Радувај се, духовен Рају! – Трет Акатист

Талкајќи низ безводната пустина на суровите страсти, барајќи се себеси, самоиспитувајќи се и спознавајќи се низ великопосните денови на оваа благопријатно време, каејќи се и плачејќи за пустошот што ни го направи гревот на кого доброволно се предадовме, западнати во крајна сиромаштија и беда; тивко, нежно, неусетно и милно наоѓаме духовен рај и благодатно изобилие на утеха и топлина. Акатистните песни за Пресветата и Преблагословена Царица се вистинска оаза од радост, мир и спокојство, благоухание од молитва, чистота и светост, обнова на силите, поттик за борбата понатаму.

Молитвеното цветособрание на Акатистот, исплетено од најубавите зборови што би можел човечкиот јазик да ги состави, се разлеа низ бигорскиот храм преку умилителниот глас на старецот наш и владика, Епископот г. Партениј, исполнувајќи нѐ со живоносни струи на благодарност и славословие. Посните денови со венецот од Акатистот претставува духовна пролет и обнова на верните кои преку крстот се трудат да го достигнат Воскресението.