Архимандрит Емилијан Симонопетриски
✤✣✤
За надежта и покајанието
(втор дел)
✤✣✤
Така значи, кога се наоѓаме во морето на нашите гревови, критериумот за тоа дали ќе се спасиме или не, дали ќе ја видиме светлината на небесното Сонце, е тоа дали судиме. А ние сепак судиме. Тогаш што се случува? Го гледам тој и тој човек и велам: Навистина, оди в црква, ама го гледаш ли што мрзливец е кога е на работа? Штом така размислуваш за другиот, и Бог така ќе постапи со тебе. Ќе ти даде духовна смрт, и не ќе можеш ниту очите свои да ги отвориш, ниту грпката своја да ја исправиш. Ќе одиш в црква и кога ќе пораснеш, ќе те влечеме. Тогаш ќе бидеш и глув, нема да слушаш ништо, и ќе велиш: Ах, кога можев некогаш да се поправам, не го направив тоа. Сега, ај како да живеам!? Така, оној кој чувствува дека е нешто, ќе се најде во полоша состојба од оној кој сè уште е непокаен грешник. И светиот продолжува:
„Туку поскоро се восхитува на човекољубието Божјо и станува благодарен кон Добротворот; а освен тоа, добива и способност за многу други добри дела“. „Непокаениот грешник“ не ги гледа гревовите што ги прават другите, не мисли да ги обвинува или прекорува, туку се чуди на „човекољубието Божјо“; се прашува: Како тоа Бог ме прима мене? Претходно светиот рече: „Зар Бог не може да ја спаси твојата душа?“ И кога си среде хаосот, зарем Бог нема способност да ја спаси твојата душа? Со овој исказ сака да покаже, прво, дека Бог е семоќен. Второ, дека е сестран. Кога некој се дави, се обидуваш да го фатиш за рака, или му пушташ едно дрво за да се фати за него. Но доколку тој не сака да се спаси, што можеш ти да му направиш? А сепак, додека ти не можеш да го спасиш, Бог може, зашто е сестран. Има такви вештини, што го фаќа и одозгора и одоздола и на сите начини, и така сестраноста Божја го спасува и оној непокаениот. Бог е најголем „занаетчија“, сеспособен, премудар, ги изнаоѓа сите начини да спаси. Ние, пак, ги наоѓаме сите начини за да судиме и да обвинуваме.
Чудејќи се на човекољубието Божјо, непокаениот грешник, неморалниот, лошиот, злосторникот, убиецот, блудникот, прељубникот, станува „благодарен кон Добротворот, а освен тоа, добива и способност за многу други добри дела“. Најголемото што можеме да Му го дадеме на Бога, е тоа да не гледаме што прават другите, нив да ги покриваме, а ние да бидеме грешниците. И тоа – да бидеме благодарни и благомислени кон нашиот Добротвор. Постојат луѓе што пребиваат во грев без нивна желба. Тие не го избрале гревот, ама го наследиле од нивниот дедо, од нивниот татко. Или, пак, го стекнале кога биле мали деца, во забавиште, во основно училиште, во гимназија, во средно, во нивниот општествен пресврт, од учителот кој ги завлекол, од таткото кој бил строг и не им помогнал, од праведникот што сакал сите да бидат праведни, бидејќи самиот тој наводно бил праведен. Многу работи го влечат човека кон гревот. Овие големи грешници во себе имаат благодарност кон Бога, зашто сè уште ги остава да живеат во овој живот.
„Добива и способност за многу други добри дела“. На ова, браќа мои, треба да обрнеме посебно внимание. Сите, и монасите, но и ние кои се сметаме себеси за добри христијани, духовни, кои од мали дечиња Го возљубивме Бога, одевме на вероучение, во група, пеевме и велевме: „Силно посакав со Христа заедно да живеам“, сите ние какви ли не страсти криеме во нас! Додека, пак, грешниците „добиваат способност за многу добри дела“. Гледаш, на пример, еден верен општествен работник, станува научник, оди на факултет, ја проповеда правдата Христова. Но доаѓа еден миг, некој прави нешто, овој го суди со јаремот на праведноста, го обвинува и го казнува со неработење еден месец без платен надоместок. Како ќе живее неговото семејство? Како овој човек ќе застане пред општеството? Што ќе им рече на своите деца? Како потоа ќе го гледаат учениците? А оној не го размислил сето ова. Тој си е сигурен дека е спасен, бидејќи е добар, бидејќи се црквува секоја недела, може да појде и на вечерна во сабота, може да се причестува и секоја недела. Тој си е во ред со Бога, сè му е средено. Да, но тежината, неспокојството на другиот? Си размислил ли за другиот како се чувствува? Jа измери ли неговата грешка со мерката, со смирението, со безграничната љубов Божја? Уште и со долготрпеливоста Божја, којашто ти ја дарува тебе можноста да бидеш добар и праведен, и христијански научник? Или го судиш другиот со построга праведност? Праведност сакаш ти од Бога, или милост? А другиот нема ли потреба од милост?
