Да станеме плодна почва за Божјото слово – Божествена Литургија и духовна омилија на владиката г. Партениј во Пречиста

Во благодатната атмосфера на вчерашниот неделен ден, 1 ноември, древната Богородична обител „Пречиста Кичевска“ повторно стана место на особена духовна радост, молитвено заедничарење и жива средба со Божјото слово. Имено, на срдечна покана од тамошното монашко сестринство, предводено од старешинката монахиња Харитина, нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, ја отслужи неделната Божествена Евхаристија во големиот соборен манастирски храм на Пресветата Богородица, принесувајќи ја бескрвната Жртва на благодарноста и љубовта кон Бога, во присуство на многуброен верен народ.

Но, духовната радост на овој благословен собир не заврши со литургиското свештенодејствие. По покана на сестрите и на усрдна желба на верниците, кои во голем број го исполнија пространиот манастирски храм, Старецот одржа вдахновена и длабоко поучна духовна омилија, исполнета со татковска грижа, духовно расудување и искуствена евангелска мудрост. За главен мотив на своето слово тој ја зеде Христовата парабола за Сејачот и семето (Лука 8, 5–15), која, според востановениот богослужбен поредок на светата Црква, беше прочитана на неделната Божествена Литургија.

На почетокот, со видлива радост и благодарност кон Бога, Старецот се осврна на големиот интерес на верниците за духовно слово, потсетувајќи дека при претходната посета, поради бројноста на присутните, не биле доволни ниту гостинската одаја ниту манастирската трпезарија, додека овој пат и самиот голем храм се покажа претесен за сите што сакаат да го чујат словото на духовна поука. „Слава Му на Господа за сè!“ – извика тој со татковска радост, истакнувајќи дека најголемиот дар на овој ден е токму светата Литургија, во која Господ на најнепосреден и најсовршен начин пребива меѓу Својот народ.

Сејачот, семето и тајната на човечкото срце

По повторното прочитување на евангелската парабола, Старецот се задржа на нејзината длабока духовна смисла. Сејачот е Самиот Господ Исус Христос, а семето е Неговото Божествено слово, Радосната Вест за спасението, која не е ограничена на еден народ, на една средина или на една категорија луѓе, туку со подеднаква љубов е упатена кон целото човештво.

„Бог, преку Својата огромна љубов, ја испраќа пораката на Евангелието до целиот свет, до сите луѓе, без разлика на нивната национална припадност. Но од нас зависи дали ќе бидеме плодната почва, дали ќе имаме очистено срце, способно да општи со Бога, или ќе бидеме површни слушатели, кои ќе го примат словото само за миг, а потоа ќе дозволат земните грижи да ги оддалечат од Него“.

Четирите вида почва, објасни Старецот, ги претставуваат различните духовни состојби на човекот. Семето покрај патот е словото што не успеало да навлезе во срцето; каменитата почва ја означува верата без длабок корен, која лесно се поколебува пред искушенијата; трњето се грижите, богатството и насладите на овој свет, кои постепено го задушуваат духовниот живот. А добрата земја е чистото и благородно срце, кое го прима Божјото слово, го чува и со трпение принесува плод.

Токму во ова, нагласи тој, се состои и големата одговорност на христијанинот: не е доволно само да го слушне Евангелието, туку треба да му дозволи да се вкорени во неговото битие, да го преобрази неговиот ум, неговите желби, неговите дела и целиот негов живот.

Внатрешната тишина – место на средбата со Бога

Особено силен и длабоко впечатлив дел од омилијата беше посветен на внатрешната тишина, на онаа свештена состојба на срцето без која, како што нагласи Старецот, човекот тешко може вистински да го чуе Божјиот глас.

Современиот човек, опкружен со непрестајна бучава, информации, грижи, електронски уреди и безброј помисли, постепено ја губи способноста да остане насамо со себеси, а со тоа и да се сретне со Бога. Неговата најголема пречка не е толку надворешната врева, колку внатрешниот немир, непрестајната бура од мисли, грижи, осудувања, сеќавања и стравувања.

„Човекот денес живее во ужасна врева. Но ако имаме внатрешен мир и внатрешна тишина, надворешната бучава не значи ништо. Вистинската врева е онаа во нас – бурата од помисли со која сме се навикнале да живееме. Постојано се занимаваме или со минатото, или со иднината, или со другите луѓе, ги осудуваме и се оправдуваме себеси. И така ја губиме способноста да пребиваме во онаа тишина во која Бог сака да ни проговори.“

Во таа смисла, Владиката потсети на чудесното богојавление на светиот пророк Илија, кому Господ не му се открил во силниот ветер, ниту во земјотресот и огнот, туку во тивкиот и благ глас. Токму таму, во смиреното и очистено срце, човекот станува способен за вистинско богопознание.

