Христовото Царство е блиску до сите што ќе го посакаат

Слово за Цветници на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во манастирската трпезарија

Отци и браќа монаси, најмили мои верници! 

Празнуваме денес еден славен настан од земниот живот на смирениот наш Спасител, Господ Исус Христос. Денес, во оваа Цветна недела, Синот Божји, Кој зеде облик на слуга за да го ослободи родот човечки од ропството на гревот, ѓаволот и смртта, влегува во светиот град Ерусалим и од многубројниот насобран народ со голема слава е пречекан; пречекан е така како што во тоа време се пречекувале царевите и војсководците кои се враќале од победа. Влегува во Ерусалим како светлина и живот, зашто претходно го воскреснал четиридневниот мртовец Лазар и гласот за тоа, дотогаш невидено чудо, се имаше пренесено меѓу сите жители и дојденци во Ерусалим и околината. А во тоа време Ерусалим бил преплавен со илјадници луѓе, Јудејци по род, но и туѓинци – прозелити што ја прифатиле јудејската вера и поверувале во единиот вистински Бог. Сите тие биле собрани во Ерусалим поради најголемиот празник Пасха, кој бил, всушност, спомен за некогашното преминување на богоизбраниот Израил преку Црвеното Море, спомен за неговото преминување од ропство во слобода, под водство на најголемиот меѓу старозаветните пророците – боговидецот Мојсеј. Ерусалим бил, всушност, средиште на целата свештена историја на Израилот, средиште на историјата за спасението и избавувањето и за секој Израелец тој бил свет град во кој требало да се јави Бог. Затоа сите Јудејци што имале можност, тргнале тие денови во светиот Ерусалимски храм да принесат благодарствени жртви.

Слушнавме од евангелскиот расказ дека денес и Господ тргнал од селото Витанија да ја прослави својата последна Пасха на земјата. И влегува во Ерусалим не како некој овоземен цар или војсководец, јавајќи на раскошно украсен коњ, во луксузна триумфална поворка, со бројни слуги и војници, туку влегува со Своето крајно смирение, качен на мало осле. А, сепак, мноштвото народ Го дочекува како вистински Цар: со палмови гранчиња и радосни извици, со постилање на облека и цвеќиња по патот по кој врви. Многумина од насобраните Јудејци, во своите поздравни екскламации наведуваат, можеби и несвесно, делови од псалмите и пророштвата: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! (Јован 12,13) Чувствуваат дека при нив најпосле доаѓа Царот, се јавува долго очекуваниот Месија. Но, во нивните месијански сфаќања веќе се имала изгубено свеста дека Месијата, Кој ќе произлезе од нивниот род, ќе биде Спасител не само за нив, туку и за сите народи и за сите луѓе, ќе биде „Светлина за просвета на незнабожците“. Јудејците сметале дека Месијата ќе биде само нивен Избавител од ропството, Кој ќе оформи земно Израилско царство, помоќно од сите други царства на земјата. Ете зошто со таква радост Христа Го пречекуваат – како нивен Ослободител, Кој ќе поведе војна против Римјаните, ќе ги ослободи и ќе се прогласи за Цар. А не треба да го заборавиме и тоа дека Господ Исус Христос, навистина, и по тело потекнува од царски род, од славната Давидова лоза. Затоа и Го поздравуваат со поздравот: Осана на Давидовиот Син! (Матеј 29,15)

