Во текот на денешниот саботен ден, нашата Бигорска свештена обител беше исполнета со една особена радост – радоста на детските гласови, на родителската љубов и на благословеното заедничарење во Христа. Имено, по иницијатива и со татковска грижа на нашиот возљубен старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, во манастирот се одржа несекојдневна и длабоко срдечна средба со дел од неговите духовни чеда – мајки и татковци на многудетни семејства, кои со љубов, вера и пожртвуваност одгледуваат три, четири и повеќе деца.
Оваа средба произлезе од една благородна пастирска желба на Старецот: лично да им оддаде признание и благодарност на мајките за нивниот голем, честопати незабележан подвиг, да ги поткрепи духовно во нивното свето призвание и да ги охрабри да продолжат по патот на родителската саможртва. Истовремено, тој посака нивниот пример да биде поттик и охрабрување за другите млади брачни парови, во едно време кога семејството се соочува со бројни искушенија, а нашата татковина сè посилно ги чувствува последиците од намалениот наталитет и иселувањето.
Обраќајќи им се на собраните родители со својата препознатлива духовничка непосредност, Старецот истакна дека вистинската љубов кон татковината не се исцрпува во зборови, декларации и надворешни пројави, туку пред сè се потврдува со делата, со верноста кон семејството, со воспитувањето на децата и со подготвеноста за жртва.
„Според мене, вие сте најголемите патриоти, вие заслужувате секоја чест. Оние кои имаат три, и особено оние кои имаат и повеќе деца, заслужуваат уште поголема почит. Тие се мајки-херои“, рече Старецот, изразувајќи ја својата длабока благодарност кон присутните.

Потсетувајќи на првобитниот Божји благослов упатен кон човекот: „Плодете се и множете се, и наполнете ја земјата“ (1. Мој. 1,28), тој нагласи дека раѓањето и воспитувањето на децата не е само биолошко продолжување на човечкиот род, туку возвишено учество во дарот на животот, во Божјата промисла за светот. Секое дете е неповторлива личност, создадена според Божјиот образ, нова надеж за семејството, за Црквата и за општеството.
Со особена загриженост Старецот се осврна и на демографската состојба во нашата татковина Македонија, на сè попразните училишта, на селата без детски џагор и на заминувањето на младите семејства. Потсетувајќи се на своето детство во Битола, кога улиците биле полни со деца, тој со тага забележа дека денес во многу населби децата речиси и немаат со кого да другаруваат.
Сепак, неговите зборови не беа зборови на безнадежност, туку повик на будење, на враќање кон духовните вредности, кон семејната слога и кон довербата во Божјата помош. Притоа, тој особено нагласи дека љубовта кон сопствениот народ, вера и традиција во никој случај не значи непријателство кон другите наши сограѓани, независно од нивната национална или верска припадност. Напротив, вистинската љубов кон своето не ја исклучува, туку ја претпоставува почитта кон другиот, зашто само преку меѓусебното разбирање, уважување и заедничарење може да се гради општество во кое секој ќе го зачува своето достоинство и својот идентитет.
Во тој контекст, Старецот потсети и на вековното искуство на соживотот во нашите краишта, каде што различни народи, јазици, вери и традиции се среќавале, се испреплетувале и заемно се збогатувале. „Луѓето ги зборувале јазиците едни на други, не бегале едни од други, туку живееле заедно, споделувале и така биле побогати. Зашто, секогаш кога се мешаат повеќе култури, луѓето стануваат понапредни, а нивната култура побогата. Штета е, навистина е штета да не бидеме заедно“, истакна владиката, нагласувајќи дека различностите не мора да бидат причина за поделби, туку можат да станат извор на заемно облагородување, духовно и културно богатство. Токму затоа, грижата за опстанокот и иднината на сопствениот народ треба да оди рака под рака со искрената љубов, почитувањето и добрососедството со сите други.
Особено трогателен беше мигот кога Старецот ја посочи госпоѓата Марија од Кавадарци, мајка на седум деца, како светол пример на пожртвувано мајчинство и на вера во Божјата промисла. Со топлина и нескриена радост тој се присети на една средба со нејзиното семејство во манастирот, во деновите на Страсната седмица. Тогаш Марија и нејзиниот сопруг дошле со сите седум деца, а Старецот, дознавајќи дека се во манастирската трпезарија, лично посакал да им се придружи.
„Морав да слезам да вечерам со нив, оти сакав да го гледам тоа нешто. Знаете колку убаво беше! Тие деца како се дружеа, како здраво растеа, сите воцрковени… Не беа материјално богати, беа едно релативно сиромашно македонско семејство. Но сите тие деца израснаа и си го најдоа своето место во општеството“, раскажа Старецот.
Токму во тоа семејство, кое не располагало со големо материјално богатство, тој го препознал вистинското изобилство – богатството на љубовта, на меѓусебната блискост, на заедничката вера и на детските срца што растат едни покрај други.
Старецот се присети и на почетоците на ова семејство, кога пред повеќе децении го поттикнал сопругот на Марија, кој извесно време престојувал во манастирот како искушеник, да го прифати својот повик кон брачниот живот и татковството. Така, наместо монашкиот подвиг, за него започнал еден друг, исто така благословен подвиг – подвигот на христијанското семејство, кој со Божја помош донел седум прекрасни рожби.

