Споменот на Светите Атанасиј и Кирил Александриски во Пречиста

Откако засветливте со делата на православието и сета злоба ја изгаснавте, носители на победа станавте, со вера ги збогативте сите и Црквата обилно ја украсивте, достојно Го најдовте Христа Бога, Кој ни дарува милост голема.

Тропар на Светителите

Богоглаголивиот и преподобен Атанасиј, „кој претрпе маки и поднесе гонења“ и „со светлината на проповедањето ги просветли оние што беа во темнина“ и славниот свети Кирил, кој „стана сонце светлозрачно“ и „ја украси Црквата со прекрасни добрини“, денес приредија серадосно торжество во Обителта на Пресвета Богородица – Пречиста. Со блесокот на нивната небесна слава, Светите Александриски патријарси го озарија со благодат соборот на верните во параклисот на Пречистанските преподобномаченици, за време на литургиското тајноводство на нашиот Старец и Епископ г. Партениј, во сослужение со браќа јеромонаси.

Поводот за денешното молитвено собрание е навршувањето на точно четири години од доаѓањето на нашите сестри монахињи од манастирот Рајчица во Пречиста, за, со благослов на нашиот почитуван и монахољубив надлежен Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски, да го продолжат монашкиот живот во домот на Богомајката. Тогаш, на овој ден од страна на нашиот Старец беше отслужена првата Литургија со новото сестринство и затоа сестрите посебно го сакаат и чествуваат споменот на светите Александриски јерарси Атанасиј и Кирил.

Нека нивниот благослов и молитви бидат секогаш со Пречистанското сестринство, укрепувајќи ги монахињите во носењето на нивниот крст и во подвигот што го прават за слава на Христовото име среде народот!