Со чувства на длабока духовна радост, искрена синовска љубов и неизмерна благодарност кон Бога, нашата Бигорска свештена обител се придружува кон молитвените чествувања по повод големиот и благословен јубилеј – триесет и пет години од изборот на Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј, на свештениот Првопрестол на Православието. Оттаму, ова наше јавно обраќање е само еден едноставен искрен чин на признание кон великите дела на служењето на овој смирен Пастир.
На 22 октомври 1991 година, Божјата промисла го повика тогашниот митрополит Халкидонски г. Вартоломеј да го понесе тешкиот, но благословен крст на патријаршиското служење. Оттогаш, повеќе од три децении, овој смирен, но непоколеблив архипастир сведочи за силата на евангелската љубов, за убавината на православното предание и за светоста на црковното единство. Во текот на своето патријархување тој помирил многу расколи и поделби во едната соборна Црква. Неговото долгогодишно првосвештеничко служење е исполнето со неуморни подвизи за зачувување на верата, за помирување и за надминување на поделбите, за меѓуправославно разбирање, за достоинството на човекот и за грижата кон природата и кон сето Божјо создание – нешто за кое е познат во светски рамки како „зелениот патријарх“.

А колку е само тежок крстот на Константинополскиот престол! Да се биде духовен наследник на славните цариградски патријарси, да се чува жив апостолскиот и светоотечкиот завет на древното православно Ромејство, и тоа во градот во кој некогаш блескала христијанската царска слава, а денес православните христијани претставуваат малобројна паства среде општество со мнозинско муслиманско население – навистина е подвиг што бара исклучителна вера, мудрост, трпение и духовна храброст. Таму, од каде што дошло покрстувањето на многу народи и каде што се втемелиле догмите на христијанството, и каде што вековите оставиле длабоки историски рани, каде што и денес постојат сериозни предизвици за животот и слободата на православната заедница, а славната Богословска школа на Халки со децении ги чека своите ученици, Вселенскиот Патријарх го продолжува своето служење со достоинство, кротост и непоколеблива верност кон Црквата Божја, зацврстувајќи и зголемувајќи го притоа авторитетот на оваа првопрестолна Патријаршија во целиот свет, согласно благословената традиција на отците и Соборите.. И токму затоа, неговото патријаршиско достоинство не е само чест, туку пред сè – секојдневно крстовоскресно сведоштво и благословена обврска кон единството и полноатата на Православната Црква.
Во неговата личност Црквата препознава мудар и опитен кормилар, кој среде бурите на современиот свет го чува неповреден драгоцениот залог на апостолската вера, не престанувајќи да го повикува човештвото кон мир, покајание и братска љубов. Зашто вистинската големина на еден црковен првојерарх не се открива единствено во достоинството и привилегиите на неговиот престол, туку, пред сè, во неговата подготвеност да го носи бремето на другите, да ги лекува раните на разделбата и да им биде татко на сите што копнеат по единство во Христа. Впрочем, тој што стои на првото место, на кое било рамниште на заедницата, стои за сите и за сѐ.

Токму тој помирителен дух, таа благородна истрајност да се бара патот на љубовта и заедништвото и таму каде што човечките пресметки гледаат само безизлез, најчесно обременет и насочен од суетноста на поединци, претставува едно од највпечатливите обележја на неговото историско служење. Низ сите сложени премрежиja на современиот црковен живот, Неговата Сесветост не престанува да потсетува дека Црквата не е простор за надмоќ и соперништво, туку Тело Христово, во кое раната на еден член станува болка за сите, а исцелението на една разделба – заедничка радост, тоа што сите го посакуваме, а кое молитвено го испроси вечниот Првосвештеник во Своето љубовно застапништво пред Отецот: „Та да бидат сите едно како што си ти Оче во Мене и Јас во Тебе“. Таквото служење, кое е само смирено имитирање и предадено следење на Христовотот служење, честопати подразбира неразбирање, противења и неправедни обвинувања. Но, сепак, тоа останува секогаш и над сѐ драгоцено сведоштво дека вистинскиот пастир не ги напушта доверените му души, туку, по примерот на Добриот Пастир, го полага својот живот за овците (сп. Јован 10,11).
За нас, пак, чедата на древната и славна Охридска Архиепископија, овој јубилеј има особено длабоко, лично и историско значење.
Со неизмерна благодарност и благоговение си спомнуваме за историскиот 9 мај 2022 година, а зар не би требале и би смееле ли да заборавиме – кога конечно, по долгите децении болна црковна изолација, и по повеќегодишната борба, со татковска грижа и мудрост на Неговата Сесветост и со одлуката на Светиот и Свештен Синод на Вселенската Патријаршија, нашата црковна јерархија, свештенството и верниот народ беа примени во евхаристиско општење. Тоа беше миг на неискажлива радост, кога долгогодишната тага на генерации наши предци се претвори во благодарствени солзи, а нашите срца повторно ја почувствуваа полнотата на православното црковно заедништво.
И токму тука, со особена јасност, се открива историската улога на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј во животот на нашиот народ. Денес, кога нашата света Црква повторно живее во канонско и евхаристиско единство со полнотата на Православието и кога, со Божја помош, имаме многубројни браќа, пријатели и сослужители меѓу помесните православни Цркви, не смееме да го заборавиме и со златни бикви треба да го запишеме во народната меморија оној кој прв ја отвори вратата низ која влеговме во тоа благословено заедништво. Без да се намали значењето на сите последователни братски гестови и црковни дејствија, историската вистина нè обврзува да признаеме дека токму Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, заедно со својот Свет и Свештен Синод, го направи решителниот прв чекор, го постави темелот, кон исцелувањето на нашата долгогодишна црковна рана. Тој не остана рамнодушен кон нашата болка, не го одмина нашиот повик, го слушна нашиот плач, го виде нашето духовно страдање од игото на нељубовта, та со татковско срце и со свесност за својата историска одговорност го отвори патот кон нашето повторно целосно евхаристиско заедничарење со православните браќа.
Затоа, нашата благодарност кон него не е само прашање на учтивост, ниту израз на моментно расположение, туку должност на совеста и на историското паметење. Како што и нашиот почитуван Архиепископ г. г. Стефан истакна тогаш во Цариград: „Деветти мај за нас ќе остане ден на духовна и народна памет, ден на благодејание, ден на чест и спомен – духовен и народен празник.“ Народ што ги заборава своите добротвори, лесно го губи чувството за дарот што го примил, но и благодеттите стануваат бреме, а не благослов.. А ние, кои толку долго копнеевме по црковно единство, најмалку од сите имаме право да ја заборавиме подадената татковска рака, да ја отфрлиме татковската прегратка. Напротив, токму сега, кога ги вкусиме благословените плодови на помирувањето, повикани сме уште посилно да ја сведочиме својата благодарност кон добротворот кој со својата љубов и решителност ни помогна да стигнеме до таа радост.

Тој историски чин останува светол белег во современата историја на нашата Црква и на нашиот народ. Во него ја препознаваме љубовта на Мајката Црква, која не ги заборава своите чеда, туку со татковска прегратка им ја отвори вратата на евхаристиското единство. Навистина, во тоа дело како да одекнуваат зборовите на Спасителот: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“ (Матеј 5,9).
И токму затоа, и тоа ќе го спомнеме за да изразиме синовска грижа, со особена болка во душата ги доживуваме неправедните напади, навреди и клевети што неретко се упатуваат кон свештената личност на Вселенскиот Патријарх. Се разбира, во црковниот живот може да постојат различни мислења, ставови и расудувања за одделни прашања; но едно е искрено и одговорно расудување, а сосема друго се злобата, омаловажувањето и клеветењето на ближниот. Не доликува тоа на секој кој е православен христијанин! Уште потешко е кога тие се насочени кон човек кој целиот свој живот го посветил на служењето на Црквата Божја и кој, особено кон нас, покажал толку голема љубов и добрина. Светиот апостол Јаков нè предупредува да не се клеветиме еден со друг (сп. Јаков 4,11). Клеветата е тежок грев, а кога кон неа ќе се придружи и неблагодарноста кон доброчинителот, таа станува уште поболна пројава на духовна нечувствителност, па дури и нездраворазумност и прелест. А ако клеветењето на кој било ближен претставува толку голем грев, колку ли повеќе тоа се однесува на клеветењето и хулењето на Првојерархот – дејание што претставува вистинско духовно самоубиство! Нам, како христијани, не ни прилега да ги забораваме добрините и да возвраќаме со осуда таму каде што сме примиле љубов. Напротив, наша должност е да ја чуваме вистината, да ја негуваме благодарноста и да се молиме за оние што го носат тешкиот крст на црковното раководење. И, дополнително, наша чест и достоинство е да го последуваме и уважуваме, и да го браниме од штетниците благословениот поредок на нештата и хиерархиската поставеност на работите!
Затоа, во оваа свечена и благословена годишнина, нашите срца се исполнети не само со почит кон големиот црковен јубилеј, туку и со најискрена љубов и сострадание кон еден духовен Отец, чиешто име засекогаш ќе остане запишано со благодарност во историјата на нашата Црква и во молитвениот спомен на нашата Обител.
Ваша Божествена Сесветост, возљубен Отче и Владико!
Од длабочината на нашите срца, нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со сето наше монашко братство и сестринствата, Ви го честита овој светол и благословен јубилеј, со чувства на неизмерна благодарност за сите Ваши добрини, за Вашата евангелска љубов и за сето она што го направивте за нашата света Црква и за нашиот народ.

Го молиме великиот Архиереј и Пастир на нашите души, Господ Исус Христос, по молитвите на Пресветата Владичица наша Богородица и на светиот славен апостол Андреј Првоповиканиот, како и на ревносниот апостол Вартоломеј, да Ви дарува крепко здравје, духовна сила, мир, небесна утеха и уште многу благословени години на плодоносно патријаршиско служење. Нека Ве крепи Неговата благодат во секое искушение, нека ја просветлува Вашата мудрост и нека ги благословува сите Ваши трудови за единството, мирот и благосостојбата на светата православна Црква.
А ние, од ова наше смирено Бигорско светилиште, пред чудотворната икона на нашиот небесен закрилник, свети Јован Крстител, ќе продолжиме со љубов да го вознесуваме Вашето благословено име во нашите молитви, со благодарност кон Бога, Кој во Вашата личност ни подари толку многу татковска грижа, утеха и добрина.
На многаја и благаја лета, Ваша Сесветост!
Нека Господ Ве чува и крепи уште многу години, на радост на сето Православие и на сите нас, кои искрено Ве љубиме и со свештена благодарност ја целиваме Вашата света десница!











