Документарецот за Бигорскиот манастир е филм за љубовта, постоењето, духовната преобразба

„1000 години сведок на Светлината“ е документарен филм за Бигорскиот манастир по повод големиот јубилеј на манастирот, којшто го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите. Во интервју за МИА режисерот на филмот, Илија Ико Каров, вели дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста.

Премиерата на филмот ќе се одржи на 15 април во 20 часот, а паралелно ќе се емитува и на Националниот сервис, на каналот Јутјуб и ќе биде споделен на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

– На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот, вели режисерот Каров за филмот за Бигорски.

Каров вели дека кога го работел филмот, земајќи го предвид секојдневието во кое сме нападнати од секакви идеологии и пораки, почувствувал дека тоа е едно морално патување, ниту кон минатото, ниту кон иднината, туку нагоре кон вечноста.

– Тоа што имено ние го доживеавме таму не беше наша привилегија, туку Бигорскиот манастир е отворен за сите и тоа е едноставно нешто што секој има право да го добие својот дел од него. Да го добие својот одговор, конкретно за мене беше едно патешествие кон вистината, кон светлината и ништо помалку од тоа, оценува режисерот.

Каров вели дека филмот го снимиле без финансиска поддршка, но самиот тој и целата екипа за возврат добиле многу повеќе.

– Едноставно не ни требаше финансиска поддршка. Нашите хонорари сесрдно без колебање ги дониравме, никогаш не ни стана збор за некој од нас да побара какви било пари. Ние за возврат добивме многу повеќе, нешто што не можеме да го потрошиме за време на животот, туку напротив можеме да го умножиме заради тоа што светлината и љубовта се единствените два елемента во нашиот живот што кога се делат, се умножуваат, вели режисерот Каров.

Toj вели дека манастирот има свое неотповикливо срцебиење, има свое неотповикливо темпо коешто се повторува уште од почетокот на времињата.

-Тоа е тој светогорски типик, што кај нас епископот Партениј го носи и го возобновува во далечната 1995 година, пречекорувајќи го прагот на Бигорскиот манастир. Не е лесно ниту да се зборува, ниту да се снимаат на филм монасите, а камоли па, на пример, еден монах како што е отец Партениј, кој речиси безмалку 30 години битисува христообразно во истата соба во којашто се има вселено како 24-годишно момче, кога пристигнува во манастирот, дополнува Каров.

Во документарецот повеќе луѓе изнесуваат свои сведоштва за тоа како Бигорскиот манастир им помогнал да се спознаат себеси и да го изменат дотогашниот начин на живот. Познато е дека Бигорскиот манастир има програми за помош на зависници од различни пороци.

– Во Бигорски нема тие, оние или овие. Значи, тоа е, таму си човек. Ние сите луѓе имаме проблеми, кои поголеми, кои помали, само што живееме во едно такво време и естетиката на времето е таква сакаме да ги апострофираме туѓите проблеми соочувајќи се чудно на тој начин доживувајќи ги нашите како многу помали. Затоа апсолутно нема „тие“ луѓе. Јас таму запознав многу луѓе и од тие сите луѓе што живеат во манастирот коишто не се монаси, нормално, затоа што има и момоци. Момоци се луѓе коишто не се од некаква одредена причина, едноставно работат за манастирот затоа што Бигорски е навистина голем град. Јас многу често на смеење знам да кажам едно мало гратче горе на планината Бистра. И фасцинантно е, во православието има една, не знам како да ја окарактеризирам – простете ми ако згрешам, подобро упатените – дисциплина ќе ја наречам – преумување. Преумувањето е всушност да го умртвиш стариот човек во себе и да се преумиш христообразно во име на љубовта како нов човек и за тоа е најодговорен, пак ќе споменам, дедо Партениј, вели Каров.