„Таму, во тишината на нашето срце, Бог ќе ни зборува, возљубени. Таму е местото на нашата средба со Христос. Затоа е толку важно да го подготвиме срцето, да се бориме со помислите и да го очистуваме од сето она што го обременува. Зашто Царството Божјо е внатре во нас.“

Повикувајќи се на светогорското монашко искуство, Старецот ја истакна и важноста на Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот“, како благословен пат кон собирање на умот, смирување на помислите и непрестајно сеќавање на Бога. Притоа, особено нагласи дека молитвеното тихување и внатрешниот духовен подвиг не се привилегија само на монасите, туку повик упатен до секој христијанин, независно од неговите животни обврски и околности.

И навистина, кога човек ќе Му го даде првото место на Бога во својот живот, тогаш и сите останати нешта го добиваат своето вистинско место и смисла. Затоа Господ нè поучува: Барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде (Матеј 6, 33).

Вистинскиот мир е дар од Христос

Од внатрешната тишина, беседата природно премина кон духовниот мир, како еден од најубавите плодови на животот во Христа.

Старецот предупреди дека светот, и покрај многубројните напори за надворешен мир, продолжува да страда од поделби, непријателства и војни, токму затоа што човекот премногу често го бара мирот на погрешно место.

„Само мирот што произлегува од Христа е вистински мир. Затоа Господ вели: Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам (Јован 14, 27). Тој мир треба да го стекнеме, но за тоа се потребни и нашиот труд, нашата борба, нашата молитва и нашата љубов кон Бога.“

Човекот што ќе го стекне Христовиот мир, продолжи Владиката, станува способен вистински да го возљуби и својот ближен, да не живее во осудување и озлобеност, туку да биде носител на добрина, вистина и помирување. Зашто љубовта кон Бога не може да биде одвоена од љубовта кон човекот.

Христос – Оној Кој ја бара и ја спасува секоја душа

Една од најтрогателните поуки во беседата беше поврзана со евангелската средба на Господ со жената Самарјанка кај Јакововиот извор.

Преку овој настан, Старецот ја истакна безмерната Божја љубов, која не го отфрла човекот поради неговите гревови, неговото минато или општествената осуда, туку со неискажлива грижа го бара неговото спасение.

Христос, Кој ги знае срцата на луѓето, ја пресретнал жената што била презрена и од својата околина, за токму во нејзината душа да го посее семето на вечниот живот. И таа, која во очите на другите била недостојна, се покажала како плодна земја за Божјото слово, станувајќи ревносна благовесница на Месијата, позната во црковното предание како светата Фотина – Светлана.

„Гледате, Господ никого не презира. Он ја бара секоја душа, сака сите да нè привлече кон Себе и да нè спаси. Не е пресудно какви сме биле досега, колку сме згрешиле или колку сме паднале. Важно е, кога Он ќе го посее семето на Своето Евангелие, ние да го прифатиме и да му дозволиме да донесе плод. Бог нѐ чека. Бог прави сè за да се сретне со нас.“

Со овие зборови Старецот ги охрабри особено оние кои можеби за првпат присуствувале на ваква духовна средба, повикувајќи ги да не се плашат да Му го отворат своето срце на Христа.

„Да не се колебаме. Бог никогаш нема да нè остави. Он е нашиот најголем Пријател. Само Он никогаш нема да нè разочара.“

Да го претвориме целиот живот во Литургија

Продолжувајќи ја својата поука, Владиката се осврна и на длабоката смисла на Светата Евхаристија, потсетувајќи дека христијанскиот живот не може да се сведе само на слушање поуки или на надворешно исполнување верски обврски. Неговата вистинска цел е живо соединување со Христа и благодарствено принесување на целокупното наше постоење на Бога.

Објаснувајќи ги свештените зборови од канонот на Евхаристијата: „Твои од Твоите, Тебе Ти принесуваме за сите и за сè“ – Старецот истакна дека во лебот и виното што ги принесуваме на Светата Трпеза симболично е собран целиот човечки труд, сите наши секојдневни подвизи, грижи и дела.

„Ние Му го принесуваме на Бога трудот на нашите раце, знаејќи дека сè е од Него и за Него. А погледнете што ни возвраќа Господ: ни ги дарува Своето пречисто Тело и Својата драгоцена Крв, нè осветува и нè прави браќа и сестри. Нашиот труд Бог го преобразува и го осветува. Колку е прекрасно тоа!“

Оттука, како што поучи, нашата цел треба да биде целиот живот да го преобразиме во една непрестајна литургија, во благодарност кон Бога за сè, во љубов, во служење и во непрекинат стремеж кон Царството Небесно.

