Евангелски здравото семејство – опстанок на народот

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на сеноќното бдение на Водокрст, 18 јануари 2023 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Слава, чест и пофалба на великиот Бог и Спасител наш Господ Исус Христос, Кој и оваа година нѐ удостои да се собереме на ова традиционално бдение во навечерието на Својот голем празник Богојавление, наречен уште и Просвештение. „Светол е празникот што мина“, вели свештениот химнограф за Божик, „но уште пославен е денот што наближува“. Тоа е така затоа што на овој празник, на човештвото во полнота му се откри тајната за Троичниот Бог. За прв пат во историјата, Бог јасно им се објави на луѓето, откривајќи им дека е една Суштина, во три Личности. Имено, како што добро знаеме од Светото Евангелие, кога Спасителот Христос се крштеваше во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, Светиот Дух слезе над Него во вид на гулаб и Отецот Небесен со Својот Божествен глас посведочи дека Крштеваниот е токму Неговиот возљубен Син и дека светот треба Него да Го послуша и да Го следи.

Евангелското четиво, пак, коешто пред малку го слушнавме, започна со проповедта на Свети Јован Претеча и Крстител кај реката Јордан. Со истата таа проповед  и Синот Божји го започна Своето спасително дело на Земјата  и можеме слободно да кажеме дека таа проповед е самата суштина, односно главна порака и на Црквата. Таа проповед со состои во зборовите: Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно. Со овој небесен повик за покајание, Свети Јован го подготвувал човештвото за доаѓањето на Словото Божјо, на Месијата на светот. Покајанието е, всушност, основата на животот во Бога. Оти, кога човек вистински се кае, тој навлегува во Божествените тајни. Едноставно, без покајание и смирение невозможно е човек да се доближи до Бога. Кој не се труди во покајанието, живее во гордост и непослушност, а онаму каде што има гордост, вели мудриот Соломон, таму неминовно ќе дојде и срамот.

Имајќи го покајанието како есенцијално преобразителна моќ, Христијанството го обликува човештвото како духовно, умствено и емотивно здраво. Првото нешто што тоа го изгради, како светиња во овој свет, како парче Небо на Земјата, е семејството. Семејството не е ништо друго освен една мала црква, топлото домашно катче, заедница на љубовно градење и облагородување на човековата личност. Тоа, мили мои, е всушност една работилница за здрави личности. Отците на Црквата велат дека семејството е тоа коешто произведуваше светост, како своевидна работилница за одгледување на добродетелите и на светоста. Како едно место каде што човек се учи на подвиг, на жртва, на самозаборав за другите. Слично на општежителен манастир, каде што луѓето се устремени кон светоста. Христијанското семејство совршено одговара на целта заради која човекот е сотворен, и е во согласност со неговото автентично предназначение од Бога: да стекнува божествени енергии, да се обожува. Творецот и на почетокот го сотвори човекот според Свој образ и подобие, за тој да се соединува со Него и да општи во Неговите неискажливи Божествени благодати. Со падот во непослушание, човекот ја изгуби таа привилегија, тој примат на највозљубено Божјо создание и за него повеќе не беше можно во полнота да општи со својот Бог. Но преку распетието и воскресението на Христа, човекот одново ја доби таа благословена можност да се врати на својот исконски призив и да зачекори по благодатниот пат на обожение.

Оваа прекрасна традиција со врзување на крстовите, што опстанала до ден денес, ни го покажува токму тоа дека нашите предци, нашите баби и дедовци, нашите семејства биле вистински работилници за осветување. Луѓето порано знаеле да живеат свето, силно верувале во Бога и цврсто се држеле до Крстот Господов, а преку него и до високите евангелски вредности. Денес, пак, нештата се радикално изменети. Живееме во еден непрепознатлив свет, кој несомнено страда од тешки духовни кризи. Гледаме како за модерниот човек, престорен во еден нарцисоиден индивидуалист, повеќе нема ништо свето; тој сѐ обезличува и релативизира, гази сѐ под нозете свои, само за да си го задоволи своето его, или, можеби, за да ја сокрие и потисне својата несреќа. Деновиве во една соседна православна земја, членка на Европската Унија, се подготвува закон со кој на истополовите заедници им се дозволува да посвојуваат деца. И немојте да мислите дека ваквиот происход е далеку од нас. Штом таму се носи тој закон, неизбежно ќе дојде време кога тој ќе биде наметнат и кај нас. Гледате до каде стаса човештвото? Се озаконуваат појави коишто целосно ја обезличуваат човечката природа и го понижуваат човековото достоинство. Особено страда и се урива мајчинството. Да, точно, не можеме со сила да им забраниме на одредени возрасни поединци да живеат во истополова сексуална заедница, по нивен сопствен избор. На човекот му е дадена слобода и право на избор. Тоа и Апостол Павле го потврдува кога вели: Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене (1. Кор. 6,12). Значи, никому не му е забрането да прави што сака со себе. Но во случајов, овој „закон“ директно ги засега слободата и правата на децата и е нивна класична злоупотреба. Тие деца воопшто нема да бидат прашани каде сакаат да завршат, во чии раце, каде и како ќе бидат одгледувани. А правото на децата да растат во природна семејна заедница, со татко и мајка, е нивно основно право загарантирано и од меѓународната Конвенција за правата на детето! Како може сега наеднаш некои да се дрзнат да менуваат нешто кое вековното искуство го обликувало и го оценило како природно и здраво?! Помислете, пак, колку срамно и жалосно за жената е тоа што ќе произлезе од таквиот закон. Еве, да претпоставиме дека двајца мажи кои живеат во хомосексуална врска сакаат да посвојат дете. За нив, според природата и биологијата, невозможно е самите да родат дете. Ќе треба, значи, да си „купат“, или да одземат дете од некоја жена мајка. Токму затоа, паралелно со законот за посвојување, таквите лоби групи инсистираат да се донесе и законот за сурогат мајка. А што значи сето тоа? Дека, за жал, во иднина жената ќе биде сведена само на една машина за производство на деца, па така, доколку на некоја хомосексуална двојка ѝ затреба дете, таа ќе може да го плати и да си го добие. Ваква абнормалност не може да се замисли дури ни кај животните. За нив е толку  природно мајчински да се прилепуваат и да се грижат за своите младенчиња. Имаме безброј примери во природата за тоа. Дури и сме виделе кај многу животински видови дека доколку на женката малечките ѝ бидат доведени во опасност, таа ќе направи сѐ, дури и ќе оди против вродениот инстинкт за живот, ќе се бори да ги заштити, па макар и да се соочува со нешто што е многупати посилно од неа. Едноставно, ќе си го жртвува и животот, за да ги спаси своите рожби. Е сега слободно направете споредба: колку и да е тешко да се поверува, сепак се наметнува заклучокот дека човекот стасал до една таква очајна состојба, што да биде подолу дури од животните!

