Денеска нашата Света Обител одново ја имаше честа да ја пречека Н.Е. Амбасадорката на Украина, г-ѓа Лариса Дир, заедно со нејзината придружба. Ценетата гостинка допатува во Бигорскиот манастир водена од својата благочестива желба да се поклони на светињата и молитвено да го побара благословот на светиот Претеча и Крстител Јован, а воедно и да му го честита педесет и шестиот роденден на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј.
Во пријатен срдечен разговор во неговиот работен кабинет, таа ги сподели со него своите благопожелби за долголетствие и уште посилен духовен напредок на Бигорската Обител, а нашиот Старец не пропушти и овој пат да ја искаже својата сострадалност со братскиот народ на Украина кој и натаму ги поднесува ужасите на војната со Русија, како и својата надеж дека по Божја милост насилието наскоро ќе запре.


















