Верните на Бигорски ростушани со честитка за нивниот духовен водач по повод изборот за владика


По повод изборот на архимандрит Партениј за епископ Антаниски, Црковниот одбор од село Ростуше му ги испраќа своите најискрени честитки, со желби за добро здравје, успеси во новите предизвици како архиереј на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Бог да му помага и понатаму со љубов да го носи крстот на нашиот народ и да го продолжи големото и важно дело за спасение на човечките души, но и плодната работа и соработка за развивање на реканскиот крај и мијачката култура. Воедно би сакале да му ја искажеме нашата голема благодарност за неговиот огромен придонес за заживување на црковниот живот во село Ростуше, за обновата на многу стари македонски обичаи, пред сѐ, традициите со празнување на Водици како слава на селото, изградбата на прекрасниот храм на Пресвета Богородица, како и за безрезервната помош, и духовна и материјална, на жителите на с. Ростуше. Почитувајќи го отец Партениј како наш пастир и духовен водач, го изразуваме нашето задоволство што тој останува на функцијата игумен на возљубениот од нас Бигорски Манастир, бидејќи без неговото присуство тука нашиот живот е незамислив.

На многаја лета, владико!

Со почит од Црковниот одбор при храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше.