Делегации од Бигорски, Рајчица и Пречиста на средба со Митрополитот г. Тимотеј

По двајца претставници на бигорското монашко братство и на сестринствата од Манастирите Рајчица и Пречиста, со благослов на нашиот старец, Епископот Антаниски г. Партениј, денеска остварија средба со почитуваниот надлежен архиереј на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, во неговото митрополитско седиште крај Плаошник во Охрид.

Монасите и монахињите беа срдечно пречекани и примени од нашиот монахољубив Митрополит. Поводот, пак, за денешната посета беше подарокот од нашата монашка заедница за нашиот надлежен архијереј – истообразна копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица Крнинска, од Манастирот Пречиста Кичевска, икона којшто г. Тимотеј особено ја сака и почитува. Иконата ја наслика зографот Илче Ѓорески од Кичево.

Во атмосфера на духовна радост и почит, на средбата беше разговарано за повеќе тековни теми од црковниот живот во нашата епархија, како и за некои прашања што особено го засегаат монаштвото.