И кој е спасот од ова? Само Евангелието на Господа Исуса Христа. Применетото Евангелие, онака како што Црквата наша ни го проповеда, онака како што предците наши ни го пренесоа. Овие традиции, како што е еве, кумството на крстот, не се воопшто случајни. Тие служеле да ја пренесат евангелската порака и на идните поколенија. Денес, за жал, повеќето од тие традиции се чуваат само формално, обичајно. Но не треба да биде така. Зашто ако не се вратиме на суштината на тие убави традиции, извлекувајќи поуки за животот и примери за вистинските морални вредности, и тие формални обичаи ќе згаснат. И потоа ќе немаме ништо. Во времето на комунизмот, на пример, имавме баби и дедовци коишто како деца посетувале веронаука на училиште во кралска Југославија. Па кога настапи безбожното општество, тие дома во семејствата ни раскажуваа за Евангелието, за верата, за житијата на Светиите… Иако на училиште учевме за нешто друго, за т.н. историски материјализам, авторитетот на нашите баби и дедовци во домот беше многу посилен, па така тие успеваа да ја пренесат верата и да го зачуваат семејството здраво. Светото Евангелие ги утврдува домовите и ги чува семејните вредности.  Е сега, да се запрашаме, дали ние денес имаме здрави семејства и колку тие можат да се спротивстават на модерните декадентни трендови, кои се насочени токму против семејството? А добро знаеме: ќе пропадне ли семејство, ќе пропадне сѐ. Гледате што ѝ се случува на цела Европа: никаде нема работоспособна сила, нема млади луѓе. Прогласена е за стара популација, со негативен домороден наталитет. Тоа е токму последица од погазувањето на моралните вредности. И каде ќе завршиме? Во невидена пропаст. Којзнае како ќе биде, замислете, по триесетина години, кога деца пораснати во такви нездрави заедници, опфатени со сериозни психички и емотивни комплекси и фрустрации, ќе се движат меѓу нас, а можеби и ќе нѐ водат.

Затоа, мили мои, неопходна е молитвата и покајанието, потребно ни е да го чуеме гласот на Свети Јован Крстител, да се покаеме, да се вратиме на верата. Се радувам што вечерва гледам многу млади охриѓани, коишто сакајќи соодветно да се подготват за да влезат во осветените води на езерото, оваа ноќ предано и со трпение стоеја на молитва. Да знаете дека Бог многу ќе ве благослови заради тоа, ќе ве чува и вас и вашите семејства. Сепак, сакам да ве замолам ова стоење пред Бога да не биде само еднаш годишно, туку да се трудите редовно да одите во црква во неделите и на празниците, да се исповедате, да се причестувате. Само така ќе можеме да се спасиме од напаста, која, верувајте, нема да нѐ одмине. Штом во една таква православна земја како Грција, која до вчера толку силно го држеше православното предание, се дозволија истополови заедници, а еве сега дури и посвојување на деца, значи дека тој бран ќе дојде и кај нас. Исправени сме пред еден силен предизвик, пред страшна и голема закана за православното семејство, за најсветото нешто, за основната срж на општеството. Семејството е всушност црквата во мало и како што вели Старец Паисиј Светогорец, кога ќе го снема семејството, тогаш сѐ ќе снема. Тогаш ќе го снема и монаштвото, црковната заедница, духовниот живот, итн. Затоа треба многу да се трудиме и семејството да го чуваме како зеницата во окото. Мајката треба да остане мајка. Мајчинството е нешто најсвето. Модерната жена не смее да дозволи да биде третирана само како некоја машина која некому ќе му роди дете и ќе го остави зад себе. Тоа е толку сурово и неприродно. Па тоа дете земало плот и крв од својата мајка, лежело под нејзиното срце. Како таа да не биде приврзана кон него и да го остави?! Затоа, слушајте го гласот на Свети Јован, бидете силни во верата. Овој празник нека нѐ просветли сите, за и понатаму да ревнуваме во верата и покајанието, за да можеме и ние да се спасуваме, а и да го предаваме тоа и на другите кои сакаат да тргнат по Христа.

Амин!