Спомен што го очекува Воскресението

Светиот Апостол Павле пишува: „љубовта никогаш не престанува“(1 Кор. 13,8). Љубовта е посилна од смртта, љубовта е вечност. Љубовта Божја ги држи и живите и починатите во постоење. Преку Божјата љубов што се излева во срцата на оваа Задушница, пред споменот на Светиот Великомаченик Димитриј мироточив Солунски, си спомнавме, и топло и со љубов се помоливме за претходно заминатите од нас браќа и сестри. Цврсто веруваме и знаеме дека во вечниот Бог тие ја добија љубовта и милоста преку соборната молитва на Светата Црква Христова, којашто и нам, кои сме во овој живот, ни е од голема полза, бидејќи молитвата за покојните е израз на несебична љубов и носи благодат од Бога.

Со таа грижа и љубов за упокоените во нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча, Старецот и Игумен, Епископ г. Партениј заедно со монасите и верниците извршија заупокоена Панихида и Литургија, споменувајќи си за ближните упокоени роднини и пријатели и за сите ктитори, градители и монаси што живееле и се труделе за манастирот.

Задушницата не нѐ собира само околу споменот за покојните, туку и околу надежта за идната заедница во светлината на Христовото Воскресение и вечниот во Христа живот. Затоа тагата по возљубените не останува празна: таа се преточува во молитва, во милостина, во добро дело направено за нивен спомен. И тогаш, кога нашите раце повеќе не можат да ги прегрнат, љубовта наоѓа начин да им послужи, доверувајќи ги на Божјата милост преку молитвата и милостињта во нивно име.

Господи, прими го ова наше мало молитвено принесување за оние што со вера и надеж во Воскресение и живот вечен се преселиле од од овде. Нив упокој ги во Твојата светлина, а нас научи нѐ преостанатото време да го поминуваме со покајание, милосрдие и љубов.