Разговор со верниците – за технологијата, меѓучовечките односи и воспитувањето на децата

По завршувањето на главниот дел од омилијата, средбата продолжи со непосреден и содржаен разговор, во кој присутните имаа можност да поставуваат прашања за различни духовни и животни предизвици.

Посебно внимание предизвика прашањето за современата технологија и нејзиното влијание врз внатрешниот мир, особено кај децата и младите. Старецот истакна дека технологијата сама по себе не е зло, туку средство што може да биде многу корисно, доколку се употребува разумно и со мерка. Опасноста започнува тогаш кога човекот, наместо да господари со средствата што ги користи, самиот станува нивен заробеник.

„Апостол Павле вели: Сè ми е дозволено, но ништо не сакам да завладее со мене. Денес, за жал, технологијата владее со многу луѓе. Но не можеме да кажеме дека таа е нешто лошо сама по себе. Напротив, во многу нешта ни помогнала. Сè зависи од нашиот пристап, од тоа како ги употребуваме даровите што Бог ни ги дал.“

Во одговор на прашањата за поделбите во општеството, особено оние што произлегуваат од различните политички определби, Владиката потсети дека Црквата е заедница на љубовта, која, како грижлива мајка, ги собира сите свои чеда. Христијаните не смеат да дозволат политичките разлики да станат причина за омраза и отуѓување. Напротив, тие се повикани да бидат совест на општеството, да сведочат за вистината, да го почитуваат достоинството на секој човек и со својот пример да придонесуваат за општото добро.

Особено трогателно беше и прашањето на една долгогодишна наставничка, која со загриженост зборуваше за сè поголемиот психолошки притисок врз децата, за нивната вознемиреност, за преоптовареноста со информации и за образовниот пристап во кој оценките неретко стануваат поважни од вистинското знаење и од правилното обликување на детската личност.

Во својот одговор Старецот ја нагласи незаменливата улога на родителите и учителите, потсетувајќи дека образованието во својата најдлабока смисла не е само пренесување информации, туку пред сè воспитување и изградување на човекот како личност.

Со особена благодарност се потсети и на својата некогашна наставничка по биологија, која, и во времето на комунистичкиот систем, со мудрост, тактичност и личен пример успевала да им ја доближи на учениците верата во Бога, не дозволувајќи нивното образование да биде лишено од духовната димензија.

„Многу е важен учителот, особено во основното образование. Учителите се како вајари на детската личност. Господ да ви дава просветление, за да можете правилно да ги обликувате душите на децата“, порача Старецот, охрабрувајќи ги просветните работници да ја исполнуваат својата благородна служба со љубов, одговорност и духовна чувствителност.

Да го чуваме семето и да принесуваме плод со трпение

При крајот на своето поучување, Старецот повторно се врати на основната евангелска мисла, потсетувајќи дека вистинската духовна мудрост не се стекнува со натрупување знаења и информации, туку со внимателно примање и живеење на Божјото слово.

Како прекрасен пример ги посочи нашите благочестиви предци, кои, иако многумина немале големо образование, поседувале длабока животна мудрост, зашто секоја недела оделе во црква, го слушале Евангелието, а потоа со денови размислувале за прочитаното, разговарале за него во своите домови и настојувале да го исполнуваат во секојдневниот живот.

„Нашите предци го слушале неделното Евангелие и потоа размислувале за него во текот на целата седмица. Разговарале покрај огништето за она што го чуле во црквата. Затоа биле мудри – затоа што го одгледувале семето што Христос го сеел во нивните срца.“

И токму тоа беше завршниот татковски повик на Владиката: секој од присутните да ја понесе во својот дом евангелската поука како своевидна духовна задача – да пронајде време за тишина и молитва, да ги препознава и отфрла немирните помисли, да не ги осудува другите и, пред сè, да направи простор во своето срце за живото присуство на Господа.

Оти, како што потсети Старецот, времето на земниот живот е кратко, а човекот е создаден за вечноста. Божјото слово не ни се дава само за да нè утеши во минливите грижи, туку за да нè преобрази, да нè освети и да нè направи наследници на Неговото бескрајно Царство.

Духовната средба заврши во молитвена радост, со заедничко пеење на богородичната химна „Возбраној Воеводе“, под закрилата на Пресветата Владичица, на Која ѝ е посветена оваа прекрасна монашка обител.

Така, преполниот храм на Пречиста во овој благословен неделен ден стана вистинска духовна нива, во која повторно беше посеано живото и спасоносно слово Христово. А она што останува како најдлабока порака од оваа средба е повикот секој од нас да го обработува и очистува своето срце, за посеаното семе да не остане покрај патот, ниту да биде задушено од трњето на секојдневните грижи, туку да пушти длабок корен во нашето битие и да донесе плод на вера, љубов, мир и светост.

„А она што падна на добра земја, тоа се оние што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение“ (Лука 8, 15).