Преку Христа стануваме културни луѓе

Обраќање на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, на Божикниот и Новогодишен мјузикл во Кичево, на 1/14 јануари 2024 лето Спасителово


Ваше Високопреосвештенство, Митрополит Крушевски и Демирхисарски г. Јован,

Ќе си дозволам од името на хорот „Митрополит Козма Пречистански“, од најмладите актери, како и од името на оркестарот „Чалгија мерак“, да Ви се заблагодарам за тоа што денес нѐ почестивте со Вашето присуство и дадовте голема поткрепа и поддршка за делото коешто овие млади луѓе повеќе години го прават.

Особено сакам да му се заблагодарам на Градоначалникот на Кичево, г. Фатмир Дехари,  како и на директорот на Центарот за култура „Кочо Рацин“, г. Мазлам Османи, за нивната огромна соработка и поддршката којашто му ја даваат на почитуваното Сестринство од Манастирот Пречиста Кичевска. Вообичаено, покрај епископот на градот, и градоначалниците ги нарекуваме „татковци на градовите“. Господин Фатмир Дехари, кој од оправдани причини не е присутен овде, сигурно ќе чуе за ова. Тој навистина се покажа како татко на сите граѓани, со силна свест за нашето мултиетничко општество, но и за сите оние нешта што нѐ поврзуваат. Денес имаме и различна вера со нашите собраќа во градот, но да не забораваме дека некогаш сме биле иста вера. До XIV век, сите тука биле православни. Сепак, во современ контекст, и покрај тоа што денес сме различна вера, ние сите знаеме дека најважно е што постојат многу нешта коишто нѐ обединуваат. Бог е еден за сите и Он е љубов.

Еве, ја испративме зад нас 2023 и сега сме на прагот на 2024 година. Добро е, мили мои, да се запрашаме колку во измината година ние бевме, пред сѐ,  вистински луѓе. Сите коишто веруваат во Бога, коишто го устремиле својот ум кон божественото, секогаш си прават отчет за тоа колку во својот живот Му угодиле на Бога. А Му угодуваме на Бога најмногу со тоа кога им угодуваме, односно ги љубиме нашите ближни. Оти оној којшто верува, невозможно е да не љуби, невозможно е да не го сака братот свој. Свети Јован Богослов вели: Ако некој рече: „Го љубам Бога“, а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби братот свој, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не Го видел? (1. Јован. 4,20-21). Мили мои, добро е да си направиме една ретроспектива, онака како што на крајот од годината и фирмите ги средуваат своите сметки и прават отчет за своето работење. Како ја поминавме годината што измина? Не знаеме што ни носи утрешнината. Само Милостивиот Бог знае што ќе биде во следната година. На нас останува да благодариме за сѐ она што, по милоста Божја, направивме во изминатата година и да Го молиме Бога да ни помогне во следната, да биде со нас, да нѐ поткрепува во сите наши добри намери. Да бидеме, пред сѐ, добри луѓе, а ќе бидеме тоа доколку сме вистински деца Негови.

Денешното евангелие, предвидено за неделата пред Богојавление, беше, всушност, почетокот на Светото Евангелие според Марко, каде што се зборува за појавата и проповедта на Свети Јован Крстител. И што има поубаво од тоа, од гласот на Свети Јован, Кој Го покажа Јагнето Божјо и извика: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!“ Свети Јован го извика тоа во јудејската пустина и со тој повик го подготви целиот свет за доаѓањето на Христа. И така започна Новиот Завет. Оние кои вистински се покајуваа, тие Го препознаваа Христос како Син Божји. А другите, оние коишто отидоа да го видат Свети Јован само од љубопитност, не Го препознаа Христос. И затоа Свети Јован ја осуди нивната жестокосрдечност. Така, мили мои, и ние денес го слушнавме евангелистот Марко како зборува за проповедта на Свети Јован во јудејската пустина и ни укажува на тоа дека треба да се покаеме. Тоа е една убава поука за почетокот на годината.

Што се однесува, пак, до концертот, ќе бидам искрен и ќе кажам дека многупати ми наидуваа толку силни чувства, што дури и заплакав. Затоа што сето ова е плод на покајанието. Сите овие деца што ги гледате пред вас, го направија овој прекрасен концерт поради нивниот ентузијазам. А нивниот ентузијазам потекнува од нивното покајание, затоа што сите тие живеат евхаристиски, воцрковени се. Видовте каква култура негуваат во себе преку Христа! Колку во нив израснал литургискиот човек, чијшто плод е и овој прекрасен концерт. Па нека биде ова поука за сите од овој прекрасен град, кој сега ја доживува својата преродба. Навистина можам да кажам дека Кичево во последните години доживува една преродба. Повторно ќе истакнам дека тоа се должи на соработката. Кичево стана пример за мултиетничка соработка и нека им е за благослов и чест на сите што помагаат во тоа дело, на сите чинители, најпрвин на Општината, на културните институции, а потоа и на сите останати. Затоа би сакал да повикам: Праќајте ги вашите деца во Црквата, бидејќи таму најдобро ќе научат како најпрвин да станат луѓе. Оти човекот само со Бога е во вистинска смисла човек. Без Бога, за жал, тој е отпадник. Историјата тоа секогаш го покажувала.

