Почетокот на годината со благослов, благопожелби и благодат

Со силна духовна радост и благодарност кон живиот Бог, Бигорската свештена обител молитвено и торжествено ги прославени големите црковни празници – Обрезанието Господово, свештениот спомен на светиот отец наш Василиј Велики, како и благословениот почеток на Новото лето Господово.

Во ритамот на богослужбениот поредок, монашката заедница на нашиот возљубен старец, епископот Антаниски г. Партениј, заедно со множеството верни од разни краишта, кои со пожртвувана љубов притекнаа во манастирот, со повеќечасовно бдение и со светотаинска полнота на Божествената Евхаристија, го освети овој благодатен почеток на годината. Како круна на празничното торжество, беше отслужена светата Василиева Литургија, со којашто чиноначалствуваше владиката, вознесувајќи усрдни молитви за мирот на светот, за запазување на Црквата во единство на верата и за духовна крепкост на сите кои со надеж и доверба прибегнуваат кон Господа.

Во молитвеното општење на светата Литургија, присутните се причестија со Телото и Крвта Христови, црпејќи од неисцрпниот извор на благодатта, преку Кој времето се осветува и човечкиот живот добива вистинска смисла. Така, Новото лето Господово беше пречекано не само како календарски почеток, туку како жив повик кон духовно обновување, покајание и целосна доверба во Божјата промисла.

По завршувањето на светата Литургија, во духот на традицијата, Старецот ја благослови и ја подели Василопитата, како спомен на големото милосрдие и татковската грижа на свети Василиј Велики кон народот Божји. Овој благословен чин беше проследен со радост, благодарност и молитвена надеж дека и во текот на новата година Господ ќе ја излева Својата милост врз сите.

Во продолжение, владиката Партениј се обрати кон верниот народ со вдахновено и проникливо пастирско слово, во кое потсети дека верата не е само исповед на усните, туку жива и дејствителна доверба во Бога, што се сведочи во секојдневниот живот. Преку примерот на свети Василиј Велики, тој нè повика да ја осветуваме секоја минута од нашето време со молитва, смирение и љубов, имајќи пред очи дека само во единството со Христа се наоѓа вистинскиот мир и вистинската радост.

Нека молитвите на светиот Василиј Велики и благословот од Обрезанието Господово ги укрепуваат сите во верата, а Новото лето Господово нека ни биде мирно, плодородно и спасително, за да можеме со благодарни срца во секој миг да Го славословиме Бога, Кој е почеток и крај на секое време. Амин.