Христијанството не е религија

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ г. Партениј, изговорено во бигорската трпезарија, во втората недела пред Рождеството Христово, на 16/29 декември 2019 лето Господово

Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител

Кога би ве запрашале, возљубени мои, што е Христијанството, што би им одговориле? Би им одговориле дека е религија? Но, во подлабока смисла, тоа не би можело да се нарече религија. Религијата го одредува односот на човекот кон Бога, и ништо друго. Тогаш, што би рекле дека е Христијанството? Можеби, Царство? Се разбира, да! Царство! Зашто овде се покажува учеството на човекот во животот на Бога, бидејќи Бог нѐ направи синови на Своето Царство: вие сте род избран, царско свештенство, свет народ (1. Петр. 2,9).

Светата Трпеза во Бигорскиот храм

Доколку повторно би нè прашале што е Христијанството, би можеле да кажеме уште нешто. Христијанството е и една вечера. Една трпеза. Господ седнал на трпеза и јадел со Своите ученици, принесувајќи им ги Своите Тело и Крв за храна – нешто што е срце на севкупното христијанско суштествување. Телото и Крвта Негови. И ќе дојдат од исток и запад, и север и југ, и ќе седнат на трпезата во царството Божјо (Лука 13,29). Според тоа, гледаме дека Христијанството е и една трпеза, и тоа царска. Како што знаете, храмот е центар на нашето чествување. На тој центар, центар му е Светата Литургија. А на овој центар на центарот, средиште му е Светата Трпеза во олтарот. Значи, трпеза, односно гозба. Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие (Јован 6,55). Доколку не вкусуваме од Неговите Тело и Крв на Неговата трпеза – Светата Литургија, тогаш никако не е возможно да живееме, да имаме живот вечен.

Во една прилика Христос бил повикан да седне и да јаде на трпеза. Кога почнал да го упатува народот во Својата чудесна наука за љубовта, некој од тие што седеле таму Му рекол: Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо! (Лука 14,15) Тука зборот леб е употребен во смисла на нешто најсуштествено во нашиот живот. Тоа е она што во нашиот секојдневен говор велиме: „Ајде да јадеме леб“. Односно, да јадеме, да се наситиме заедно. Господ, како одговор на ова, ја кажал параболата за Големата вечера. Парабола, којашто јасно ни го покажува Христијанството како Царство и вечера, на која сме повикани и удостоени да вкусуваме од Неговото Тело и од Неговата Крв.

Домашните седат, слугите послужуваат (Детаљ од „Свадбата во Кана Галилејска“ на Паоло Веронезе, 1563 г.)

Всушност, самата трпезата е показателство на тоа достоинство, доказ за посиновението Божјо што луѓето го примаат. На трпезата не седат слугите, туку синовите. Земете ја за пример онаа стара слика од древните времиња на слободни и слуги. Слугите служат, а синовите, децата седат. Сетете се и на приказната со Хананејката, во која Господ рече дека не е добро да се даде лебот на кучињата. Во таа прилика Хананејката одговори: Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари (Матеј 15,27). Јасно е, значи, дека децата, домашните седат на трпезата. Тоа е најгромогласното посиновение – што Господ сите нас нè посинува, се разбира, според благодатта; нè посинува, нè седнува на трпезата од Неговото Царство.

Уште, трпезата покажува и едно сродство – дека оние што седат на иста трпеза, го споделуваат сродството со Домовладиката. Колку се радуваат луѓето кога некогаш ќе бидат повикани од некоја официјална личност, со високо достоинство, на неговата трпеза, и ќе седат и кога ќе заминат, ќе речат со гордост: „седев и јадев со тој и тој“. Тоа го покажува сродството. Сетете се уште на една убава фраза што ја кажува Свети Апостол Лука во Делата Апостолски, кога сака да покаже какво сродство постоело помеѓу Христа и учениците, т.е. Еднаш кога ги собра (Дела 1,4), јадеше со нив. Израз што го покажува многу блискиот однос на Господа со учениците.

Седењето на трпезата Божја претставува и учеството во животот на Домовладиката, бидејќи додека седиме, Он ни ги кажува Неговите нешта, а ние Нему нашите. Значи, не формално, туку пријателски, учествувуваме во животот на Бога. Тоа е врховното нешто! Дека посиновението се покажува и со учеството во животот на Бога. Следствено, Христијанин ли сум – тоа значи дека учествувам во животот на Бога, а од тоа се заклучува дека Христијанството не е религија. Значи дека иако мојата суштина и суштината на Бога се бесконечно далеку, сепак, присуството на Бога и моето присуство се бескрајно блиски. Толку блиски, што Господ рекол: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6,56). Така што, стануваме сотелесни и истокрвни со Христа. Така, мили мои, видовме дека Христијанството е Царство и трпеза, на која членовите на Црквата, на соборот на Телото Христово, се хранат со онаа Божествена храна од трпезата на Царот, којашто нема никогаш да престане и која на човекот му дава особена сила и го обожува.