Во XXI век гледаме дека, за жал, човекот се поистоветува со другите созданија. Вели дека нема Бог, нема Создател. Научникот Дарвин уште пред век и половина постави една хипотеза за потеклото на човекот од животно. И човекот навистина почна да се поистоветува со животните, животински да живее, да се сведе на нивото на задоволување само на личните егзистенционални потреби, да не стреми кон ништо возвишено и духовно. Но, сега гледаме дека човекот се симнал и подолу од животното. Со ова што ќе го кажам не сакам никого да навредам, бидејќи Црквата ги љуби сите, ги прегрнува сите, во неа има место за сите, таа е место за покајание. Имено, деновиве во соседна Грција, парламентот е пред еден голем предизвик и треба да донесе „историска“ одлука, а тоа е можноста на истополовите брачни парови да посвојуваат деца. И никој не ги попречува и не ги осудува оние коишто сакаат да живеат во истополова заедница, бидејќи тие самите за тоа се определиле. Црквата не прави насилие на никого, Црквата така и започнала: над неа се вршело насилие, но ниеден Христијанин во текот на првите триста години, до престанот на гоненијата во времето на царот Константин, не возврати со насилие, не се наоружа против никого, туку повика: „Дојдете сите! Он има за сите, Он има леб за сите!“ Знаете, сите внатрешни појави во човекот, како, на пример, страстите, кои се од Бога создадени сили и се неутрални, отсекогаш ги имало во човекот, но од нас зависи како ќе ги насочиме. И тогаш постоеле хомосексуални парови, но Црквата не ги отфрли, туку ги привлече и ги преобрази. Таа и денес ја има таа сила. Но да размислиме сега повеќе за посвојувањето деца од истополови заедници. Истовремено слушаме и за сурогат мајчинство. Се прашувам, зарем мајката, тоа најсвето нешто, се претвора во една машина којашто ќе треба да произведе дете, за истото потоа да го предаде некому?! Сега луѓето станаа полоши од животните. Гледате во природата колку мајчинството е силно кај сите Божји созданија. Една мајка птица, на пример, е подготвена да умре за своите пиленца. И доколку заради своите пилиња таа треба да се соочат со некоја опасност што е стократно посилна од неа, таа пак ќе се жртвува. Нема нешто посвето од мајчинството. Сите ние сме пишувале писмени задачи за мајката. Но како децата утре ќе пишуваат за мајката? Мајка е величествено нешто. И Господ дојде во овој свет преку Мајката. Немојте да мислите дека ова го зборувам за да ве повикам на некаков бунт или протест. Никако. Станете добри Христијани и така вашите деца ќе бидат заштитени. Нека грее православното предание во вас. Ние научивме од нашите баби. Кога бевме деца учевме од жените, од тие просветлени баби кои живееја во времето на комунизмот. Секако и од родителите, кои бидејќи беше комунизам, малку се срамеа и не ја исповедаа верата толку јавно. Но бабите знаеја што значи покајание, што значи Бог. Помнам, кога на мојата баба во време на комунизмот ѝ велевме: „Ова е општеството на иднината, сите на училиште така кажуваат“, таа велеше: „Не. Штом е без Бога, чедо, ќе пропадне. Ќе му го видиме крајот“. И таа, навистина, во последните години од својот живот, го виде крајот на тоа безбожно општество. Сѐ што е без Бога ќе го доживее крајот.

Мили мои, преданието што ни го предадоа нашите предци го има во манастирите и храмовите и е многу силно. Таму барајте го, таму праќајте ги вашите деца. Гледате каков преубав концерт ни направија овие прекрасни млади луѓе. Верувам дека во сите вас предизвикаа силни и благородни чувства. Им благодарам за подарокот, тие никогаш не забораваат нешто да ми подарат. Сепак, да знаете дека најголемиот дар сте ми вие. Нема поголем дар од вашите насмеани лица, нема поголем дар од вашето покајание кое го гледам и чувствувам, нема нешто поважно од вашиот труд за верата Христова. Тоа е најголемиот дар. Да се биде Христијанин, значи да се прегрнат сите луѓе на овој свет, без разлика на нивната нација, без разлика на нивната вера. Бидејќи Христос не прави разлика помеѓу луѓето. Он уште додека беше во тело на Земјата, ги разруши сите тогашни табуа кои постоеја и кон жената и кон сите луѓе воопшто. Во Христос има прегратка за целиот свет.

Да ми сте благословени, да имаме убаво Ново Лето Господово!

Уште еднаш му благодариме на владиката Јован кој нѐ почести со своето присуство. Неговата љубов за Господ ја знам уште одамна. Ние сме се дружеле од нашата младост, бевме соседи во славната Битола. Знам дека Го сака Бога и дека за Него секогаш се жртвува.

Да сте живи и здрави сите. Ви благодарам.