Вознесението Христово – принесување и соединување на човечката природа со Господа

Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и викајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.

(Кондак на празникот)

Вознесението на Христа е собитие од огромно значење за целото човештво, жив доказ дека божественото дело за спасение на човечкиот род е завршено. Токму онака како што вели апостолот Павле: „Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сѐ“ (Ефес, 4,10). Да, Синот Божји се овоплоти, прими човечка природа, слезе на земјата за да нѐ издигне нас земните кон небесата, заради нашите гревови пострада, со Својата крстна смрт ја умртви нашата смрт, воскресна во неискажлива слава и ете сега се вознесе на Небесата, без да се раздели од нас, за да ја принесе, помири, исполни и соедини нашата падната природа со Бога. Восхитен, но и збунет е умот пред овие големи таинства извршени заради нашето спасение, оти ние, бидејќи немоќни, според зборовите на Апостолот само делумно разбираме. Но оваа вистина ја разбраа апостолите во мигот на Вознесението на нивниот Учител и Господ и затоа, по разделбата со Него, тие се вратија во Ерусалим со голема радост.

Неземната, пак, радост и утеха што ја примиле апостолите, пренесена е на сите верни во Христа, на членовите на Неговото Тело – Светата Црква, која веќе со векови го прославува овој празник со огромни торжества. Голема е и радоста во Бигорската и Рајчичката Свештена Обител возглавена од возљубениот ни Старец, архимандрит Партениј, зашто Синот Божји со Својата милост, благост, но и сила и праведност постојано и без да се оддели од нас, ги препородува и поткрепува нашите души.

Христе Боже, Кој се вознесе во слава, помилуј и спаси нѐ. Амин.