Јавна благодарност до „Македонија пат“

Братството на Свештената Бигорска Обител, со својот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, отворено му се заблагодарува на државното јавно претпријатие „Македонија пат“, предводено од директорот г. Костадин Ацевски и посебно кон дебарската единица на претпријатието, раководена од г. Деар Лиманоски, за вложениот труд при расчистувањето и одржувањето на магистралниот пат Маврови Анови-Дебар. Се чини дека во изминативе 2-3 децении ова е најтемелното чистење на јавната делница, барам во околината на Манастирот, така што на оние места кои беа сосема обраснати од страна, за прв пат по долги години може да се види лицето на каналетките и патните обележја кои се особено важни за безбедноста во сообраќајот. Со посветена работа очистени се повеќе места каде што широчината на патот беше значително стеснета поради запуштеност.

Сите кои почнале совесно да се грижат за ова добро дело од јавен карактер нека бидат благословени од Бог Творецот на оваа убава планета! Искрено се надеваме дека и во иднина ќе продолжат со внимателната и постојана грижа за јавните патишта.

Кога сите претпријатија и поединци би се труделе совесно да ја извршуваат поверената им служба, тогаш би имале несомнено најубава држава.

Вредниот работник г. Омер Исљамоски од с. Ростуше, кого поројниот дожд не го спречува да ја извршува совесно својата работа