Некој многу богат бизнисмен сакаше на својот син да му покаже што е сиромаштија, за уште повеќе да си го цени богатството што го има. Го однесе на село кај едно сиромашно семејство со многу деца. Поминаа таму дури два дена.
-И? Виде ли сега што е разликата меѓу богатството и сиромаштијата? – го праша богатиот својот син кога се вратија дома.
-Видов, тато! – одговори детето. – Јас сум единец, а тие деца имаат браќа и сестри. Ние пред куќата имаме базен, а тие имаат река во која пливаат и ловат риба. Ние имаме клима уред, а тие само ќе ги отворат прозорците и им доаѓа свежина од дрвјата пред куќата и од реката. Ние за птиците гледаме на телевизија, а кај нив вистински птици им слетуваат на прозорците. Ние имаме куче, а тие имаат стадо овци. Да, тато, научив што е богатство и жал ми е што не сме така богати.