Книги на љубовта

Еден византиски цар беше нарачал од некој си краснописец да му направи препис на Стариот и Новиот завет. Долго траеше тоа дур овој не заврши со работата, ама, пак резултатот беше за восхит. Оваа чудесна Библија, вредна повеќе и од петнаесет златници, царот ја подари на еден старец пустиник, што еднаш му имаше помогнато. Тој скапоцен дар, старецот, нешто пред да се упокои, му го предаде на својот послушник Геласиј.

Годините минеа и Геласиј стана духовник на еден скит со поголем број монаси.. Обично прекрасната книга на старецот тој ја оставаше во скитската црква, за сите отци да можат да си ја користат. Библијата беше вистински украс и будеше восхит кај сите. Еднаш утрото, по завршетокот на службата, стигна во скитот некој си калуѓер на поминување. Одеше тој на средба со некој старец во прилично далечен скит, но кога стаса до скитот на Ава Геласиј, намисли малку да застане.

Откако го дочекаа и послужија, отците го внесоа во Црквата за да се поклони на светињата. Го оставија да се помоли, но искушението го наведе да ја загледа скапоцената книга. Не ѝ одолеа на помислата да ја украде и така тој ја сокри под својата мантија и брзо го напушти скитот. Ава Геласиј веднаш дозна за кражбата, но не им кажа ништо на отците, оти не сакаше да го уловат крадецот.

А оној калуѓер, како стигна во градот, не губеше ни миг. Веднаш почна да бара некој што би бил заинтересиран да ја купи оваа скапоцена книга. Наскоро тој си најде купец и веднаш почнаа да се ценкаат. Отпрвин калуѓерот бараше шеснаесет златници, но купецот не прифаќаше да даде толку пари, зашто не веруваше дека книгата вреди толку. Долго се расправаа, така, околу цената сè додека купецот не предложи:

-„А, да ми ја оставиш оче, на неколку дена за да ја покажам на еден мој познаник што се разбира во овие работи?“

Калуѓерот се согласи да му ја остави на купецот на неколку дена за да може овој да го праша и својот пријател за мислење. Веруваше дека на крај ќе успее да заработи многу пари. А купецот штом ја зеде книгата, отрча кај Ава Геласиј, кого го почитуваше многу, па го праша за мислење.

-„Аво, ми ја нудат на продажба оваа Библија за шеснаесет златници. Што велите, вреди ли толку или да не ја купувам?“ рече тој и му ја покажа Библијата на Авата. Ава Геласиј веднаш го препозна дарот од старецот и без никакво возбудување рече:

-„Земи ја, брате. Навистина вреди, барем колку што можам јас да видам“.

Купецот му заблагодари, ја зеде Библијата и радосен заради трговијата што требаше да ја направи, стигна во градот и го најде калуѓерот. Но, тогаш му падна на ум да излаже и така да проба да ја спушти цената.

-„Ајде човеку… Те чекав… Што бидна?“ Рече калуѓерот кога го сретна.

-„Благослови оче. Ама се плашам оти ќе те разочарам.

Отидов и на Ава Геласиј му ја покажав книгата што ми ја даде, но тој ми рече дека не вреди толку колку што велиш. Вредноста ѝ е многу помала“.

На самото спомнување на името од Авата калуѓерот затрепери.

-„Ти рече ли Авата уште нешто?“ праша калуѓерот.

-„Не оче… Ако сакаш, значи, ќе ти дадам дванаесет златници за да ја купам“, му одговори купувачот.

Но, од сето она што го кажа купувачот, калуѓерот не слушна ни збор. Мислите му беа кај Ава Геласиј и неговата постапка.

-„Значи, се договоривме?“, праша купувачот.

-„Не, брате мој… Не, не, илјада пати не. Прости ми што толку се потруди, но јас се премислив. Не ја продавам книгата“, рече тој и како ја зеде Библијата се изгуби низ градските улички. Долго талкаше, а во него се одвиваше вистинска борба. Авината добродетел и љубовта што ја покажа кога не го издаде, како со игла го прободуваа неговото срце, вознемирено од кражбата што ја изврши. Многу солзи се лееја од неговите очи и полн со искрено покајание тој се упати по патот кон Авиниот скит.

Кога стигна во скитот, го виде Ава Геласиј како седи на малата клупа кај влезот. Падна на колена пред Авините нозе и не престанувајќи да лее солзи, го молеше да му го прости неговото страшно недело. Авата навистина и му прости заради неговото вистинско покајание.

-„Бог да те благослови, брате. Ама и јас сакам тебе нешто да те замолам. Земи ја Библијава на дар заради нашето познанство“, рече Авата.

Но, каде калуѓерот да најде сила да ја прими книгата што ја имаше украдено? Со уште повеќе солзи и болка во душата му рече на Авата:

-„Те молам, мој Аво! Прими ја назад книгата што ти ја украдов, зашто инаку душата моја не ќе најде мир. Те молам…“

-„Ако е така, брате мој, тогаш оди и остави ја таму од каде што и ја зеде“, рече Авата, а калуѓерот веднаш истрча и ја постави скапоцената Библија на своето место, во скитската црква, точно таму од каде што скришум ја беше зел.

Добрината на Ава Геласиј од корен го промени овој калуѓер, и тој побара од старецот да остане кај него како послушник. И навистина, Авата го прими и од тогаш калуѓерот никогаш повеќе не направи слична грешка.