрлиме секаква злоба и пакост, а да ги умножуваме добродетелите. Така да добиеме благодат од Светиот Дух, па да одиме по вистинскиот Христов пат и да измолиме милост од Бога за спасение на нашите души.

На крај, би сакал на Епископот Антаниски Партениј, викар на Нашата смиреност и игумен на оваа света обител, да му го честитаме именденот и да му посакаме успешно раководење со духовниот живот на оваа обител, а за афирмација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, за просперитет на оваа света обител и за спасение на неговата душа и душите на повереното му стадо“.

Особено трогателен беше моментот на крајот од Светата Литургија, кога почитуваниот Високопреосветен Митрополит г. Кирил му ја искажа својата лична почит, како и почитта и благословите од Вселенскиот Патријарх на нашиот надлежен владика, Митрополитот г. Тимотеј. Имено, светиот владика на Имврос и Тенедос му подари на нашиот архиереј сребрен медалјон, изработен во чест на 30-годишнината од патријархувањето на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј. Во оваа прилика тој ги искажа следниве зборови полни со братољубие и чест:


„Високопреосвештен, свет пастироначалнику на оваа свештена епархија, г. Тимотее,

Почитувани отци и драги браќа и сестри,

Се собравме сите овде за да го прославиме празникот на Свети Партениј Епископ Лампсакиски и заедно да му го честитаме на славеникот, Преосвештениот игумен г. Партениј, неговиот именденскиот празник. Едни дојдовме од поблизу, други од малку подалеку. Јас ја имам честа да доаѓам од Константинопол, од сечесната Вселенска Патријаршија, Мајката на Црквите. И доаѓам за да ги пренесам благопожелбите, љубовта и целивите на нашиот Вселенски Патријарх, најпрво на Архиепископот г. Стефан, потоа на мудриот, возљубен и честит Митрополит г. Тимотеј, и секако, на оној кој празнува – Преосвештениот г. Партениј. Единството на Црквата е благослов од Бога. И во тоа големо таинство на Црквата радоста на едниот станува радост на сите. Лично, му благодарам на Неговата Сесветост што ме испрати, за да бидам овде како негов претставник, но му благодарам и на светиот партироначалник г. Тимотеј, којшто со својата канонска дозвола денес ни ја даде можноста да служиме во неговата епархија, во неговиот манастир.

Високопреосвештениот Митрополит г. Тимотеј е еден значаен и мудар Митрополит. Тој е човек кој работи со смирение и со чесност. И тој е оној што ги промовира единството и каноничноста на Црквата, затоа и се радуваме денес на таа убавина да бидеме заедно овде со клирици и лаици од Охридската Архиепископија, и браќа и пријатели клирици од Грција и од други места. И од срце му благодариме на Високопросветениот. Тој е еден од јерарсите кој е почитуван од Вселенскиот Патријарх. Со можноста да се собереме денес, би сакал да ми дозволите да му предадам сребрен медалјон што го издаде Патријаршијата по повод триесетте години патријархување на Вселенскиот Патријарх. И да му посакам на Високопреосвештениот пастироначалник наш да има здравје и долгогодишно пастирствување и да биде најсилната алка помеѓу Патријаршијата и Охридската Архиепископија. Високопреосвештен Старче, Ви благодариме многу. Достоен!“

А, пак, нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј, заблагодари и посведочи за љубовта во Христа, упатувајќи благодарности и до Сесветиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј:

„Ваше Високопреосвештенство, чест ми е на овој голем ден, кога го прославуваме Свети Партениј Лампсакиски да отслужиме заедно Света Божествена Литургија и да се причестиме од еден путир, една чаша, и да бидеме едно во Господа Исуса Христа. Господ Исус Христос вели дека по тоа ќе ве познаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе. Љубовта највеќе се забележува во заедничкото богослужение, односно со заедничката причест. Апостолот Павле, пак, во свое послание вели дека дури и ангелски да зборуваме и да дозволиме и телото да ни изгори, ако љубов немаме, ќе бидеме кимвал што ѕвечи, со други зборови – ќе бидам ништо. И нема потреба ниту телата да ги гориме, ниту да страдаме, бидејќи љубовта ја покажавме. Би се молел на Господа Бога таа љубов што ја манифестиравме денес да ни биде трајна и вечна.

Ја користам оваа прилика од името на браќата сослужители денеска и од свое име, од име на викарниот архиереј и на сите верници што се денеска тука, да Ви се заблагодарам на Вашите убави зборови, но уште повеќе благодарност да искажам кон Неговата Сесветост Патријархот г. г. Вартоломеј, Првопрестолниот Архиереј на светата православна Црква. Искажувам уште еднаш благодарност и за подарокот, што ќе го чувам за спомен, кој ќе ме потсетува на оваа Литургија, меѓутоа ќе ме потсетува и на прекрасните моменти што ги имавме за време на првото архиерејско сослужение на Литургијата на Светата Педесетница во Цариград. Го очекуваме и Неговата Сесветост да дојде во Охрид и да ни даде Томос за долгоочекуваниот момент којшто македонскиот народ го очекува од Вселенскиот Патријарх“.         

Богослужба за Свети Партениј Лампсакиски
Достојно ест, гл. 5… – Византиски Хор Тропос
Херувимска песна, гл. 5, Византиски Хор – Тропос