Кога свети апостол Петар го заврши својот земен живот и беше повикан на небото, Господ му ги предаде клучевите од рајските порти. Со сесрдна ревност светиот апостол ја извршуваше својата возвишена служба, отклучувајќи ја рајската порта за душите на оние луѓе, кои со својот земен живот, согласно со решението на севишниот и праведен Судија, ги заслужуваат небесните блаженства.
Така, тоа се одвивало во текот на многу години, по востановениот и вообичаен ред. Но, еднаш, апостол Петар, сиот вознемирен, дошол кај Господа Бога и целивајќи ја Неговата светлосна облека, Му рекол: „Господи, нека ме заобиколи гневот Твој! Морам да ти ја објаснам својата вознемиреност. Еве веќе многу денови поминаа, како во Твојот пресветол Рај забележувам некои луѓе, кои јас ги немам пуштено да влезат низ рајската порта. Не можам себеси да си објаснам, на кој начин тие се провлекле овде. Нивните лица, некако, не личат на лица на праведни. Се плашам да не има посреде некаква ѓаволска лукавштина. Тој и слугите негови се способни за секакво лукавство. Но, знаејќи дека клучевите се секогаш кај мене и дека друг влез нема, јас сум непрестајно во недоумица, па дури и во тага“.
Господ му одговорил: „Твојата служба е твоја одговорност. Набљудувај ги внимателно тие што влегуваат во рајот, па така нема да има неповикани гости.“
Поминале неколку дена и апостолот повторно застанал пред Господа Саваот. „Боже Голем и Милосрден, секој ден сé повеќе и повеќе слуги се прикрадуваат, не знам низ кој пат, во рајските живеалишта. Се повикувам на Твојата мудрост и власт. Јас сум немоќен и мојата мудрост е ништожна. Ти си единствениот Сезнаен.“
Тогаш Господ рекол: „Ајде со Мене, свети Петре. Ќе ги обиколиме сите краеви на Рајот и сами ќе испитаме што е причината за тие појави, кои во тебе предизвикаа толку многу оправдани и пофални вознемирувања. Одиме!“
Така тие тргнале. Напред Господ, а зад Него апостолот. Долго оделе, дури и подзастанувале. Најпосле стигнале до портокаловата шумичка, и низ гранките од дрвјата забележале нечија небесно сина риза. Внимателно се провлекле поблизу, и што ќе видат? Под гората на зелена полјанка покриена со бели ради, стоела Пресвета Дева, која од работ на длабокиот амбис, ги гледала Земјата и сите луѓе. А, во раката на Пречистата, тенки, едвај видливи, скали, исткаени од најтенка сина свила. Од провалијата се слушале болни воздишки и страдалнички, пламени молби. Гледај, одеднаш Пречистата ги спуштила своите, како од пајажина, скали. Тие се одвиткувале, паѓале надолу, и еден по друг низ нив се искачувале бедни, измачени, преморени, заборавени луѓе, мажи и жени, и чекорејќи со страв, исчезнувале во рајските цветни градини и шуми.
После секој спасен човек, Пресветата Владичица ги подигала нагоре своите прекрасни раце и со умиление говорела: „Господи Мој и Боже, Ти сé гледаш, слушаш и знаеш. По Твоето неискажливо милосрдие, прости ми што го нарушувам мудриот поредок на Твојот пресветол Рај. Но, јас живеев на Земјата и самата сум Мајка. Можам ли да ја одбијам мајката, која моли за синот. Не сум ли јас мајка на сецелото слабо, страдално човештво. Прости го гревот Мој.“
Тогаш Господ ја спуштил Својата семоќна рака на рамото на апостолот Петар и рекол: „Да се повлечеме тивко одовде. Тука немаме никаква работа…“