Литургиско празнување на првиот ктитор Свети Јован Дебранин Бигорски, Архиепископ Охридски

По големата манастирска слава во чест на Усекновението на Чесниот Претеча, која со големо торжество, великолепие и соборност беше прославена за време на викендот, денес Свештената Бигорска Обител со Божествена Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, му оддаде чест на Светиот Јован Дебранин – Бигорски, Архиепископ Охридски. Тој е, всушност, првиот ктитор на нашата Света Обител, кој пред повеќе од илјада години на ова место беше избран од Свети Јован Крстителот да биде првиот основател на неговото славно Светилиште. Благодарствено спомнувајќи си и за сите наши претходници кои дале придонес во градењето и издигнувањето на Бигорски и за оние кои си ги вложиле животите во темелите на оваа Светиња, со молитва кон Бога просиме упокоение, мир и живот вечен. Инаку, според традицијата на православната Црква, споменот на ктиторите се слави следниот ден по главната храмова слава.

По молитвите на Свети Јован Дебранин – Бигорски, Господ Бог да ја сочуваа оваа Света и славна Претечева Обител до свршетокот на светот. Амин.