Концерт на Филхармонијата и музичко торжество за 1000-годишнината на Бигорски

Свечен концерт на Македонската филхармонија во чест на јубилејот: „1000 години Бигорски Манастир“


Според Светите Отци на Црквата Христова, вдахновената музика ја соединува душата со Бога. Еден таков несекојдневен музички настан, со возвишени чувства коишто допираат до Небото, беше вчерашниот концерт на Националната филхармонија, одржан во големата сала, по повод илјадагодишнината на Свештениот Бигорски Манастир.

Во присуство на претставници на највисокото црковно и државно началство, на културниот, научниот и општествениот живот, Филхармонијата изведе достоен за секаква пофалба концерт на стари македонски изворни композиции, во кои се воспеваат верата и љубовта кон Бога и кон Татковината, подготвеноста на пожртвуваност за нив, како и стремежот кон убавото и возвишеното. Среде присутните гости, ова торжество го проследија во живо: Неговото Блаженство, Архиепископот г. г. Стефан, Претседателот г. Стево Пендаровски, членови на Светиот Синод на МПЦ-ОА, членови од Владата, свештеници, монаси и монахињи, градоначалници, државни службеници, културни, уметнички и научни работници, благочестиви верници… Овој уникатен настан, Филхармонијата го посвети на Бигорскиот Манастир, кој веќе 1000 години со молитва и светост ја облагородува македонската земја.

На концертот беа изведени македонски изворни композиции, чијашто оркестрација ја подготвија г. Владимир Димовски и г. Филип Ивановски, а со диригентската палка раководеше г. Владимир Димовски.

Ова торжествено собитие го отвори директорот на Филхармонијата, г. Виктор Илиевски, кој со пригоден говор се обрати пред присутните:

Почитуван Претседателе на Република С. Македонија, г. Стево Пендаровски,

Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан,

Ваши Високопреосвештенства и Преосвештенства,

Почитувани претставници на државната власт и на дипломатскиот кор,

Почитувани гости и гледачи на телевизиските екрани,

Дозволете ми, како директор на оваа институција, Филхармонија на Република С. Македонија, од името на сите вработени, да ви се заблагодарам за честа и за присуството со кои нè удостоивте вечерва.

Виктор Илиевски – директор на Македонската Филхармонија

Воедно би сакал да го честитам големиот јубилеј: ‘1000-години Бигорски Манастир’, најнапред на игуменот на Манастирот, Епископ Антаниски г. Партениј и на неговото монашко братство, а потоа и на сите нас, бидејќи станува збор за годишнина на уникатна институција којашто одиграла мошне значајна улога за духовниот, културниот и општествениот развиток на Македонија.

Навистина преставува големо достоинство тоа што можеме да се пофалиме со еден илјадагодишен духовно-културен историски континуитет, во време кога многу универзални вредности се расклатени и кога особено ни е потребен светилник што ќе нè потсетува на нашата вековна традиција и што ќе ни го осветлува патот до поубавото, повозвишеното. А Бигорскиот Манастир денес, целосно возобновен и раководен од игуменот и Епископ г. Партениј, е токму тоа – еден духовен факел, запален со огнот на Божјата љубов, светлина, мир и вистина.

Лично му благодарам на Епископот господин Партениј, што тој заедно со своите монаси, толку пожртвувано и самопрегорно се трудат не само за материјалниот изглед на Бигорскиот Манастир, кој важи за едно репрезентативно дело на старата и новата македонска архитектура, туку и за неговата мошне активна мисија, која е од посебно значење за нашето општество. Се радувам што Бигорски и денес верно чекори по стапките на неговите претходници, пренесувајќи ни ја пораката на творците на нашата култура и духовност.

Им се заблагодарувам на моите драги филхармонисти што се вложија во ова дело и придонесоа за реализација на овој свечен концерт.

Се надевам дека Филхармонијата со овој свечен концерт ќе даде значителен придонес за достојно одбележување на Бигорската илјадагодишнина. Им благодарам на браќата од Бигорскиот Манастир и сестрите од Манастирот во Рајчица за укажаната чест, поддршка и соработка околу организацијата на вечерашниов настан.

Нека ни е на сите честит големиот јубилеј: ‘1000-години Бигорски Манастир’ и уште еднаш ви благодарам на присуството.  

Ви посакувам пријатна вечер и слуховна наслада од нашата музичка програма.

Во продолжение беа изведени следниве композиции:

  1. Там дека има високи чардаци (Оркестрација: Владимир Димовски)
  2. Елено, ќерко Елено (Оркестрација: Владимир Димовски)
  3. И ние сме деца (Оркестрација: Владимир Димовски)
  4. Бор садила мома Евгенија (Оркестрација: Владимир Димовски)
  5. Кондисал Ајредин паша (Оркестрација: Владимир Димовски)
  6. Параходот ми пристигна (Солисти: кларинет – Петар Христов, виолина – Игор Милевски, канон – Тимко Чичаковски)
  7. Бог да убиет Дебрани (Оркестрација: Филип Иванов)
  8. Со маки сум се родила (Оркестрација: Владимир Димовски)
  9. Марие, млада невесто (Солисти: кларинет – Петар Христов, виолина – Игор Милевски, канон – Тимко Чичаковски)
  10. 1762 лето (Солист: баритон Кристијан Антовски, оркестрација: Владимир Димовски)
  11. Нит прела гора, нит ткала (Оркестрација: Филип Иванов)
  12. Црно му било пишано (Оркестрација: Филип Иванов)
  13. Ајде слушај, слушај (Оркестрација: Владимир Димовски)

Милозвучните хармонии беа складно прекинувани од гласот на г. Дејан Лилиќ, кој со емоција и восхит, измеѓу композициите читаше кратка историја на Свештената Бигорска Обител.

Достоинствената и возвишена музичка програма заврши со изведбата на победоносниот тропар за Христовото Воскресение, „Христос Воскресе“, во знак на сеопштото Бигорско воскресение.

Накрај, директорот на Филхармонијата, г. Виктор Илиевски, уште еднаш срдечно им се заблагодари на присутните и од името на сите вработени му подари букет цвеќе на нашиот старец и игумен, Епископот Партениј. Со краток говор, нашиот Владика ја искажа својата голема благодарност за свечениот настан:

Ваше Блаженство, Архиепископ Охридски и Македонски г. Стефан

Почитуван Претседателе на Република С. Македонија, г. Стево Пендаровски,

Почитувани гости, браќа и сестри монаси и монахињи,

Епископ Партениј Бигорски – говор на свечениот концерт во концертната сала на Македонската Филхармонија по повод „1000 години Бигорски Манастир“

Дозволете ми од сè срце да ѝ се заблагодарам на Македонската филхармонија што го направи овој преубав концерт и со тоа допринесе да прикажеме пред светот дека нашата историја влече длабоки корени во минатото и дека имаме такви институции, како Бигорскиот Манастир, коишто покрај сите искушенија низ историјата опстојувале и ќе опстојуваат.

Ги просам молитвите на нашиот Блаженејши Архиепископ Стефан и посебно му благодарам за неговото присуство тука, како и за неговата татковска поддршка за Бигорскиот Манастир. Неговите молитви ни се многу потребни, за да опстоиме како монаси до крајот на нашиот живот, да го изодиме тешкиот монашки пат, во овие особено тешки и полни со искушенија времиња.

Уште еднаш им благодарам на овие благочестиви уметници, на чело со нивниот директор, кои благоволија да го направат овој прекрасен концерт. Ви благодарам на сите!

Свечен концерт на Македонската филхармонија во чест на јубилејот: „1000 години Бигорски Манастир“