Или, пак, доаѓаме в манастир. Манастирот, велиме, е девственост, богопоклонение, молитва, и се обидуваме да бидеме доследни во овие нешта. Но, сепак, само да ни побара некој наш брат нешто, може ќе му речеме не. Зошто да го кажеш тоа „не“? Не постои ли „да“? Или, пак, те замолува за нешто, а ти му велиш: сега сум изморен. Тоа е суровост, а особено се суровост судовите и прекорите што можеме да ги имаме, па макар да се тие и само во нашата глава. Нив ги гледа небесниот Бог, бидејќи е Ум и влегува во нашиот ум и ги открива. Спротивно на тоа, одиш кај еден грешник и гледаш дека тој го милува сиромашниот, и се однесува смирено кон другите, а и кон тебе се однесува благородно, мошне благородно. И доколку направиш некоја грешка, ќе ти ја прости, нема да ти ја спомнува постојано. Додека, пак, ние девствените, приснодевствените, непорочните, чистите, поклониците на Бога, кои шест часа од ноќта вртиме бројаница, само што ќе се случи нешто со кое не се согласуваме, веднаш го обвинуваме другиот. Но Бог кого ќе го обвини? Оној со гревовите семоќниот Бог ќе успее да го спаси, ама мене, праведниот, не ќе може да ме спаси, бидејќи во очите, во страдањето, во немоќта, во гревот на братот мој – не Го познав Бога.
„Иако при своето грешење тој му се потчинува на ѓаволот, сепак, преку стравот Божји тој не го слуша непријателот, кој го поттикнува кон очајание, и со тоа станува припадност на Бога“.
„Иако при своето грешење тој му се потчинува на ѓаволот“. Честицата „иако“ (καὶ εἰ) овде ја има смислата на определеноста, на стварноста. Синтаксата не е условна. Овој исказ подразбира некој што е роб на ѓаволот и греши, но „преку стравот Божји тој не го слуша непријателот, кој го поттикнува кон очајание“. Многу грешници грешат и плачат, плачат во себе и стенкаат и не можат да се избават. Сфаќаат дека Бог не сака да бидат такви. Во својата длабочина се бојат од Бога, но не се каат, сѐ уште не го оставаат ѓаволот, гревот, не можат, кутрите, робови се. И покрај сево ова, не го слушаат непријателот кој им шепоти: Ќе бидеш казнет, ќе бидеш казнет. Тие велат: Не, нема да бидам казнет, макар и да згрешам седумдесет пати по седум1 .
„И со тоа станува припадност на Бога, имајќи благомислие, благодарност, трпение, страв Божји, (дарот) да не се суди за да не се биде суден – сè што е толку многу неопходно“. Колку убав исказ! Какво откритие за еден човек што е грешник! Колку убава врата ни отвора Бог во состојбата во која се наоѓаме, но и за денот кога ќе ја отвори небесната судница, како што тоа ние го чувствуваме. „И така станува удел на Бога“. Грешникот самиот во себе разбира, нешто во него му вели: И јас сум дете Божјо, Бог нема да ме остави. „И со тоа“, т.е. поради тоа што не се разочарува и вели: Ќе ме спаси Бог, макар што јас грешам – станува „припадност на Бога“. Грешникот сега чувствува како да се приближува и да влегува во рајот, бидејќи сфаќа дека е „припадност на Бога“. Навистина, „наградата за гревот е смртта“2 , но доколку не очајуваш, доколку разбираш дека Бог слегува во Тебе, во твојата најдлабока беда, тогаш, наместо да појдеш во пеколот, без да сфатиш, се наоѓаш во прегратката Божја.
И бидејќи грешникот сфаќа колку е тежок неговиот грев, тој кон Бога чувствува благомислие, благодарност, има трпение, страв Божји, и најважното – тоа го повторува – тој не суди за да не биде суден3 . Вели: Боже мој, иако згрешив, иако грешам, иако ќе згрешам многупати, не судам никого, за да не ме судиш и Ти мене, но нека се овистини тоа што Ти го кажа: „Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери“4 . Благодарноста, трпението и особено тоа да не судиме, „е толку многу неопходно“.
Продолжува
1.Види: Мт. 18, 22.
2.Рим. 6, 23.
3. Лк. 6, 37.
4.Мт. 7, 2.