Размислувајќи за овој необичен настан, се восхитував во себеси за тоа како денес смирениот Богочовек, Кој се родил на земјата како најголем бедник, во пештера со јасли, бидејќи за Него немало место во убавите палати и домови во Витлеем, немало место дури ни во гостилницата (сп. Лука 2,7) – како денес Он е пречекан како Цар. Се присетив и на разговорот помеѓу Христа и Пилат во судиската преторија, односно на тоа кога Пилат Го запрашал Исуса: Ти Цар ли си? –  а кроткиот Господ му одговорил: Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би се бореле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде (Јован 18,36). Трогнат од ова, после завршувањето на Светата Литургија, го споделив моето размислување со еден од браќата монаси: „Што мислиш ти, отче, како тоа Неговото Царство да не е од овој свет? Нели Он е Творец и на овој свет и на сè што постои, видливо и невидливо? Он нè создал и сите нас; од ништо го произведе овој преубав свет, а сега вели: Моето Царство не е од овој свет! Како е можно тоа? Чиј е тогаш светот?“ А монахот ми одговори: „Се разбира, отец, светот е Божји, ама ние луѓето веројатно сме навикнале да не го гледаме како таков, зашто го расипавме со нашите гревови“. И навистина, ние, луѓето, со нашите гревови, со нашата заборавеност за Бога, вистинскиот Господар на вселената, го претворивме светот во место на поделби, на раздори, на војни, во место на ужас, тага и несреќа. Затоа и Господ денес не дозволува да биде понесен од човечката слава и радост, туку тажен влегува во Ерусалим. Иако Он е единствениот вистински, самовластен Цар и на овој свет, Неговото осле не е украсено со злато, Он не носи раскошна облека со скапоцени камења, ниту, пак, на Неговата глава има царска круна или златен венец, како што е обичај кај земните цареви и војсководци; не, Неговата глава е наведната, а очите со тага преполнети. Тагува Бог за народот Свој, за градот Ерусалим, бидејќи знае дека неговите жители и придојдените не го почувствуваа и не го сфатија часот во кој беа посетени од Божествениот Посетител, од Царот Небесен, од Царот чие Царство не е привилегија само на одредени поединци, племе или народ. Зашто, Царството на овој Цар е блиску до срцата на сите што ќе го посакаат. Он е таков необичен Цар со Кого сите можеме постојано да разговараме, да сме блиску до Него, да вечераме заедно со Него, да се причестуваме со Него, да бидеме во постојана заедница со Него. Ете, токму таков Цар е Христос. И затоа Неговото Царство не е Царство од овој свет, царство како што го разбираат луѓето, помрачени од своите гревови и страсти, растргнати за власт и материјални богатства, разделени помеѓу себе, поради тоа што единственото кое ги исполнува е да ги задоволат своите ниски страсти и својот егоизам. Оттука и светот е толку поделен и заприлега на една постојана војна, на еден силен антагонизам во кој едната страна е секогаш против другата. Истото го видовме и денес во домот во Витанија, каде што Исус седел на трпеза заедно со воскреснатиот Лазар. Имено, кога Лазаревата сестра Марија го излеала мирото врз главата и нозете Господови, некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирото да се растура така? (Марко 14,4) Најмногу, пак, се вознемирил Јуда, кој бил вљубен во парите и постојано крадел од ковчежето во кое Апостолите собирале пари за да им помагаат на сиромасите. Се возмутил поради тоа што, ете, небаре биле потрошени толку пари бесцелно, а тој, всушност, си ги посакувал тие пари само за себе. Така, светот секогаш се поделува: едните се со Царот Небесен, Царот на срцата, и тие се спасуваат и остануваат во вечна заедница со Него, а другите се со кнезот на овој свет, како што вели Самиот Христос (Јован 12,31); тоа се оние што се заплеткуваат само во световните работи, трчаат само по привремените богатства, слава и власт и со тоа го расипуваат светот и прават да припаѓа не на Христос, на Бог Создателот, туку на кнезот на смртта, кнезот на злото.

Но, зошто, ќе се запраша, можеби, некој, овој свет стана принадлежност на кнезот на мракот? Зошто Христос го допушти тоа? Затоа што Бог нè создаде нас со слободна волја; ние избираме: ќе тргнеме ли по Христа и ќе станеме Негови поданици, поданици на најубавиот и најкроткиот Цар, Чие Царство никогаш нема да пропадне и ни вратите на пеколот нема да го надвладеат (сп. Матеј 16,18), или, пак, ќе ги задоволуваме само нашите ниски страсти и ќе останеме со кнезот на овој свет, со кнезот на пропадливоста. Имаме од Бога подарена слобода самите да избереме на кој цар ќе служиме. Ако Го избереме за свој Цар Христос, Царот Небесен, Царот Вистински, Царот вечен, Царот на мирот, Царот на љубовта и станеме Негови верни и предани поданици, тогаш ние навистина ќе бидеме носители на светлина, на мир и љубов  и со тоа ќе придонесеме овој свет да стане поубав, да стане повторно владение на смирениот Господ, на нашиот најголем Пријател, Кој ја победи смртта. Впрочем, Он е единствениот наш вистински Пријател и Ослободител од тоа најголемо зло. Видовме вчера како Он го направи своето најголемо чудо на земјата, воскреснувајќи четиридневен мртовец, но и ги слушнавме Неговите преубави зборови, со кои не се посрами да се нарече пријател на човекот: Лазар, рече, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам (Јован 11,11). Се нарече пријател на Лазар, а со тоа и пријател на целото човештво. Евангелистот Јован Богослов ни сведочи: А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара (Јован 11,5). Гледате ли, Он го сакаше домот Лазарев и другаруваше со неговите домашни, покажувајќи ни со тоа дека Он, всушност, го љуби целото човештво и сака да другарува со секого од нас, како наш пријател, како наш брат; сака да нè посини и веќе го направи тоа со Својата жртва на Крстот – нè помири со Бога Отецот, така што преку Него примивме посиновение (сп. Гал. 4,4-5)

Пред нас, мили мои, е најдлабоката и најубава богослужбена седмица во годината, светата Страдална Седмица, во која си спомнуваме за светите спасителни Страдања на нашиот Господ Исус Христос, а на крај ќе Го прославиме и Неговото славно Воскресение. Светата наша Црква го има тој благослов не само симболично да си спомнува за тие единствени настани, туку и преку благодатта Божја одново, реално да ги доживува; литургиското „сега“ во Црквата го содржи и историското минато. Затоа, да се потрудиме овие денови подлабоко да созерцаваме за Христовата Божествена Личност, за тоа дека Он навистина е тука, блиску до нас и дека заради нас денес тргнува на Своите доброволни страдања. Да влеземе заедно со Него во духовниот Ерусалим, со покајание и скрушеност во срцата. Да Му ги предадеме целосно своите срца на Христа во оваа Седмица што претстои, за да го слушнеме и Неговиот глас на Пасха, кој ќе ни каже: радувајте се! Амин!