Возљубени галичани, нека ни е честит и за многу години споменот на Светата Преподобномаченица Параскева!
Би сакал, најнапред, да им се заблагодарам на членовите на месната заедница од ова славно мијачко село, на чело со г. Александар Костиќ, кои љубезно нѐ поканија да отслужиме Света Литургија во овој скромен по изглед, но величествен по историја и духовност храм, посветен токму на Преподобномаченицата што ја славиме денес.
Оваа славна Светителка на Црквата Христова по потекло била Римјанка и живеела во вториот век по Христа, за време владеењето на римските императори Хадријан и Антонин, кога Христијаните биле сурово гонети. Потекнувала од благородни родители Христијани. Татко ѝ се викал Агатон, мајка ѝ – Политија. И двајцата нејзини родители рано го напуштиле овој свет, заминувајќи во Божјото Царство, а Светата Параскева, која Го беше засакала Христа уште од своите младини, од своето најрано детство, на околу 20-годишна возраст го раздала наследениот имот и заминала во еден од тамошните манастири. Откако здраво се утврдила во Христова вера и силно ги засакала Божјите добродетели, таа, со благослов на игуменијата, започнала мажествено, во тоа време кога било особено тешко да се биде Христијанин, да го проповеда Евангелието Христово, подобно на Светите Апостоли. Во нејзината апостолска дејност Параскева била многу успешна. Со помош на Божјата благодат, која моќно дејствувала во неа и преку неа, таа успеала да избави многу души од лажните и погубни пагански учења, што во таа епоха биле широко распространети. Слушајќи ја нејзината проповед, гледајќи ја верата нејзина и чувствувајќи ѝ ја љубовта, многумина незнабошци станале Христијани. Но, тоа не им се допаднало на некои Евреи, кои жолчно се бореле против вистинската вера, така што тие отишле кај римските незнабожечки власти и лукаво ја наклеветиле младата Параскева дека шири некакво учење спротивно на римското верување. Таа била веднаш повикана во царскиот двор и лично од царот ѝ било наредено да се откаже од Христа, нејзиниот Бог. Меѓутоа, младата и храбра Христова следбеничка и пред царот неустрашливо исповедала дека верува во единиот вистински Бог Исус Христос. Поради тоа, оваа света девојка била подложена на многубројни и страшни измачувања и страданија. Притоа, сите нив, таа, со помош на својот Бог, храбро ги претрпела и останала верна на небесниот Младоженец на нејзината душа – Христос. Најпосле, се удостоила со нераспадлив маченички венец, со тоа што нејзината чесна глава била со меч пресечена. Нејзината непорочна и света душа заминала во Царството на својот Бог, од каде и до денес се застапува за верните и многу им помага.
Во светата православна Црква имаме повеќе светителки што го носат ова име, Параскева, но оваа што денес ја прославуваме е најстарата, по потекло од некое римско село. Името го добила затоа што се родила во петок (на гр. Παρασκευή), но нејзините родители ѝ го дале тоа име од почит кон Страдањата на Господ Исус Христос, коишто се случиле на Велики Петок. Впрочем, почитта кон спасоносните Страданија на Господа е и причината зошто Христијаните постат секој петок, а не поради некакви суеверија и глупави верувања. Зашто, преку Распетието на Спасителот наш на Крстот добивме спасение. И токму преку тој крст и маченичкото поднесување на страданијата заради Господа, се осветиле и обожиле и денешната славеничка и сите други Светии и станале синови и наследници на Воскресението. Оти, преку крстот доаѓа воскресение. Таа е и пораката од Житието на Света Параскева, дека секој од нас треба да биде исповедник и маченик за Христовата вера. На грчки јазик за маченик се вели μάρτυρ, што во буквален превод значи сведок. Смислата е дека Христијанинот е призван секогаш да ја сведочи светлината Христова, која го просветува и осветува овој свет, според зборовите Негови: Јас сум Светлината на светот (Јован 8,12). Светиот Јован Златоуст вели: „да почитуваш маченик, значи да го подражаваш маченикот“.
