Држи го својот ум во адот и не очајувај (V дел)

Се сеќавам, еднаш стоев во храмот посветен на Покров на Пресвета Богородица, кога духовникот отец Н. читаше акатист. Гледајќи го, помислив: „Јеромонахот е дебел и не може да прави длабоки поклони“. Во тој момент почнав да правам метании и нешто невидливо ме удри во крстот. Посакав да викнам за да ме придржи, но не можев од преголема болка.

Така Господ милостиво ме казни и ме вразуми никого да не осудувам.

Еднаш, после молитва седнав да размислувам за тоа дека не сакам да умрам. Говорев: „Господи, го гледаш моето срце. Не ми се умира. По долгата раздвоеност од родителите, човек радосно оди да ги пресретне, но, ете, Господи, мојата душа Те знае Тебе, па, сепак, не сака да умре“. И слушнав одговор во душата: „Тоа е затоа што малку ме сакаш“. И навистина малку Го сакам Господа.

Отец Лазар, кој беше капетан, ми го кажуваше следново:

Еден маж отишол во шумата по дрва. Кога се уморил од работата, легнал да се одмори под еден голем даб. Одоздола ги набљудувал гранките на дрвото и видел дека на нив има многу крупни желади. Си помислил: „Би било подобро на дабот да растат тикви“. Мислејќи така, задремал. Одеднаш паднал еден желад и го удрил по устата. Тогаш мажот рекол: „Згрешив. Бог е попаметен од мене и добро е што на дабот растат желади наместо тикви. Ако тоа беше тиква, можеби дури и ќе ме убиеше со својата тежина“

И ние често го осудуваме созданието Божјо, наместо да се предадеме на волјата Божја. Кој се предал на Неговата света волја, спокоен е, а кој сака сè да постигне со својот ум, неискусен е во духовниот живот.

За да ја познаеме волјата Божја, треба нејзе да и се покоруваме. Тогаш Господ со Својата благодат ќе нè вразуми и полесен ќе биде нашиот живот. Ако човекот Му се покори на Бог, ќе почувствува радост во душата, па макар бил и болен и беден. Тогаш тој со здрава душа, и разум и ум Го гледа Господ и со смирен дух Го љуби Бога. Поседувајќи ја таа љубов, тој го заборава светот. Но, и ако се сеќава на светот, љубовта Божја го привлекува со солзи да се моли за него.

 

Колку е пријатен Господовиот пат на нашиот дух

Неодамна изби пожар во ќелијата свети Стефан. Монахот кој живееше во неа за време на пожарот беше надвор. Меѓутоа, во намерата да спаси некои работи, влета внатре и самиот изгоре. Ако се помолеше на Господ и речеше: „Господи, сакав да ги спасам тие и тие работи, покажи ми, можам ли да го направам тоа или не“, Господ секако ќе го известеше и ќе му речеше: „Оди“, ако беше добро, или: „Не оди“, ако не треба. Господ е близу нас и нè љуби.

Во текот на својот живот, многу пати додека сум бил во неволја Го прашував Господ и секогаш добивав одговор. Овој израз на љубовта Божја не сум можел да го сфатам со умот, туку со благодатта на Светиот Дух според милоста Божја. Можеби некој ќе каже дека ова се случува само со светиите, но јас ќе ви кажам дека Господ ги сака и грешниците и им ја дава Својата милост, само да ги одврати од гревот. Господ ги прима во Својата прегратка со голема радост и ги приведува кон Отецот каде им се радуваат сите Небеса.