На покана од Старецот, самата Марија им се обрати на присутните мајки со едноставни, но длабоко искуствени зборови, советувајќи ги пред сè да се вооружат со трпение и љубов. Во тие два збора, изговорени од мајка што израснала седум деца, беше содржана цела една животна поука.
Уште посилно одекна сведоштвото на нејзината втора ќерка, која спонтано посака да го сподели сопственото искуство од растењето во многудетно семејство:
Јас сум второто дете на Марија и, бидејќи сите вие имате мали деца, сакам да ви кажам нешто како дете од едно вакво семејство. Уште сто пати да можам да бирам каде ќе се родам, пак истото би го одбрала. Имало моменти во детството кога ми било тешко, кога сум мислела дека нешто ми недостига затоа што сме многу деца. Но сега, како возрасен човек, и милион пати да ме прашаат, повторно би избрала да се родам во истото, многудетно семејство.
Ова искрено сведоштво беше можеби и најубавата потврда за она што Старецот го нагласуваше во својата беседа: дека љубовта, заедништвото и верата се богатства што не можат да се измерат со материјални мерила. Она што во детството понекогаш изгледа како лишување, подоцна може да се открие како непроценлив дар – да имаш браќа и сестри со кои ги делиш и радостите и тешкотиите, и со кои остануваш поврзан низ целиот живот.
Своето сведоштво го сподели и една мајка на четири деца, која пораснала во семејство со еден родител и поминала низ многу животни искушенија. Таа со голема искреност говореше за трпението што го бара родителството, за моментите на слабост, но и за силата што ја црпи од молитвата и од својата доверба во Бога.
„Без Господ ништо. Верувајте, молете се, бидете со Господа и дома, и надвор, и во црква. Секогаш ставајте Го Него напред“, им порача таа на присутните, повикувајќи ги истовремено своите деца и сите млади на човекољубие, смирение, меѓусебно почитување и љубов кон секој човек.

Особено место во денешната средба им беше посветено и на семејствата кои, поттикнати од љубовта кон светињите и од духовното раководство на Старецот, пред години донеле храбра одлука да ги напуштат големите градови и да се населат во мијачките села, во непосредна близина на Бигорското светилиште.
Меѓу нив беа и родители со три и четири деца, кои во овие краишта не изградиле само свои домови, туку придонеле за обновување на животот, за зачувување на православното предание и за продолжување на вековното духовно и културно наследство.
Старецот со посебна благодарност го истакна нивниот подвиг, нагласувајќи дека не е мала жртва човек да го остави комфорот на градскиот живот и да избере место каде што секојдневието неретко бара повеќе труд, трпение и самоодрекување.
Едно од присутните семејства посведочи дека пред повеќе години, по благословот на Старецот, се преселило од Тетово во овој крај. Во меѓувреме израснале четири деца, а една од нивните ќерки, продолжувајќи го родителскиот пример, исто така одлучила со своето семејство да остане да живее тука. Така, благословот што некогаш започнал со една одлука на вера и доверба, денес продолжува да дава плодови и во следното поколение.