На едно друго место во Евангелието, Господ Христос вели: Блазе на оние слуги што ќе ги затече господарот будни, кога ќе си дојде! Вистина ви велам, тој ќе се препаше и ќе им рече да седнат, па ќе пристапи и ќе им служи (Лука 12,37). „Јас ќе ви служам“, вели за Себе Господ. „Јас дојдов за да ви послужам, да ве седнам на трпеза и да ви служам“. Гледајте, чудесно: Господ нѐ повикува на трпеза, нѐ прави синови Свои, стануваме синови на Великиот Бог и што е најтрогателно – Самиот Он ни служи. Мене, недостојното Негово дете, и покрај сите мои грешки, пропусти, гадотии рани што Му ги задавам, сепак, ме повикува на Неговата трпеза, сака да седи со мене, да ми се радува, да ми служи, да ми ја даде Својата Божествена Храна, Крвта и Телото Негово, за да ме спаси. Единствено преку Неговата Крв се спасуваме. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас, е Моето тело, што ќе го предадам за животот на светот (Јован 6,51).

Денес во Евангелието Господ сите нѐ повикува на трпеза, на гозба, на духовно веселие, како Свои деца, Негови синови.

Меѓутоа, и покрај повикот на Великиот Цар, покрај призивот на Неговиот „пресладок и најљубезен глас“, гледаме како поканетите на оваа величествена и чудесна гозба се откажуваат. Во параболата се опишани три вида на поканети, т.е. три категории на луѓе, коишто не ја уважиле поканата, коишто немале доволно духовно чувство, та да го претпочитаат вистинското и вечното, наместо временото и лажното.

„Параболата за Големата вечера“ од Брунсвик Монограмист (околу 1525 г.)

Првиот вид луѓе ги претставува оној што не пошол на гозбата поради нива: Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те молам, извини ме! (Лука 14,18) Тоа се, всушност, луѓето коишто со манија купуваат и продаваат во овој свет, трчаат по материјални богатства, алчни се за печалба, врзани се за земјата. Хиперболично се трудат околу богатството – тоа ги обзема потполно. Знаеме дека тоа не ја исполнува нивната духовна жед, не го заситува нивниот внатрешен глад – веројатно и самите тие знаат, свесни се дека не е тоа конечното – но, сепак, доколку ги повикате да дојдат на духовна гозба, во храмот Господов, тие сигурно ќе ве одбијат, бидејќи наводно се презафатени, имаат премногу, премногу работа, не можат да престигнат, нивните бизниси зависат од нив итн.

Втората категорија на луѓе се оние коишто со своите пет сетила потполно се оддале на страстите. Купив, вели, пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме! (Лука 14,19) Петте чифта волови ги одразуваат петте сетила на човекот: видот, слухот, мирисот, вкусот и допирот, кои преку страстите на човекот попримиле повеќе животински, отколку човечки карактер. Сетилата на човекот му се дадени како дар од Господ, за општење со надворешниот свет. Затоа, тие по природа не се лоши, туку полезни. Но, кога ги злоупотребуваме, кога ги користиме за претерано сластољубие и хедонизам, тогаш ги претвораме во орудија со кои го градиме сопствениот пекол, односно нашата оддалеченост од Бога. Купив пет ѕевгари волови – што значи целосно се оддадов на моите чувства, преку нив самиот се искушувам – како што вели Свети Апостол Јаков: секого го искушува неговата похота која го влече и мами (Јаков 1,14) – и одам да ја орам нивата, нивата на задоволствата. Овој човек, со своите заробени чувства, ја наведнал главата надолу, дотолку го свил својот внатрешен човек, својот дух, својот интелект, што повеќе не можел да гледа нагоре, да мисли возвишено, благородно, човечки – се приковал само за земното. И доколку го повикате таквиот човек да дојде во храмот, да види и да почувствува дека таму се случуваат големи нешта, дека Светата Литургија е една неовоземна димензија, тој сигурно ќе ве одбие, нема да ве сфати, ќе рече: не можам, немам време за тоа. Таквиот човек, всушност, повеќе не ни може да помисли на Бога; сето негово битие е заробено од сетилниот, материјалниот свет, којшто, сепак, никогаш нема да го задоволи. Затоа и вели; одам на земјата, да ги пробам, тој оди надолу. Нема идеал што цели високо, а само ниски пороци и страсти.