Следствено, мили мои, ние, кои сега сме собрани во овој преславен храм на нашите предци, изграден за време на Отоманската Империја кога било речиси невозможно да се градат христијански храмови, да ја подражаваме во верата и делата денешната славеничка Параскева, која претпочитала да биде со Христа повеќе од сѐ друго. Оставила, значи, сѐ земно, прилепувајќи се за Христос и за спасението во Него и со тоа спасила и многу други луѓе околу себе. Всушност, тоа е должноста на сите нас. Особено денес, кога гледаме како околу нас се расклатени сите морални вредности, за кои слободно можеме да кажеме дека се придобивка на христијанската вера. Дури и доколку денешниот т.н. постхристијански свет зборува за некои морални начела, тие се оставина од христијанската цивилизација. Зашто, без Христа не можеме да зборуваме за некакви вистински духовни вредности. Тоа лесно можеме да го воочиме спознавајќи ја историјата на народите од Стариот век, вклучително и на тогаш најцивилизираните, какви што биле Хелените и Римјаните. Верата во лажни божества, преисполнети со најниски страсти и суети, поттикнувала и развратно и нечовечно однесување. Причинско-последичната релација на верата е таква: според тоа како верувам, така и живеам. Нашата света вера се нарекува ортодоксна, православна, правоверна, па оттаму секој Христијанин е должен правилно да живее, подобно на Светата Преподобномаченица Параскева и на безбројните маченици, знајни и незнајни.
Со такви блескави сведоци на Божјата красота и радост може да се пофали и родот наш, во кого имаме многубројни промери на сведоштво на вистината, дури и по цена на животот. Доволно е да си спомнеме на мачениците од периодот на Отоманската Империја, кога, рековме, е подигнат и овој храм. Огромен број на маченици, исповедници, монаси, учители, знајни и незнајни… Мачеништво било во тоа време, на пример, да се отвори едно народно училиште. А, како што вие добро знаете, на јужната страна од овој храм било отворено едно од првите училишта во мијачкиот крај, поддржано од монасите на Бигорскиот Манастир, особено од игуменот Арсениј. Тука, имено, за прв пат започнало да се изучува словото Божјо на мајчин јазик во овој крај. Затоа овој храм е толку значаен и величествен, не по својот изглед, кој морал да биде вака скромен, ами по духот и делото што го оставил во завештание. И мора и понатаму да остане величествен во нашите срца и никогаш да не го забораваме заветот и подвигот на нашите предци, кои граделе цркви и училишта, најнапред во своите срца, а потоа и од камен. Со голготски маки се труделе да отворат училишта, за да ги научат своите деца на христијанските возвишени вредности, кои се чувар, пред сѐ, на семејството, а потоа и на целото општество. Јас често во моите проповеди говорам токму за семејството, како основа и темел на едно општество. Денес, за жал, во голема опасност е оваа света богочоевчка заедница. Бракот, како света тајна на љубовта помеѓу еден маж и една жена, е придобивка исклучиво на христијанската вера. Преку таквото поимање, пак, на бракот, изградена е светската цивилизација на мирот и на доброто.
Имаме свето наследство, мили мои. Да се трудиме да ги подражаваме Апостолите, Мачениците и Исповедниците и со сите наши сили да го чуваме светото Предание на Црквата, кое Бог ни го открил преку нашите предци и последователи Негови. Денес, на пример, сме собрани за да чествуваме една жена, која според својот живот е, навистина, многу величествена и истовремено мажествено храбра. Иако пострадала во вториот век, пред околу 1800 години, нејзиниот спомен се слави насекаде по светот и таа до денес ни сведочи за вистинитоста на Павловите зборови, дека: Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машко – женско; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса (Гал. 3,28). Светата Параскева сѐ уште живо ни сведочи дека човек, доколку Го придобие Христа во срцето, станува бестрашен. Не се плаши од никаква власт и никакво зло во овој свет, туку храбро ја проповеда светлината, станувајќи самиот светлина. Повикани и удостоени сме да бидеме богови по благодат. Како што, среде многуте Светии на нашиот црковен небосклон, се обожила и Светата Параскева, па затоа прави многу чудеса и сведочи за Божјото Царство. Неслучајно нашиот народ толку многу ја почитува и молитвено прибегнува кон неа.
Мили мои, Преподобномаченицата Параскева нѐ повикува, особено денес, на нејзиниот спомен, да ги подражаваме нејзините добродетели, нејзиниот живот. Да Го возљубиме Бога и ближните со сета своја душа; да станеме проповедници и исповедници на светата вера наша и да живееме побожно, според начелата на учењето на Црквата. Светата Параскева нека ни помага во тоа со своите моќни молитви, за чиишто чудеса сведочи и овој храм. Се сеќавам, кога прв пат дојдов во ова село, го посетив и ова свето место и ја видов оваа црква разрушена. Немаше ниту кров. Потоа Христијаните одовде презедоа иницијатива за нејзина обнова, собраа средства од благочестиви дарители, особено од г. Ралев од Гевгелија и од г. Трифун Костовски од Скопје и го возобновија храмот како што го гледаме сега. Набрзо по обновата го преосветивме, заедно со надлежниот архијереј на Дебарско-кичевската епархија, многу почитуваниот Митрополит г. Тимотеј. Денес ја служиме првата архиерејска Литургија после неговото преосветување и ми претставува посебна чест што ме поканивте да служам.
Да сте живи и здрави! Ви благодарам на вниманието и на поканата.