(Видео) Лазарева сабота – празнување и обичаи

Длабоката духовна содржина на денешниот празник нè повикува да размислуваме за значењето на она што се случило во Витанија. Имено, како што Спасителот наш Христос, со љубов и со Божествена моќ стапил во домот на Лазара, за да го воскресне, така истите тие љубов и моќ нè водат да Го пречекаме Него како воскресител и ослободител во нашите души. Нашиот стар човек, кого мисловно сме го погребале заедно со Лазара во последните четири дена, сега е повикан да совоскресне со пријателот Христов, преку изобилието на благодатта Божја што ни се излева денес.

Нашиот живот е полн со гробови од гревови и страсти кои нè водат кон духовна смрт. Без присуството на Господа и без дејствието на Неговата благодат во нашите животи, ние сме немоќни да излеземе од овие мрачни гробови. Затоа, неопходно е да се потчиниме на Неговиот Божествен глас, гласот кој извика: „Лазаре, излези надвор“, глас кој ја премостува бездната помеѓу смртта и животот, темнината и светлината, небитието и битието.

За секој Христијанин е суштински да го слуша овој глас во својот живот, да го препознае и следи. Гласот кој поучува, храбри, утешува и исправа, нè држи на патот кон животот и вечноста. Преку очистување на совеста со покајание и исповед, нашиот духовен слух се засилува и ни овозможува појасно да го слушаме Божјиот збор.

Воскресението на Лазар не е само историски настан или легенда, туку живо сведоштво за моќта на Христа која го потврдува општото Воскресение на крајот од времето. Секој од нас ќе застане пред Христа, Кој не само што воскресна од мртвите, туку и понесе крстот на најголема жртва за сите нас.

Според христијанското предание, во пресрет на Лазарева сабота, кога нашиот Спасител Господ Исус Христос го воскреснал веќе четири дена упокоениот и положен во гроб Лазар, постоел обичај домаќинките да прават т.н. Лазаринки или Лазаринчиња, во негов спомен.

Лазаринките се благи колачи, чијшто состав потсеќа на коливото кое се прави и принесува во спомен на упокоените. Формата го симболизира четиридневниот Лазар, упокоен и завиткан во погребни повои.

Во сабота наутро жените ги носеле Лазаринките во храмот и откако ќе завршела светата Литургија, им ги раздавале на присутните, а особено на децата, со голема љубов и побожност.

Во истиот ден на Лазарева сабота, децата, организирани од учителите и од родителите, се упатувале во парковите и во блиските шуми и собирале гранчиња од врба и цвеќиња, коишто ги носеле во храмот, пеејќи христијански каланди за Лазар пријателот Христов, како и празничниот тропар „Општее воскресение“.

Врбовите гранчињата се расфрлале низ храмот и им се раздавале на верните од страна на свештеникот во спомен на празникот Цветници, односно Христовото славно влегување во Ерусалим, смирено седнат на осле, а со разнобојните цвеќиња богато ги украсувале иконите и вратите на храмот. Некои од Христијаните си ги украсувале и своите домови за благослов од Бога, за родна година. Ваквиот обичај бил задржан во повеќе македонски градови и села, сè до Втората светска војна.

На празниците Лазарева сабота и Цветници доаѓало многу народ кои земале удел во светата Литургија и се причестувале со Светите Тајни Христови – Телото и Крвта на нашиот Господ Исус Христос, подготвувајќи се за големата и света Страдална седмица и за сесветлото Христово Воскресение. Во деновите на Страсната недела не се практикувале никакви свечености, веселби, гозби и празнувања, туку им се оддавало чест на Христовите страданија и на севкупната жртва што нашиот Господ и Спасител ја направи за наше спасение.

Канон на Лазаревото Воскресение
Лазаревата каланда: Кажи Лазаре