Би можело да се каже дека нашава епоха е епоха на тиранијата на сетилата и на чувствата. Погледнете само што се случува наоколу во нашето секојдневие: станавме робови на технологијата, на социјалните мрежи, на дигиталната „реалност“, којашто е една бескрајна нива за земски задоволства, со плодови што ги прејадуваат нашите сетила. Особено видот. Што ли не може денес човек да види на интернет, на својот телефон?! Гледаме луѓе претворени во зомби, обземени од дигиталниот свет. Пред некој ден едно момче ми рече дека почнал свесно да се воздржува од Фејсбук. Сепак, признава дека понекогаш е искушуван да влезе во својот профил, сметајќи го тоа за „одмор“, за некаква разонода. Замислете, кога еден посветен Христијанин, кој се труди да живее духовен живот, се соочува со таква борба, што ли се случува со оние души коишто не знаат за духовна борба и воздржание?! Стануваат жртви на сопствените сетила, на тиранијата на чувствениот свет.

Не помалку се злоупотребуваат и сетилата за вкус и мирис. Чревоугодието, желбата да се задоволи вкусот и мирисот, исто така предизвикуваат пад на внатрешниот човек во нас, мачнотија на духот, затапеност на мислите, мрзоволие, духовно ропство. Неопходна ни е телесната храна – и таа е благослов Божји, „за наша наслада и храна“, но прекумерното конзумирање носи штета по духовното и телесно здравје.  Апостолот Павле вели: Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе ги уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господ, и Господ – за телото (1. Кор. 6,13). Всушност, сè што е од Бога создадено е добро и за добра намена, така што добро е да се ползуваме и со земските плодови и умерено да го храниме телото свое, но за слава Божја, благодарејќи Му на Господа. Затоа Господ го уподобува Христијанството со гозба, којашто го опфаќа не само човекот, ами и сето создание. Таа гозба, таа мистична трпеза на Божјото преобразување е намената за севкупното создание, согласно зборовите на Свети Апостол Павле: дека и самото создание ќе се ослободи од ропството на распадливоста при славното ослободување на чедата Божји (Рим. 8,21). Сè треба да се преобрази и да се спаси. Во Светото Писмо се вели дека накрај ќе има ново небо и нова земја (Откр. 21,1)

Прародителите Адам и Ева надвор од Рајот, далеку од Бога

Третата категорија на луѓе ги преставува оној поканет кој им одговорил на пратениците: Се оженив и затоа не можам да дојдам (Лука 14,20). Тоа се, всушност, луѓето коишто од семејството, од жената своја, од мажот свој, од децата, родителите, роднините, пријателите – направиле свои идоли, ги ставиле над Бога и над довербата во Него. Ова, секако, воопшто не значи дека бракот, семејството, пријателството, меѓусебната љубов и поврзаност се зло. Напротив, и тие се Божествени институции, Божји благослов за човекот, света тајна. Доволно е да си спомнеме само на фактот што Господ Исус Христос го започнал спасителното пресоздавање на светот со чудото извршено на бракот во Кана Галилејска. Бракот е една од основните свети тајни во Црквата. Меѓутоа, тука станува збор за нешто друго. Имено, за погрешната перцепција на овие од Бога дарувани благодети – кога тие ни стануваат идоли и нè оддалечуваат од Бога, стануваат причина за нашата богооставеност. Ова нешто е многу старо, го среќаваме уште на првите страници од Светото Писмо. Сетете се на онаа тажна историја, кога прамајката Ева ја послушала змијата, т.е. злото, а прататкото Адам ја послушал Ева. Што се случило? И обајцата паднале и се лишиле од рајот и од вечното блаженство. Но, наместо да се покајат, да возвратат на Божјиот повик за враќање на царската трпеза, првосоздадените се оправдале себеси и вината ја префрлиле на змијата, па дури и на Бога: Жената, Му одговорил Адам на Бога, која Ти ми ја даде, таа ми даде плод од дрвото, и јас јадев (Битие 3,12). Како да Му вели: Ти си виновен што јас морав да стапам во брак. И денес луѓето наоѓаат слично оправдание: имам жена, имам маж, деца, родители, тие ми го одземаат сето време, ме влечат надолу, имам толку многу обврски, треба да се грижам за нив, треба да работам, да печалам, да им угодам на жената, на мажот, на децата, затоа не можам да одам в црква. Но, и таквите се недостојни за Божјиот призив. Наместо сите тие дарови од Бога да ги исползуваат за славословие кон Него, тие си прават идоли од нив и ги положуваат во срцата свои, на местото наменето за Бога. Затоа Господ и вели: Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене (Матеј 10,37).

