Епископ Партениј по настапот на монашкиот хор на Бигорски манастир во Атина: Ваквите настани ќе допринесат за поголемо зближување на нашите два братски православни народи

Треба да се случуваат што повеќе вакви средби, затоа што ваквите настани ќе допринесат за поголемо зближување на нашите два братски православни народи, на нашите две цркви, вели игуменот на Бигорискиот манастир, Епископот Антаниски г. Партениј во разговор со дописничката на МИА од Атина, по учеството на монашкиот хор на тридневниот Меѓународен фестивал на православна црковна музика што се одржува во грчката престолнина.

Епископот Партениј, не го крие задоволството и воодушевувањето како од учеството, така и од приемот, но и од самиот настан, што воедно е прв официјален настан кај јужниот сосед на кој учествува македонски црковен хор и истакнува дека овие три дена, му се остварил сонот неговите духовни чеда да го изучат источното православно пеење.

Првиот Меѓународени фестивал на православна црковна музика (3 – 5 декември) е под покровителство на Министерството за култура на Грција, општината Атина и атинската архиепископија, а монашкиот хор при Бигорскиот манастир во петокот учествуваше на свечен концерт, додека пак денеска, тридневното учество го заврши со пеење на неделна литургија во најголемата црква во Атина, црквата Свети Пантелејмон.

-Сите сме воодушевени, бидејќи ова беше навистина на едно високо ниво со благослов на архиепископот на Атина и на цела Грција г.г. Јероним и на претседателот на Здружението на псалтите на Атика со кого имавме и претходно соработка.

Имено, тие доаѓаа неколку пати со нивниот хор во нашиот манастир, но сепак, ваква средба досега сме немале, а сметам дека треба што повеќе вакви средби да се случуваат, затоа што ваквите настани ќе допринесат за повеќе зближување на нашите два братски православни народи на нашите две цркви, истакнува Епископот Партениј за МИА, пренесувајќи ги впечатоците од учеството на тридневниот фестивал.

Во однос на тоа дали можеби е направен првиот чекор во овој правец, вели дека „честопати сме правеле вакви чекори“, но сепак треба уште многу работа за да се прифати реалноста што ја живее Македонска православна црква – Охридска архиепископија.

-Ние, како манастир и како црква имаме многу пријатели во Грчката црква, во Вселенската патријаршија, но сепак треба уште многу работа за да се прифати реалноста што ја живее нашата Македонска православна црква – Охридска архиепископија, бидејќи тоа е една црква што е самостојна, организирана, автокефална и мислам дека треба повеќе да се трудиме сите, таа реалност да се прифати, бидејќи е една неправда, овој народ да биде третиран како да е надвор од црквата, објаснува тој.

Го гледам мојот сон остварен

Здружението на јеропсалти, односно црковни певци на периферијата Атика, во петокот, по завршувањето на концертот во Соборниот храм во Атина, на епископот г. Партениј му додели почесен медал за неговите заложби за источно-црковното православно пеење.

Сепак, тој истакнува дека медалот му припаѓа на братството, а неговиот сон се исполнува.

-Тоа беше почесен медал. Иако тоа припаѓа на моето братство. Jас сега го гледам мојот сон остварен во ова што се случуваше овие три дена, затоа што секогаш сум се молел да имам духовни чеда кои добро ќе го изучат грчкиот јазик, кои ќе го изучат источното православно пеење, кое е една голема наша традиција, бидејќи многу од музичарите и писателите на византиските ноти, на мелодиите, потекнуваат токму од нашата земја, така што нашиот народ дал и придонес за ова источно православно пеење и токму тоа е нашата култура и припаѓа на нашата цивилизација.

Така што, многу е важно што тоа се негува и се исполни сонот, повеќе ученици, дојдоа во Солун и го изучуваат византиското пеење, со помош на Грчката православна црква, со благослов на нашиот надлежен митрополит Тимотеј, митрополитот Петар, потоа, најмногу и архиепископот дедо Стефан, објаснува епископот за МИА.

Уникатна литургија во најголемата црква во Атина

Пеењето на монасите ја воодушеви публиката на концертот во петокот, а не ги остави рамнодушни ниту верниците на денешната утринска литургија во црквата Свети Пантелејмон, најголемата црква во Атина, што ја нарекуваат Света Софија Атинска.

Како што вчера објасни отец Анатолиј за МИА, станува збор за уникатен настан, бидејќи половина од богослужението беше на грчки, половина на црковно словенски јазик, а монашкиот хор пееше на левата певница, односно на словенски јазик.

Со литургијата чиноначлствуваше викарниот епископ на Атинскиот Архиепископ, владиката на Ореон г. Филотеј, кој на крајот на верниците им го претстави и го поздрави монашкиот хор од манастирот Бигорски.

Вчера пак, учествуваше на празничната вечерна богослужба во храмот на Мајката Божја, посветен на нејзиниот Живоносен Источник.

Игуменот на Бигорискиот манастир, Епископот Антаниски г. Партениј, изразува надеж дека набргу повторно ќе дојдат во Атина и ќе имаат различни средби.

-Пеењето на монасите им се допадна особено многу, бидејќи нашето братство негува светогорско традиционално источно православно пеење и тоа го кажаа сите и доста стручни псалти кои на Меѓународниот фестивал во Митрополијата во Атина добија и медали. Тоа се видни личности од животот на грчката црква, особено од животот на псалтите, истакна епископот.

Учеството на монашкиот хор на првиот Меѓународен фестивал на православна црковна музика беше прв за македонски хор на официјален настан во Атина, а присутни беа генералниот секретар од Министерството за надворешни работи на Грција, како претставник на грчката Влада и претставник на грчкиот архиепископ Јеронимос.