„За опстанокот на овој крај, за зачувувањето на нашата длабока култура и православните корени овде, многу е важно што имаме и такви херои, кои ги оставија големите градови и дојдоа да живеат во мијачките села. Тоа е големо дело, за секоја пофалба“, истакна Старецот.
Во продолжение, тој направи прекрасна духовна споредба меѓу монашкиот и брачниот живот. Како што монасите ги напуштаат своите домови и се предаваат на Бога во манастирот, така и христијанските сопружници, преку заемната љубов, верноста, родителските грижи и секојдневното самоодрекување, го изодуваат сопствениот пат кон светоста.
Ние, и мирјаните и монасите, имаме ист пат. Сите се трудиме да го стекнеме Царството Небесно, најнапред внатре во нас, во нашето срце, да се сретнеме во смирението и тишината со Бога, а потоа таа состојба да продолжи во вечноста. Бракот исто така е пат на спасение, затоа што е благословен пат, пат на крст. Особено кога има повеќе деца – тоа е голем подвиг и голем благослов.
Со овие зборови Старецот потсети дека семејството е мала домашна Црква, во која родителите, преку љубовта и пожртвуваноста, стануваат првите учители на своите деца во верата, молитвата, добродетелта и човечноста.
Зборувајќи за стравовите што честопати ги обесхрабруваат младите брачни парови – материјалната несигурност, станбеното прашање, неизвесноста за иднината – Старецот ги повика да не ја потчинуваат целата своја надеж на човечките пресметки, туку да ја соединат сопствената одговорност со довербата во Божјата промисла.
Ние го правиме нашето, а Господ го прави Неговото. Важно е на децата да им дадеме воспитување, да имаат здравје, да имаат благослов, а тие ќе си го најдат својот пат. Господ ќе им отвори многу перспективи.
На крајот од средбата, со видлива трогнатост и благодарност, Старецот уште еднаш им се обрати на родителите:
„Ви благодарам што дојдовте, што направивте пат да дојдете во ова свето место, а најмногу ви благодарам што сте ѝ подариле на Црквата и на Татковината чеда Божји. Видете колку се убави! Не можев да им се нагледам на дечињата“.
Така, во атмосфера исполнета со детска непосредност, насмевки, благодарност и татковска нежност, средбата заврши со благослов, заедничка фотографија и симболични подароци. Владиката ги почести мајките со цвеќе, а најмалите со слатки и други подароци, по што сите заедно продолжија на трпеза на љубовта во „Куќата на Мијаците“, каде што радоста на заедничарењето доби свое продолжение.
Денешниот собир беше многу повеќе од средба на многудетни семејства. Беше тивка, но силна проповед за светоста на животот, за достоинството на мајчинството, за одговорноста на татковството и за убавината на христијанскиот дом. Беше благодарност кон оние родители што секојдневно, без големи зборови и без јавни признанија, го носат својот крст со љубов, подигнувајќи нови поколенија.

Зашто вистинското богатство на еден народ не се само неговите материјални добра, туку пред сè неговите луѓе; а најубавата надеж на Црквата се децата што растат во верата, љубовта и добродетелта.
Нека Господ ги благослови сите мајки и татковци, нека им дарува здравје, трпение, мудрост и духовна крепост, а нивните домови нека ги исполни со мир, слога и радост. Нека ги укрепи и сите оние што копнеат по пород, за никој да не остане без утеха во Неговата неизмерна љубов. Оти таму каде што се раѓа и се воспитува животот во љубов – таму се обновува надежта, таму се гради иднината и таму се прославува Бог.