Евангелието е дадено универзално, за сите луѓе, од почетокот до крајот на светот. Сите имаат можност да се спасат, да станат учесници во трпезата Господова. Преку светата тајна Крштение примаме посиновение, стануваме синови на Бога. Светото Крштение е одеждата на непорочноста, свечената свадбена облека што се спомнува во евангелското четиво за царската гозба опишана според Апостолот Матеј. „Кога влезе“, вели, „царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: ‘Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?’“ (Матеј 22,11-12) Оваа облека, рековме, Господ ни ја дава на дар преку светото Крштение.

Меѓутоа, ние, со нашите престапи, страсти, гревови, со доброволното непослушание кон Божјите заповеди, ја валкаме оваа облека на непорочноста, ја осквернуваме, ја парталиме. Иако поканети, стануваме недостојни да седнеме на Господовата трпеза. Како повторно да добиеме таква светла и царска облека, та да можеме да седнеме заедно со Господа на духовната гозба, на Евхаристијата, а потоа и на трпезата во Царството Небесно? Како? Преку таинството на покајанието и на исповедта. Се покајувам искрено и од сè срце, ги тргам маските од моето лице, застанувам смирено пред Господа, таков каков што сум: гол, изнаранет, посрамен – и Он повторно ме облекува во снежно бела и царска облека. По исповедта и по покајанието излегувам како Негов син, како принц на царската трпеза.

Има луѓе што велат: „Зар тој и тој човек оди во црква?! Како може оној да го примат в манастир?! Па, го знаеме каков е, уште од времето, знаеме што правеше, колку голем грешник е… Зар сега тој в црква?!“ Кои сме, меѓутоа, ние да судиме? Ете, тој грешникот, недостојниот, безначајниот, и тој е поканет на гозбата од Царот; се одѕвал на Божјата покана, упатена кон сите. Ние може да ги знаеме неговите падови, но Бог го знае неговото покајание и затоа го прима да седи заедно со Него.

Господарот од денешното Евангелие Го преставува Бог Отецот, а Слугата Кого Го праќа да ги повика поканетите – Синот Божји. Оваа симболика го означува крајното Божјо снисходење, т.е. дека Словото Божјо, Кое е едносуштно и со еднаква чест како Отецот, заради нас стана слуга. Бог Отецот Го испраќа и Му вели да ги пронајде по раскрсниците сите оние што се слепи, глуви, хроми од гревот, какви и да се, и сите да ги покани на Неговата трпеза. А тие што ги осудуваат другите, објавувајќи ги гревовите на нивниот поранешен живот, и самите припаѓаат на една од споменатите категории – се грижат за своите имоти, за своите задоволства, за својот комфор, за нивите, воловите, куќата, автомобилот, сопругот, сопругата, децата, роднините, пријателите, но го заборавиле најважното – дека се царски синови и дека Господ сака да ги направи Негови сонаследници. Не наоѓаат време да дојдат на најважната трпеза што Самиот Господ ја поставил. Всушност, ја загубиле суштината на животот.

Господ Исус Христос ги причестува Апостолите со Своите Тело и Крв на Божествената Евхаристија

Затоа, мили мои, радувајте се што сме меѓу повиканите на таа трпеза. Знаете, има причина зошто оваа парабола секогаш се чита во втората недела пред Божик, посветена на сите Праотци. Имено, со доаѓањето на Синот Божји на Земјата, вратите на Царството повторно се отворија за нас и сите сме повикани да седнеме на трпезата заедно со својот Бог и да се храниме од животворната и Божествена храна. Значи, сега кога полека одиме во пресрет на Рождеството, да се подготвиме достојно за таа духовна гозба, бидејќи сме деца Господови. Гледајте, Он сака да ни служи, Он Самиот сака да ни пристапи и да ни служи, исто онака како кога на Тајната Вечера, најнапред им ги изми нозете на апостолите, а потоа стана и им го раздели виното. Ајде овие последни денови од постот да ги поминеме во благодатно расположение, со убави мисли и созерцанија за Бога. Да Го повикаме да дојде во нашето срце и достојно да нè облече во синовска царска одора, оти Он е Небесниот Цар, а ние сме Негови наследници по благодат. Удостоени сме да бидеме деца на Царскиот Син, да не се покажеме недостојни. Да не бидеме вброени во луѓето од трите категории, туку смирено да се вброиме кон слепите, глувите, хромите, болните, бидејќи сите ние боледуваме од гревот. А рековме, царската облека ни се дава на дар, едноставно со покајание пристапуваме пред Господа, пролеваме очистителни солзи во смирение и веќе следниот миг украсени сме со облека достојна за принц и како поканети гости седнуваме на царската трпеза, на Светата Литургија.

Ви посакувам убав Божик на сите!