Професорот заврши со предавањето и како по навика се обрати кон своите студенти:
-Дали имате некое прашање?
Без да очекува некаков одговор, тргна кон вратата, но тогаш еден од студентите ненадејно го праша:
-Професоре, која е смислата на животот?
Другите студенти, кои веќе беа на излегување, потсмешливо се загледаа во својот колега.
Затечен од ова прашање, професорот некое време немо го набљудуваше студентот, прашувајќи се во себеси дали тој е сериозен или во прашање е некоја шега. Но набрзо сфати дека студентот навистина очекува одговор.
-Ќе ви одговорам – рече професорот. Потоа со раката посегна по џебот и од него извади паричник. Внатре имаше парче огледало големо колку една монета. Се загледа во парчето огледало и ја започна својата приказна:
-Бев дете кога почна војната. Еден ден на улицата видов безброј парченца од огледало што некој претходно го скршил. Бидејќи немав ниту една играчка, зедов едно од тие парченца за со него малку да си поиграм. Кога почнав да си играм со огледалото, ме понесе сознанието дека со него можам сончевата светлина да ја насочам и кон некои места и агли каде што сонцето не можеше да допре: длабоки јами, темни простории, делови на северните и студени страни на зградите… Кога пораснав и станав човек, сфатив дека тоа не беше само игра, туку и метафора за она што би можел да го правам во животот. Имено, и јас сум делче од едно огледало, кое не го познавам во целост, во сета негова величественост. Но и со она што го имам и што мислам дека сум, можам да внесам барем малку светлина, вистина, разбирање, добрина и нежност во темните и скриени катчиња на човечките срца и можеби така да променам нешто во човекот чие срце е мрачно.
Ако тоа и другите луѓе го забележат и сфатат, може и тие ќе се потрудат да го направат истото – да внесат светлина таму каде што ја нема. Ете тоа за мене е смислата на животот. И токму поради тоа уште го чувам ова парче огледало што со својата игра на светлината ми го покажа патот.