На 14 септември 1932 година на Света Гора имаше страшен земјотрес. Тој се случи навечер во 9 часот за време на бдението на Крстовден. Стоев кај хорот близу исповедалницата на отецот намесник, а самиот намесник стоеше покрај мене. Во исповедалницата од таванот почнаа да паѓаат цигли и малтер. На почетокот малку се исплашив, но брзо се смирив и му кажав на намесникот: „Еве, милостивиот Господ сака да се покаеме“. Погледнавме кон монасите долу во храмот и видовме дека малку се исплашија. Околу шест луѓе излегоа од црквата, додека другите останаа на местото и бдението продолжи, тивко како ништо да не се случи. Си мислев: Колку многу благодат од Светиот Дух имаше во монасите што останаа така мирни при ваков земјотрес, каде што се тресеше огромниот манастирски храм, паѓаше малтер, се нишаа полиелеите, кандилата и свеќниците, а во ѕвонариите од силниот потрес заѕвонија ѕвоната, дури и оние најсилните. Си помислив: „Душата која Го познала Господ од ништо не се плаши, освен од гревот, а особено од гревот на гордоста. Милостивиот Господ нас нè вразумува: „Покајте се деца, и живејте во љубов, бидете послушни и воздржувајте се и научете се од мене на кротост и смирение и ќе најдете мир во душите ваши“.

Еднаш отидов во српскиот манастир Хиландар. Ми се придружи отец Николај, гостилничарот на нашиот Тиваидски Скит. Отидовме ноќта преку една зелена шума. Патот беше пријатен, исто како и нашиот разговор. Разговаравме за љубовта кон ближните и отец Николај ми раскажа за еден интересен случај.

На југот во Русија, во близина на Ростов, во една занаетчиска фабрика, работеа 20 луѓе. Еден од нив по име Андреј многу лошо се однесуваше, така што беше многу тешко да се живее со него. Најмладиот, пак, од сите работници беше необично добар човек. Го љубеше Бога и ги исполнуваше Божјите заповеди. Се викаше Никола. Во една пригода Андреј направи многу зла и непријатности на своите другари. Поради тоа овие решија да го убијат. Младиот Никола не се вмеша во тој злочин, туку ги убедуваше тоа никако да не го сторат. Меѓутоа, другарите не го послушаа и го убија Андреј. Се дозна за убиството и веста стигна и до полицијата. Гледајќи ја неволјата на своите другари, Никола рече: „Сите вие имате жени и деца, а јас сум сам. Кажете им дека јас го убив, и јас ќе го потврдам истото. Не ми е тешко да одам сам во затвор. Ако вас ве осудат, ќе патите и вие и членовите на вашите семејства“. Во почетокот работниците ништо не одговарале, затоа што се чувствувале засрамени пред Никола кој ги советувал да не го убијат човекот. Меѓутоа, Никола ги убеди, така што тие кажале дека тој е убиецот.

На лице место дошле началниците, прекомандирот, иследниците и полицајците. Започнало судењето: „Кој е убиецот?“ Николај одговори: „Јас го убив“. Ги прашале и останатите и тие истото го рекле. Никола имал кротко лице и смирена природа, а говорел смирено и тивко. Иследниците долго го испрашувале и никако не можеле да поверуваат дека таков кроток и смирен човек е убиец. Сепак, случајот го предале на суд. Во судот на сите им било чудно така мирен и љубезен човек да биде убиец и никој од судиите не сакал да поверува во тоа, без оглед што Никола зборувал дека тој го убил. Судиите долго време не можеле да донесат пресуда. Раката не можела да ја потпише осудата. Повторно го испрашуваа, а потоа и сите останати за да се разјасни тајната. Најпосле го заколнаа Никола да ја каже вистината. Тој им рече дека ќе им ја каже вистината, ако ветат дека нема да го гонат вистинскиот убиец. За време на судот се разјасни дека Андреј беше лош човек, и прокуророт и судиите се согласија дека ќе го прекинат процесот штом ја дознаат вистината. Тогаш другарите на Никола ја кажале вистината, односно сè како се случило и како Никола сакал да ја преземе вината, за да ги спаси нив од казна. Судењето е завршено со изјава дека не е докажано дека Никола е убиецот. Еден од началниците рекол: „Андреј беше злобен човек и си заслужи според своите дела. Овие се добри луѓе и нека живеат во мир“.

Од ова се гледа колку моќ има љубовта кон ближните. Благодатта Божја која била во срцето на малиот Никола се одразувала и на неговото лице, а со тоа влијаела и на останатите луѓе.


Извадок од книгата: Архимандрит Софрониј, Старец Силуан, Велес 2014, 489-493