Со злато навезени одежди

Зазори Божјиот ден во вечниот град. Цариград, облечен во сјајот на легендите и во позлатените бои на вековите, се губеше во далечините на хоризонтот со своите големи византиски цркви, со палати и градини од сништата, со тврдините и бедемите со трофеи. Град, што како ниеден друг на светот, ја запозна убавината, отменоста и над сè верата.

И си имаше Бог во тој град многу избраници. А од сите нив, најсмирен меѓу смирените, беше свештеникот Маркијан. Од малечок беше бележан од Божјата рака. И тој го послуша Божјиот глас и си одреди да живее само за Бога и Неговата љубов.

Неговата слава се беше раширила по целото царство и ги опфати дури и најдалечните краишта. Велеа дека е човек кој никогаш немаше нешто свое, зашто секогаш сметаше дека друг има поголема потреба отколку тој. Татко на сиромашните и бедните – се трудеше целиот свој ден да го потроши на милосрдие и љубов.

Неделната зора го со брзи чекори го донесе Маркијан до сокачето што водеше кон црквата на света Анастасија. Беше тоа еден величествен храм каде тој години служеше како собрат. Денес беше голем ден: осветување на храмот. Требаше, значи, да се погрижи за сè. Со крилест чекор и молитва на усните минуваше низ лаковите и аркадите на Цариград. Патот беше пуст. Стигна пред западниот трем и излезе кај голем квадратен двор со прекрасна фонтана. Одовде се гледаше оградата на храмот. За Цариград ова беше студена зима и бидејќи сè уште во мугри, мразот немилосрдно штипеше. Со еден потег Маркијан ја завитка мантијата околу себе, но како веднаш да се покаја.

-„Спомни си, Господи, за бедните, Твоите мали браќа“, рече тој тивко. Стигна до големите скали. Величествената глетка му го привлече погледот. Но, кога тргна да ги помине, слушна некое офкање од страната. Маркијан се зачуди и се прекрсти.

-„Господи, помилуј“, рече . „Кој ли би можел да биде во ова доба?“ Но, овој пат офкањето се слушна уште погласно. Беше мрачно и на Маркијан не му се гледаше добро.

-„Ама, кој е тоа?“ рече тој, сега нешто погласно.

– „Милост, оче“, се слушна еден намачен глас. Таму на големите скали седеше некој беден просјак, помодрен од студот.

-„О, брате, мој“,збунето рече Маркијан. „Треба да ти помогнам, но кај себе немам ништо за тебе“. Ја вовлече раката во мантијата, не би ли нашол нешто. Но, ништо не најде. Помисли да му рече да го чека таму кај скалите, зашто после Литургијата можеби ќе има нешто да му даде. Но, тогаш можеби ќе биде веќе доцна.

-„Помогни ми, Господи, Што да правам?“ шепотеше Маркијан.

Тогаш човекољубивиот свештеник намисли да направи нешто невообичаено. Во секунда го отвори храмот и истрча до ѓакониконот, значи во просторијата каде свештениците облекуваат одежди за да служат Божествена Литургија. Тука тој ја соблече мантијата и ги облече своите одежди. Потоа излезе во дворот на храмот и подавајќи му ја на просјакот својата мантија му рече:
-„Немам што друго да ти дадам. Земи го ова. Мене ни ми треба оти сега ќе служам Божествена Литургија. Земи, твоја е“.

А просјакот, восхитен од толкавата добрина, ги целиваше рацете на својот добротвор, и преполн со радост, си замина.

Времето минеше. Одлево и оддесно имаше многу луѓе облечени во празнично руво. Дојдоа и официјалните лица во своите униформи обвиткани со свила и кадифе. А, потоа витезите и војводите, и најпосле и самиот цар. Во раскошно украсената црква сè доби празничен карактер. Покрај царот, дојде и застана патријархот. Црквата блескаше со заслепувачки сјај. Илјадници полиелеи со својот блесок го претворија храмот во брод кој плови кон небото.

Но, наеднаш, сите погледите се насочија кон олтарот каде беше Маркијан. Секогаш кога тој ќе се појавеше на олтарните двери се чинеше како на себе да носи злато-везена одежда, која и покрај сјајот на денешниот ден, не му прилегаше на еден обичен свештеник.

Набрзо, од помисли се премина на коментари. Шепотењата, кои стануваа сè посилни и посилни, го попречуваа пеењето.

-„Види го ти Маркијан. Зар не се срами? Каква, само, одежда носи?“ рече еден.

-„Што мисли, кој е тој! Последниот свештеник во Цариград, а носи одежда пораскошна од таа на патријархот! За срамота“, одговори друг.

-„Срамота! Срамота!“ се слушаше од сите страни. Цел храм блескаше од одеждите на Маркијан.

-„Некој треба да му каже на овој свештеник, Пресвети, да се облекува со помала суета“, му шепна на патријархот еден клирик.

Патријархот го засегна она што го слушна. Го знаеше Маркијан како смирен и сериозен клерик. Ама не можеше ништо да каже за неговото денешно однесување. Конечно реши дека штом ќе заврши Литургијата, сериозно ќе му приговори.

Откако ја раздели нафората, патријархот го повика Маркијан на страна.

-„Денес, Маркијане, не постапи добро. Што значи таа одежда што ја носиш? Каков пример ќе им покажеш на бедните од нашето општество? Свештеникот, дете мое, треба да е едноставен“.

Добриот свештеник се збуни. Фрли поглед на одеждите што ги носеше и смешкајќи се, но секогаш со почит, одговори:

-„За какви тоа одежди зборувате Ваша Светост? Ако мислите на овие што ги носам, тоа се истите оние што ги имам од денот кога ме ракоположивте, еве веќе дваесет и пет години!“

Сега патријархот се разлути. Ова е веќе претерано. Во очи му се потсмева! Одлучи да го казни.

-„А, што е ова?“, викна патријархот. Но, кога со рака ги дофати одеждите, виде дека тоа се оние старите, кои Маркијан ги носеше веќе со години. А по првото изненадување, следеше и второ.
Патријархот виде дека Божјиот човек не носи мантија под своите стари одежди. И полн со недоумици праша:

-„Ама кој те соблече Маркијане?“

Тогаш човекољубивиот свештеник го зеде Евангелието во свои раце и покажувајќи го, му рече на патријархот:

-„Ова овде ме соблече, Ваша Светост“.

Тогаш патријархот, потполно трогнат, силно го прегрна Маркијан и со солзи во очите му рече:

-„Дете мое, кога сите свештеници и сите луѓе би живееле како тебе, не ќе имавме потреба од никакви зборови. Ќе беше доволен само нивниот пример!“