Војник некогашен, сведок на смртта,
Крстот го здогледа и Живот позна,
Лонгине, сега венец ти добиваш,
Божевна светлина ти проповедаш.
На Крстот ја виде Отчевата Слава,
И ко пророк рече: „Овој е Син Божји!“
Живот свој за Воскреснатиот положи,
И сите нас кон Христа нè патеводи.
* * *
Старецу мил, Господ ти даде живот свет,
Со мудрост и трпение сите ти нè водиш,
За монасите твои најкрасен си цвет,
Сè трпиш, Христа в срца да ни Го сложиш.
Ти украс си на нашите обители свети,
Воскресение носиш на монашките стази,
На твојот ден роден, во радост срца слеваме,
На многаја лета, со благодарност пееме.
Има луѓе што цел живот чекаат да Го видат Бога, а не Го препознаваат кога ќе застане пред нив. А има и такви кои Го препознаваат таму каде што најмалку би се очекувало – под Крстот, во часот на Неговото најдлабоко смирение. Таков беше свети Лонгин Стотник, римскиот војник кој на Голгота застана со копје во раката, а си замина со вера во срцето. Помрачувањето на Сонцето среде ден, земјотресот, распуканите карпи и, над сѐ, кроткиот глас на Распнатиот, Кој се молеше за Своите распнувачи, го скршија неговото закоравено војничко срце, па од неговите усни се откина исповеданието што и денес одекнува низ вековите: Навистина Овој беше Син Божји! (Матеј 27,54). Според светото Предание, крвта и водата што истекоа од прободеното Господово ребро ги исцелија неговите телесни очи. Но уште поголемо чудо беше што се отворија очите на неговата душа. Оној кој беше поставен да го чува Гробот, стана сведок на Воскресението, неуморен проповедник на Благата вест и, најпосле, маченик кој со радост ја положи својата глава за Христа.
Споменот на овој апостол на Воскресението за нашата обител носи и една особена, семејна топлина, бидејќи е и роденден на нашиот сакан Старец. Затоа, како деца што на празник се враќаат во татковиот дом, целата наша монашка заедница од Бигорски, Рајчица и Пречиста секоја година на овој ден се собира заедно. Нѐ собира радоста на празникот, но и благодарноста кон оној кој со трпение и љубов нѐ раѓа и нѐ подигнува во Христа. Зашто и монашкиот живот е едно постојано раѓање одозгора, едно секојдневно учење да Го препознаваме Господа таму каде што светот гледа само крст. Му благодариме на Бога за овој дар и Го молиме, според застапништвото на светиот маченик Лонгин, да го чува нашиот Старец во здравје и духовна крепост, за уште многу години да ги води своите чеда по патот што води од Крстот кон Воскресението.
Традиционално, Бигорската обител овој спомен го прославува со архиерејско богослужение. Така и годинава, со светата Литургија во храмот на Чесниот Претеча чиноначалствуваше нашиот возљубен старец, епископот Антаниски г. Партениј, а му сослужуваа браќата свештенослужители од обителта. Во храмот одново одекна велипеточното Евангелие на распнувањето, и страшната Голгота, на која Лонгин застана како туѓинец, а од која си замина како сведок, оживеа пред духовните очи на сите нас. По читањето на светото Евангелие, Старецот го почести црковниот собор со своето вдахновено слово за римскиот Стотник.
Возљубен наш Старецу, од срце Ви го честитаме роденденот, со благодарност кон Бога што Ве дарува на нашата монашка заедница како духовен родител и сигурен патеводител кон Христа. По молитвите на светиот маченик Лонгин Стотник, Господ нека Ви подари крепко здравје, душевен мир и неисцрпна духовна сила, за уште многу благословени години да нè водите со Вашата татковска љубов и мудрост. Нека радоста на Воскресението секогаш го исполнува Вашето срце, а Пресвета Богородица нека Ве закрилува и утешува во сите Ваши трудови за доверените Ви чеда и за светата Црква. Со синовска љубов и благодарност, сите заедно Ви посакуваме: На многаја и благаја лета, наш најсакан Старецу!































